„Засолниште во времето“ од Господинов како јубилејна, 200 книга во едицијата „Проаза“
Со огромно задоволство Ве информираме дека денеска од печат излезе преводот на романот „Засолниште во времето“ од Георги Господинов, како двестота, јубилејна книга во популарната едиција „ПРОаЗА“на издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“.
Како еден од најчитаните автори од преводната литература, чии романи „Физика на тагата“ и „Природен роман“ и збирките раскази „И се’ стана месечина“ и „Сите наши тела“ се меѓу најкоментираните и најомилените меѓу нашата читателска публика, драго ни е што со новиот роман на Георги Господинов го славиме овој убав јубилеј на нашето издаваштво, на прагот на дваесетгодишнината од нашето постоење .
Преводот од бугарски на македонски јазик е на Душко Крстевски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
За новиот роман на Господинов, критичарите напишаа:
„Моќен и брилијантен роман: јасен, претчувствителен, енигматичен. Роман во кој иднината попушта како скапана греда, а минатото надоаѓа како поплава“. Сандро Веронези, автор на „Колибри“ и „Тивок хаос“, двоен добитник на Premio Strega
„Бугарскиот романсиер напишал екстравагантен роман, сочинет од варијации на темите на минатото, сеќавањето и заборавот. Маестрално“. Ле Фигаро
Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени: „Природен роман“(Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) , и збирките раскази „И сè стана месечина“ (Или-Или, 2017) и „Сите наши тела“ (Или-Или, 2019).