Авганистан на дланка со Ана Пејчинова
Драги читатели,
со голема радост ве информираме за излегувањето од печат на новиот ракопис на Ана Пејчинова. По стихозбирката „Чувари на малите нешта“, која предизвика големо внимание кај публиката, овој пат авторката ни го претставува Авганистан на дланка.
Во 2004 година една авторка од Скопје случајно заминува со ООН да организира избори во Кабул, без план и без поим за оружје, племиња и пустини. Останува речиси две децении во љубов со Авганистан.
Пустинско срце ги раскажува првите години на нејзиниот живот на паштунскиот југ, во една од најопасните области на светот. Помеѓу куршуми, црн хумор и бели пердувчиња, читателот патува со неа по непристапни клисури и скриени долини со древни урнатини, оди на шури со белобради старешини, под закрила е на платеници од африканските савани, понекогаш крие АК-47 под постелата, но секогаш сведочи за инспиративни предели и човечки приказни.
Пустинско срце не е книга за војна. Тоа е книга за луѓето кои опстојуваат среде неа: Авганите со нивната жилавост, чест и племенски обичаи, странците калени под екстремни околности, и една раскажувачка која открива дека пустината го крши мекото човечко срце за да подари ново, пустинско срце.
Сигурни сме дека ќе уживате во оваа возбудлива документаристичка проза напишана од прва рака!

КРЕАТИВНА ЕВРОПА