„Недостоинство“, нова книга од Леа Ипи
Драги читатели,
по објавувањето на „Слобода“, со особено задоволство го најавуваме и вториот превод на македонски јазик од Леа Ипи – „Недостоинство“. Оваа книга доаѓа во период на голем интерес за авторката кај македонската читателска публика, особено по нејзиното неодамнешно гостување на фестивалот „Букстар“ во Скопје. Преводот од англиски е на Кристина Димкова.
Кога Леа Ипи случајно ја открива фотографијата од медениот месец од 1941 година на своите баба и дедо, објавена на интернет, таа станува повод за вознемирувачки прашања. Кој била нејзината баба Леман? Како живеела во време на војни, окупации, падови на империи и диктатури? И што останува од вистината за еден човечки живот кога спомените избледуваат, а архивите, особено архивите на една репресивна држава, раскажуваат само дел од приказната?
Тргнувајќи во потрага по одговори, Ипи се враќа во архивите на поранешната албанска тајна полиција и во сопствените семејни спомени. Меѓу документите и празнините во нив, меѓу она што може да се докаже и она што мора да се замисли, постепено се појавува портретот на една жена чиј живот го обликувале големите потреси на дваесеттиот век.
Со извонредна книжевна смелост, Леа Ипи ја премостува границата меѓу мемоарот, историјата и фикцијата, поставувајќи едно едноставно, но длабоко прашање: што значи да му го вратиме достоинството на еден живот кога никогаш не можеме целосно да ја дознаеме неговата вистина?
Критичарите за книгата напишаа:
„Магичен книжевен подвиг и најтрогателната книга што ја прочитав годинава… Напати ме потсетуваше на Кафка, напати на Булгаков со скршено срце“. Стјуарт Џефрис, Spectator
„Возбудлив…потсетува на делото на Елена Феранте со призивите на трескавичното девојчинство, бракот и интелектуалната дебата во мрежите на семејството, класната борба и политиката… Истовремено и посебен и универзален, историски и навремен… ќе остане во мене“. Елизабет Грејвер, New York Times
„Чудесно повеќеслоен, го опфаќа падот на Отоманското Царство преку подемот на фашизмот во Европа сѐ до советската ера… На површината се наоѓаат драмата и емотивната приказна на Леман. Одоздола има философија, книжевност, историја и уште повеќе… „Недостоинство“ истражува што се случува кога философиите се сретнуваат со историјата, кога одлуките мора да се донесат со вперен пиштол“. Питер Хоскин, Prospect
„Извонреден и амбициозен… Леман водела живот толку богат со настани што само роман би можел да го прикаже во вистинско светло со сета негова комплексност, а Леман Ипи напишала токму таков роман“. Бека Ротфелд, Washington Post
Леа Ипи, родена 1979 година во Драч, Албанија, е универзитетска професорка која предава политичка теорија на Лондонската школа за економија (London School of Economics).
Полето на нејзиниот научен интерес ги опфаќа нормативната политичка теорија, политичката мисла на Просветителството (особено Кант), марксизмот, критичката теорија, национализмот и интелектуалната историја на Балканот, особено на Албанија. Објавила бројни научни трудови во областа на политичката теорија.
Покрај академската работа, Ипи е авторка и на две книги што го поврзуваат личното и семејното искуство со пошироките историски и политички превирања. Во Слобода (2021), преку личните сеќавања од детството во Албанија, го истражува преминот од комунизмот кон посткомунистичкото општество. Во Недостоинство (2025), тргнувајќи од животната приказна на својата баба, ги преиспитува достоинството, историската неправда и границите меѓу личното сеќавање и историската вистина.
Британското списание Prospect во 2022 година ја вброи Леа Ипи меѓу десетте најзначајни мислители во светот.

КРЕАТИВНА ЕВРОПА