Владимир Зарев (1947) е современ бугарски писател роден во Софија. Работи како универзитетски професор по бугарска литература, а од 1973 г. е уредник на одделот за белетристика на списанието „Современик“. Романите му се преведувани на многу светски јазици, а Пропаст (ИЛИ-ИЛИ, 2019) по дванаесетте изданија во Бугарија стана бестселер и во Германија и САД. По романот е снимен филмот „Времето е наше“.
Добитник е на државните награди „Иван Вазов“ и „Елин Пелин“. Во 2017 г. ја добива Државната награда „Св. Паисиј Хилендарски“ за исклучителен придонес ва развојот на националната културна идентификација и духовни вредности.
Автор е на романите: Демонот на нетрпеливоста (1975), Процес (1984), Загар (1987), Лето 1850 (1988) , Пропаст (2003), Поп Богомил и совршенството на стравот (2005), Чудовиштето (2019), Загубени во слободата (2022), на трилогијата: Битие (1978), Исход (1983) и Закон (2012), како и на повеќе поетски книги.
-
Загубени во слободата
399,00 денДвајца мажи, две сосема различни судбини. Еден монах кој молчи, и еден човек кој зборува за да преживее. Една пандемија што го замолчува светот. И едно прашање што го преиспитува постоењето: што е слободата?
Во романот „Загубени во слободата“, еден од најзначајните современи бугарски писатели – Владимир Зарев – отвора два паралелни света: денешниот, обземен од страв, изолација и кревки човечки релации, и средновековниот, во кој тивкото монашко повлекување станува духовна побуна против злото.
Меѓу нив – едно огледало. А во него – човекот, разделен меѓу моќта и вербата, телото и духот, зборот и тишината.
Роман за невидливите сили што управуваат со нашите животи – вируси, богови, богаташи – и за тоа како човекот, дури и затворен, може да го пронајде она што е највредно: сопствената слобода.
-
Чудовиштето
390,00 ден„Чудовиштето“ е роман за љубовта, за невозможната, безнадежна, но чиста и искрена љубов меѓу стариот писател и убавата млада новинарка. Нивните животи се испреплетуваат, но и се заробуваат во синџирите на моралната кауза. Роман за мудроста и големото прашање, дали е доволна за разумот на разумниот да се исправи пред моралните закони во него. Злото е привлечно, неговата појава секогаш е само навидум случајна, а всушност строго испланирана и контролирана.
По преводот на романот „Пропаст“ и одличниот прием кај македонските читатели, „Чудовиштето“ е нов предизвик за сите рафинирани љубители на квалитетната литература.
„За книжевните критичари, романот „Чудовиштето“ е лебедовата песна на Владимир Зарев. Ништо не останува засекогаш, вели Зарев на почетокот од книгата, па ни љубовта, останува само споменот за неа, нејзината сенка, нејзиниот здив. Колку е човекот мал и ништожен кога согорува во својот копнеж да се одложи крајот, смртта да се смилостиви да го остави уште малку да се насладува на љубовта. Но дали таа негова желба не е крајно себична и горка?! Зарем е малку еден човечки живот за да се љуби и да се биде љубен?! Булгаковски е крајот на „Чудовиштето“, искупувањето доаѓа преку љубовта, таа е чистата есенција на постоењето, без неа ниту злото ниту омразата не би можеле да преживеат бидејќи на кантарот ќе си тежат самите на себе, ќе немаат противтежа“.
д-р Ана Витанова – Рингачева
-
Пропаст
450,00 денСе очекуваше ваква книга да се појави во Полска, Чешка, Унгарија или дури и во Германија, но наместо тоа, се појави во Бугарија. И ако за Западна Европа и остатокот од светот таа беше изненадување, не беше никаков шок за бугарските читатели, оние кои го познаваат и го почитуваат Владимир Зарев и неговите единаесет романи во изминатите неколку децении.
Романот низ европските метрополи предизвика бројни осврти, особено во водечките медиуми од германското говорно подрачје, а за самиот автор е снимен документарен филм насловен „Бугарскиот Балзак“, во кој критичката мисла го споредува со Томас Ман, Достоевски, Маркез и Булгаков. Поодделни осврти го доближуваат и до Апдајк според начинот на кој се градени и профилирани неговите ликови.

КРЕАТИВНА ЕВРОПА

