-
ИЗБРАНИ ДЕЛА: Агрикола, Германија, Дијалог за говорниците
„Агрикола“ или „За животот и карактерот на Агрикола“ е посмртно пофално слово напишано во чест на истакнатиот римски политичар и војсководец Агрикола од страна на неговиот зет Конелиј Такит – говорник, историограф, политичар, сенатор и угледен аристократ од периодот на принципатот и нововоспоставената монархија. Возвишувајќи ги војничките вештини и моралните доблести на Агрикола, како позадина во рамката на панегиричната слика, ненаметливо, но сепак убедливо Такит вметнува и политички мотиви и историско-етнографскиот опис на Британија, па ова возбудливо четиво се претвора во пофалба на римската чест и доблест.
„Германија“ или „За потеклото и местоположбата на Германите“ според повеќе критериуми се вклопува во етнографската книжевна традиција и претставува географско-етнолошка монографија за етногенезата, антрополошките особености и психофизичките типови на германските племиња, веродостојни описи на климата и условите за живот, но и пофалба на нивната скромност, храброст и решителност да се одбранат од освојувачките напади на римската војска. Контрапункт на овие карактеристики на Германите се негативните појави во римското општество коишто Такит ги критикува, но истовремено ги величи римската воена моќ, државничка организираност и цивилизаторска супериорност.
„Дијалогот за говорниците“, пак, низ дискусиите на познатите говорници за причините за пропаѓањето на римското говорништво го критикува принципатот како уредување што ги гуши слободите, вклучително и слободата на ораторите, па монархијата ја изедначува со тиранија, го критикува апсолутизмот на Домитијан и ги открива надежите во доаѓањето на новата власт на Трајан.
-
Латински цитати, изреки и фрази
„Латински цитати, изреки и фрази“ е збирка од нешто помалку од 5000 латински цитати, изреки, фрази, правни максими, девизи на поединци или групи, здравствени препораки, хералдички гесла и други куси латински изрази од различна провениенција. Најбројни се цитатите од римската книжевност, од латинскиот превод на Библијата (Vulgata) и од некои подоцнежни дела. Поради широкиот опсег на употреба многу од овие цитати стекнале статус на поговорки. Одраз на нивната огромна популарност низ вековите е влијанието што го извршиле врз фразеолошкиот фонд и врз паремиската граѓа на современите јазици. Многу од овие цитати, изрази и фрази и денес се присутни во книжевноста, журналистиката, јавниот дискурс и популарната култура. Единиците што се поместени во збирката „Латински цитати, изреки и фрази“ се подредени по абецеден редослед, а наместа по преводот следи кус коментар со појаснувања на значењето, потеклото и(ли) на контекстот во кој изразот бил употребен.
Напомена: Објавен е и тврд повез од книгата, кој чини 990 денари. Доколку сакате примерок од ова издание, Ве молиме контактирајте не’ на телефон или по мејл, доставата ќе биде на наш трошок 😉
-
Втора филипика
Марк Тулиј Кикерон (106-43 год. пр. н. е.) е најистакнатиот претставник на римското беседништво. Неговите беседи против Марк Антониј се создадени во периодот меѓу 44 и 43 год. пр. н.е.. Насловот „Филипики“ (Philippicae) го добиле од самиот автор по углед на истоимените беседи што грчкиот оратор Демостен ги одржал против Филип II.
„Втората филипика“ се издвојува од останатите „Филипики“ по обем, а и по тоа што во неа Кикерон го напаѓа Марк Антониј многу пожестоко и поостро отколку во другите беседи од истиот корпус. Со оглед на тоа што Кикерон оваа беседа никогаш не ја изговорил јавно, таа е инвектива во пишан облик или политички памфлет структуриран како инвектива.
„…Ниту едно момче што било купено за да задоволи нечија похота не му робувало на својот господар така како што ти му робуваше на Курион. Колку само пати татко му те исфрли оддома, колку само пати постави стражари за да не му влезеш вкуќи! И покрај тоа, ти, под закрила на ноќта, омаен од похота и алчен по пари, доаѓаше таму преку покривот. Таа куќа веќе не можеше да се носи со тој срам…“
-
Медеја
Во фокусот на трагедијата „Медеја“ од Л. А. Сенека се нескротливиот гнев и страдањето што гневот може да го предизвика. Ако со силата на разумот човек не успее да го скроти, гневот како жесток и бесен пламен немилосрдно пустоши и разорува сè пред себе.
Медеја не може да го скроти разоглавениот гнев што во неа го предизвикува новиот брак на нејзинот љубен сопруг Јасон. За да му се одмазди на Јасон за прељубата, извршува злосторство со кое и самата станува жртва.
-
Вистинска приказна
„Вистинска приказна“ е едно од најпознатите и најчитани дела на Лукијан од Самосата. Претставува типичен жанровски хибрид во кој се измешани елементи на авантуристички роман, сатира, научна фантастика и пародија. Со врвно јазично и стилско мајсторство и со исклучителна имагинација, Лукијан нè води на возбудливо патување на Месечината, во утробата на еден кит, во подземниот свет, на Островот на блажените и на многу други попатни места, на кое нè запознава со различни вонземни облици на живот.
„Вистинска приказна“, според многумина, е првиот научно-фантастичен роман во историјата на западната книжевност. Бил книжевна предлошка за многу подоцнежни дела, меѓу кои „Гуливеровите патувања“ од Џонатан Свифт, „Патување на Месечината“ од Сирано де Бержерак, „Mikromégas“ од Волтер, како и за „Патувањето на Пантагруел“ во четвртата книга за Пантагруел на Франсоа Рабле.
„За време на мојот престој на Месечината забележав некои необични и чудни работи за кои сакам овде да раскажам. Прво, таму луѓето не се родени од жени, туку од мажи. Склучуваат бракови со мажи, и зборот „жена“ воопшто не им е познат. До дваесет и петтата година од животот секој има улога на сопруга, а по таа возраст – на сопруг. Децата не ги носат во утробата, туку во ножните листови. Кога ќе се создаде ембрионот, ногата почнува да им набрекнува. Некое време потоа, ја засекуваат и од неа го вадат новороденчето мртво. Го оживуваат така што го оставаат со отворена уста да седи спроти ветер…“