-
Аб’т
Кондураџискиот занает со години затворен во малото сопче во подрумот, скришно излегуваше оттаму кога најмалку мислевме на него. Најчесто како збор. Сред обичен разговор, кој било од нас ќе кажеше гленк, луб, обртаљ, цвик, пенче. Или како нагласен мерак за чевли на сите нас. Секој што ќе нѐ загледаше, можеше да види дека сите секогаш имавме беспрекорни обувки. Занаетот затворен во малото сопче во подрумот, секогаш кога купувавме обувки излегуваше од заточеништво и доаѓаше со нас по продавници. А сите, мама, Час, Вера и јас, и онака бевме опседнати и строго се владеевме според кондураџискиот хороскоп што го беше создал татко ми како сопствен поглед на светот и на поделбата на луѓето во него: на оние кои кинат чевли и на оние кои не кинат; на оние на коишто долго им траат чевли и на оние на кои брзо им се износуваат. „Тоа зависи од денот на раѓањето“, велеше татко ми. „Родените во првата половина од кој било месец, не кинат чевли. Сите родени во втората половина од месецот, чевел не можат да свртат“.
-
Улиците што ги нема
„Во расказите од оваа мудро замислена и мајсторски реализирана книга на Оливера Ќорвезироска луѓето живеат во улиците чиишто некогашни имиња ги одвеал наумничавиот ветар на историјата. Градот во кој тие улици некогаш постоеле е Скопје, бездруго е Скопје, и улиците бездруго некогаш ги носеле имињата што ги спомнува Ќорвезироска. Се’ е конкретно, мошне проверливо и цврсто вкотвено во реалноста. Но овие раскази никако не би смееле да ги разбереме само како сентиментален ламент по некогашните белези на градот. Ќорвезироска успева, на еден извонредно деликатен и ненаметлив начин, да ни сугерира дека судбините на тие луѓе кои живееле во „улиците што ги нема“ се по некој невидлив, но сепак, неумоливо насочен пат поврзани со исчезнувањето на некогашните називи. Секој од овие извонредно заокружени раскази, а и сите заедно, како целина, ни кажуваат дека промашеноста, напразноста и ефемерноста на тие животи е во некаква тајна, длабока врска со непостојаноста и минливоста на имињата што ја означувале нивната адреса и некогаш претставувале цврст репер на нивното постоење“.
Влада Урошевиќ
-
(Со)шиени раскази
„И во ‘(Со)шиени раскази’, како и во сите претходни дела на Оливера Ќорвезироска, се чувствува посебниот однос што таа го има кон/со јазикот. При гласното исчитување на расказите од циклусите „Оверлок“ и „Цик-цак бод“, читателите ќе забележат дека, дали заради начинот на кој се врзани еден со друг, или заради целата приказна што ја носат, или и заради едното и другото, зборовите имаат едно специфично синестезичко својство. Тие понекогаш блеснуваат со светлоста на пастелните тонови, понекогаш се матни, густо нанесени бои, другпат се драматично јарки, а секогаш како со игла го допираат срцето. И секогаш се борат за смислата на постоењето, а против бесмислата и недоразбирањето.“
Гоце Смилевски
350,00 ден