Влатко Деловски е роден во Битола, а потекнува од моштенскиот ареал на Пелагонија. Од Градежен факултет заминал да студира на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, подоцна магистрирал на Институтот за македонска литература во Скопје на тема: „Културолошки параметри во првата канонизација на светители за МПЦ-ОА“. Во моментов работи како етнолог при Завод и Музеј Битола. Исто така, работи и како консултант – надворешен научен соработник при Бигорскиот манастир „Св.Јован Крстител“. Влатко е реализиран човек во рамки на заедницата, сопруг, татко на две деца, активен велосипедист и планинар, качувач по карпести предели.
-
Од личност до маска – за новата „нормалност“
„Најнапред да им се извинам на моите деца, оти си ветив дека првата книга што ќе ја објавам за нив ќе биде поезија, ама се надевам дека ќе ми простат што не стоев на ветувањето. Оваа „специфична исповед“ се издаде по препорака на моите професори, проф. д-р. Дејан Донев и проф. д-р. Ана Димишковска кои безрезервно ме поддржаа и критички ми помогнаа да го издадам овој есеј. Патем и мнозина други сметаа дека содржината (актуелноста на темата) може да ѝ биде од полза на читателската јавност, за што јас искрено се сомневам.
Содржината произлегува од една работна задача кај проф. д-р Дејан Донев од Институтот за философија по предметот „Етика во научно-истражувачката работа“, генерички предмет што е составен дел од корпусот предмети на културолошките докторски студии на Институтот за македонска литература, на кои сум запишан како докторанд. Голема благодарност и до Институтот за македонска литература, и, секако, до мојата менторка, проф. д-р. Соња Стојменска-Елзесер, со која заедно ќе се обидеме да направиме добар докторски труд.
Радоста и задоволството ќе ми бидат постојани доколку на читателите им се допадне нешто од оваа книга. Во спротивно, радоста за текстот нема да ми пропадне, оти ќе ми остане убав спомен, за убавите дружби со сите оние, кои на еден начин се поврзани со ова дело“.