Славното дело „За државата“ на Кикерон на македонски јазик

По „Втора филипика“ во 2022 година, во едицијата „Арго“ објавуваме уште едно дело на Кикерон, овој пат славниот ракопис „За државата“. Преводот од латински на македонски јазик е на Ања Кузмановска.

Делото „За државата“ (De re publica) на Марк Тулиј Кикерон е напишано како филозофски дијалог во шест книги. Дејството е сместено во 129 г. пр. н. е., а главни учесници во дијалогот се Публиј Корнелиј Скипион Ајмилијан и неговиот пријател Гај Лајлиј, заедно со други угледни римски државници. Преку нивната расправа Кикерон ги разгледува прашањата за најдоброто државно уредување и за улогата на доблесниот граѓанин и државник во зачувувањето на општото добро. Делото е особено значајно и по познатиот „Сон на Скипион“ (Somnium Scipionis), во кој се истакнуваат моралната одговорност на државникот и високата должност да ѝ се служи на татковината.

„За државата“ не е зачувана во целост. Поголемиот дел од текстот е изгубен, а денешното издание се темели врз фрагменти, цитати кај подоцнежни автори и врз делови од изворникот откриени во XIX век на еден палимпсест од Ватиканската библиотека. И покрај фрагментарната зачуваност, делото претставува значаен извор за проучување на римската политичка мисла и за разбирање на Кикероновите политички и филозофски ставови.

Се надеваме дека преводот и на ова дело ќе наиде на добар прием кај префинетите читатели.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна