„Градинарот и смртта“ за успешно заокружување на издавачката година
Драги наши,
се радуваме што оваа успешна издавачка година за нашата и Ваша „ИЛИ-ИЛИ“ ќе ја заокружиме на најдобар можен начин, со преводот на актуелниот роман „Градинарот и смртта“ од Георги Господинов. Ова е книгата која во интернационални рамки беше една од најзабележителните и која веќе фигурира на листите на најуспешни прозни објави за 2025 година. Романот е во превод на Душко Крстевски, а неговото објавување е поддржано од Националниот фонд „Култура“ на Р. Бугарија.
Новиот роман од Господинов e длабоко лична и трогателна приказна за загубата, сеќавањето и последните денови на неговиот татко, истражувајќи ја тагата и светот што умира низ призмата на нарацијата на синот. Авторот на суптилен начин, како и во неговите претходни прозни дела, ги истражува сеќавањето, отсуството, раскажувањето приказни и трогателната врска помеѓу животот, градинарството и смртноста, истакнувајќи дека „нечие отсуство ја става во движење целата машинерија на сеќавањето“, додека градината е изјава на љубов во култура каде што „не е вообичаено да се кажуваат работи како те сакам“.
Романот започнува антологиски: „Татко ми беше градинар. Сега е градина“, и сигурни сме дека љубителите на добрата литература ќе уживаат во него со најголемо задоволство.
Во продажба од 15 декември!

КРЕАТИВНА ЕВРОПА