Прикажани се 4 книги

  • Ноќите кога заспивавме во Помпеја

    „Давор Стојановски напишал сјаен роман! Возбудлива и непредвидлива приказна, прецизна нарација со брилијантно чувство за ритам и драматургија, со одлично изградена атмосфера и ликови, со вешто вклопени контемплативни прелевања (некои од нив антологиски парчиња). Му посакувам (и предвидувам) голем успех. Топла препорака“.

    Николина Андова Шопова

    Ноќите кога заспивавме во Помпеја е извонредно возбудлив роман поделен во три дела, во кои од различна перспектива се објаснува приказната. Уште по првата прочитана страница читателот добива чувство на возбуда и заинтересираност, што не попушта до последната. Романот се чита во еден здив, а потоа уште долго време останува во потсвеста“.

    Срѓан Ивановиќ, Плусинфо

    290,00 ден
  • Утеха за голите

    „Дали постојат конечни одговори? Дали е можно помирување на оној свет ако тоа не сме го сториле на овој? Дали може да се обвини некој за објектот на неговата страст? Тоа се само дел прашањата, кои Стојановски ги отвора и ги разгледува во своето ново дело. Романот „Утеха за голите“ ги допира и темите на вечноста и бесмртноста, допира неколку горливи етички прашања, ја допира и темата на среќата и радоста во новиот век, се впушта во потрага по утехата во најмрачните периоди на живеењето.

    Со неговиот веќе препознатлив стил и одлична реченица, Давор Стојановски раскажува приказна која ќе го заинтригира читателот притоа нудејќи му задоволство далеку од евтините трилери и провидните deus ex machina решенија на современите романи, а сепак да не биде оптоварен со тешка синтакса и безредно нафрлани заплети. Авторот и овојпат раскажува приказна којашто е мрачна и бизарна, без притоа да ја изгуби својата хуманистичка нота во сиот хаос на современото живеење“.

    Душко Крстевски

    280,00 ден
  • Собирачи на пепел

    Силвија силно и долго го загриза задниот дел од дланката и остави трага од забите по кожата. Тоа беше нешто што не сум видел некој да го направи толку многу години.

    Се сетив дека како деца го правевме истото, така што нејзиниов гест го сметав за уште еден показател за неслучајноста на прекрстувањето на нашите животи.

    Порано се гризнувавме за задниот дел од дланката, а трагите што ќе ни останеа претставуваа замислен часовник. Си мислам дека на тој начин се учевме на измисленото време. Си создававме лажен впечаток на мерливоста. А деновите минуваа, истекуваа и ги снемуваше, како што ни исчезнуваше и раната. Па одново ќе си создадевме мерливо време, ќе се гризневме, ќе се преправавме дека тоа значи нешто за нас.

    Сметав дека тоа е мошне посебна детска игра, која ѝ припаѓа на сосема мал кружок. Затоа ме изненади тоа што и Силвија го изведе гестот на шега.

    „Види“, ми рече и ми го покажа божемниот часовник, кој бавно го снемуваше, како што полека кожата се враќаше на место. Слично на излекувана рана, си помислив. И заборавив да ѝ погледнам од спротивната страна на дланките, на местото на рачните зглобови. А можев да го направам тоа.

    „Ништо не се петнаесет години, глеј колку брзо ги снемува“, рече Силвија и си ја погали бледата трага од угризот.

     

    *Книгата ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за 2016 година

    200,00 ден250,00 ден
  • Ненасловена месечева соната

    Млад и непознат писател со афинитет да напише значајно дело, еден ден случајно налетува на веќе објавен роман со наслов „Ненасловена месечева соната“. На негово големо изненадување, како автор на романот е наведено токму неговото име; а како уште поголемо изненадување – романот дури и разработува една тема што тој долго време ја чувал во себе и планирал да ја напише, иако никогаш вистински не го сторил тоа.

    Писателот го разлистува романот и увидува дека е составен од два кратки раскази наречени „Сонување“ – едниот на почетокот, другиот на крајот – кои претставуваат рамка во која се сместени уште и: роман-пролог, два поголеми романи и една белешка од приредувачот.

    Првата романескна приказна ја раскажува несреќната судбина на Даниел и Матилда, кои по еден трагичен настан остануваат без своите ќерки.
    Еден ден, Даниел наоѓа бебе напуштено покрај депонија и се одлучува да го земе со себе. Тој го вдомува бебето и покрај негодувањето на својата сопруга, без да го пријави во надлежните институции, сметајќи го како свое изгубено дете.

    Втората романескна приказна ја следи судбината на начитаниот и повлечен Јон, кој е израснат во јавна куќа. Јон среќава девојка, Сандра, која го запрепастува поради речиси идентичниот изглед со учителката по пијано од неговото детство – неговата прва телесна и духовна привлечност. Набргу, Јон се опседнува со Сандра и почнува да ја следи.

    330,00 ден