Второ издание на романот „Аб’т“

Драги читатели,

Ве информираме дека денес од печат излезе второто издание на романот „Аб’т“ од Оливера Ќорвезироска, кој премиерно беше објавен во 2019 година како 175 книга во популарната едиција „ПРОаЗА“.

Реизданието е дополнето и збогатено со поговорот на Владимир Јанковски насловен „Куќата, бунарот, аб’тот и реслото на семејните приказни“, во кој авторот потенцира:

Романот „Аб’т“ од Оливера Ќорвезироска го има еден од најпоетичните и најубави почетоци во македонската литература. Мајката на јас-раскажувачот слегува во бунарот за таму да го види живеалиштето што нејзиниот сопруг си го изградил за себе. Откако ќе се запознае со новиот животен простор на својот животен сопатник, уреден „речиси како тука горе“, таа со насобраните љубопитни соседи разговара и им одговара на прашањата што видела во бунарот кој се претворил во дом сместен осумнаесет метри под површината на земјата. Како во најдобрата традиција на магичниот реализам, атмосферата е чудесна и истовремено нормална.

Од друга страна, „Аб’т“ е јазично извонреден роман, често набиен со поетски интензитет, кој докрај ги користи капацитетите на јазикот на кој е напишан. Роман кој не толку удобната реалност ја трансформира во удобност во јазикот, создавајќи мало утописко засолниште на литературата во однос на стварноста што ја опкружува“. 

Се надеваме дека романот набргу ќе дојде во рацете на оние читатели кои го пропуштиле и го немаат во својата домашна библиотека.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна