Ново од ИЛИ-ИЛИ: „Кон езерото“ од Капка Касабова

Деновиве од печат излезе преводот на книгата „Кон езерото“ од Капка Касабова како засебно, специјално издание на нашата издавачка куќа. Преводот од англиски на македонски јазик на делото за кое изминатите години сите зборуваа и кое се закити со книжевни награди е на Бранислав Мирчевски.

Краткиот вовед во книгата гласи: „Охридското езеро е од оние места на Земјата што те тераат да се чувствуваш како нешто судбинско да те очекува. Како одамна да требало да дојдеш и затоа не можеш да поверуваш дека доцниш толку многу време.“

Авторката Капка Касабова, пак, вели:

„Во оваа книга се раскажува за две древни езера. Има места кои се кодирани во нашите гени, но потребно е многу време да се покажат, исто како некои патешествија кои се врежани во пејзажот на нашите дни, но им треба цел еден живот за да бидат завршени. За мене е така со овие езера.

Ја чувствувам трагичната сила на Охридското езеро уште од своето најрано детство, зашто баба ми по мајчина линија, Анастасија, е од Охрид, и таа беше важна фигура во животот во оние рани години.  Веќе како возрасен човек не еднаш размислував како соодветно  да му се вратам на Езерото, но чувствував дека сѐ уште не сум спремна за тоа. За да се вратиш таму каде  живееле твоите претци, треба да си спремен да го видиш она, што е полесно да го откажеш.

Најпосле поттикот да продолжам дојде од тревогата дека времето тече и може да се случи нешто подмолно, речиси зад мојот грб.  Дека ако не се осмисли егзистенцијалниот  пејзаж на мајчиниот род, можат да се повторат некои одминати модели. Дека во тој век продолжуваме  да сме сведоци на граѓански конфликти и братоубиства, на политики на поделби помеѓу народите и во самите нив, на патријархална автократија и ревизионизам, на масовна емиграција и преселби  – додека сме сведоци на сето тоа, самите ние можеме да се претвориме во  неволни проводници на пропаста, ако не се согласиме како да се однесуваме со своето наследство“.

Капка Касабова е повеќежанровска писателка. Нејзини најпознати прозни книги се: „Улица без име“ (2008), „Дванаесет минути љубов“ (2013) и двете книги од балканската трилогија „Граница“ (2017) и „Кон езерото“ (2020). Третата книга „Еликсир“ ќе биде објавена во 2023 година. „Граница“ е објавена на 20 јазици и има освоено бројни меѓународни награди. „Кон езерото“ е преведена на повеќе европски јазици и добитник е на наградата за најдобра преводна книга во Франција во 2021 година. Капка Касабова е родена во Софија во 1973 година, а на 18-годишна возраст емигрирала со семејството во Нов Зеланд, каде што студирала и ги објавила првите поетски книги на наглиски јазик. Од 2005 година живее во Шкотска. Бабата на Капка, Анастасија Бахчеванџиева, потекнува од стари охридски семејства и таа е основата на книжевното патување кон езерото.

Критичарите не штедеа зборови за книжевното изненадување на годината:

„Поетската вештина на Касабова се огледува во кусите фрази, наситени со смисла, како и во склонноста да ја препознава смислата на сите симболи. Кон Езетото е прекрасно напишан текст, покана да се восприемиме идејата дека заедничкото меѓу луѓето на Балканот – а всушност и меѓу сите луѓе по светот – е повеќе од она што ги дели и разделува“. The Financial Times

„Прозата на Касабова подеднакво е магична и предизвикувачка и остра. Како што ги раскажува приказните на своите претци, низ историјата на земјата, која ги формирала, таа го претвора конкретното во универзално канејќи ги сите читатели  да размислат врз значењето на „паметувањето“, идентичноста и местото во поширок контекст на човечкото постоење“. Irish Times

„Касабова ја постигнува идеалната рамнотежа, откривајќи како тркалото на историјата го гнети огромниот човечки потенцијал, но не секогаш успева и да го уништи“. Миша Глени, The Times Literary Supplement

„Во овие човечки приказни со сета сила е покажан случајниот и бесмислен антагонизам на национало-државните граници. Оваа прекрасна книга е лекција за фанатичните националисти, кои ја присвоија националната тема. Доволна е една глобална пандемија, за да се види бесмислата на вештачките граници“. Чарли Коноли, The New European

Топла препорака!

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна