Второ издание на „Шрапнел“
Драги читатели,
со радост Ве информираме дека денес од печат излегува второто издание на романот „Шрапнел“ од Игор Анѓелков.
Ова е убава можност за сите оние што го пропуштија и за оние кои во меѓувреме прашуваа за романот-финалист за „Рациновото признание“, да стане дел од нивната домашна библиотека.
Пренесуваме дел од реакциите на критичарите и читателите по прочитот на книгата:
„Одличен роман! Издржан, непосреден, а питок, но не во смисла на боза, туку јегер кој ти помага полесно да го свариш овој наш свет“. Снежана Стојчевска
„Наспроти леснотијата со која се голта секоја страница или токму заради непретенциозноста на неговиот стил кој едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска, „Шрапнел“ на Игор Анѓелков е прекрасен, зрел, мајсторски напишан роман кој верувам дека ќе се чита и препрочитува барем во неколку генерации“. Ана Мартиноска
„Комплексен роман, сложен, со масивна структура и рафален татнеж ко од раскажувачки шрапнел. Со двојна метароманескност, всушност – тројна (два романа на двајца кои градат трет, ем ликови, ем писатели…), што и не е ниту често во нашата книжевност, ниту, пак, лесно за работа. Роман со прекрасни сцени сосе мојата омилена – едно качување на една билетарница за да се избегне долгиот ред за билети, како излезено од најдобриот негледан филм“. Оливера Ќорвезироска
„Оваа книга е од оние која не вришти на цел глас: види ме колку сум добра па читај ме, види ме колку сум паметна па мораш да ме читаш. Не дека не е добра и паметна, напротив, таа е се’ од тоа и многу повеќе. Но, ме плени со својата скромност и ненаметливост, со својата тивка силина и убавина. Класичен пример каде темата не треба под дифолт да биде бомбастична и звучна за да се создаде книга вредна за почит“. Благородна Димоска-Буџакоска
„Кога почнав да ја читам книгата, немав претстава дека ќе навлезам толку длабоко во една (во овој случај неколку) интимни приказни. Авторот со својата непосредност и ненаметливост, со стил секому близок, ни раскажува за меѓучовечките односи со кои верувам секој од нас барем еднаш се има соочено во животот. Сето тоа пропуштено низ нишката на блиското минато, проткајува блага меланхолична насмевка на малку подзаборавеното време на безгрижноста, која ја земаме здраво за готово. Се` на се`, генијален подвиг на писателот да вметне две (иако стилски различни) животни приказни кои меѓусебно ќе се надополнуваат. И секако, зачинето со мали скриени референци на музички и книжевен план. Топло препорачувам“. Андреј Иванич Манговски
„Романот „Шрапнел“ е пример како треба да изгледа нашата современа проза. Ова е лектира за сите пишувачи, вклучувајќи ме и мене. Во присутното да внесеш фикција, а не обратно, и да плукнеш ко што е редот, како шаржер испукан во секој од нас. Треба да си дозволиме да не’ раскопа малку по еден шрапнел. Се радувам што најмалку по една деценија се појави роман со вредностите на македонската современа проза. Конструкција на реченици, должина, придавки, вербализам, дијалози, преклопување, спојување, неусетност, пораки помеѓу, поздрави и кажување директно в очи… Сепак, треба да се јави критичар од мајка роден кој ќе зборува гласно за тоа што е добро, а што средно и просечно во нашата литература. Ти благодарам“. Цветанка Колева