Промоција на романот „Коулун“ од Јана Узунова

На 30 октомври во МКЦ од 20 часот ќе се одржи промоцијата на новиот роман „Коулун, заградениот град“ од Јана Узунова. Промотор ќе биде Стефан Алијевиќ.

Се работи за мрачен, динамичен и визуелно силен роман во кој просторот не е само сцена, туку речиси самостоен лик. Коулун е претставен како жив организам: лавиринт од тесни ходници, влага, цевки, чад, мириси, глад, насилство и сиромаштија, но и како место во кое, и покрај распадот, опстојуваат нежноста, лојалноста и потребата од спас. Особена вредност на романот е што неговата основна просторна рамка не е измислена. Коулун навистина постоел како Kowloon Walled City – заграден град во Хонг Конг, кој со децении претставувал едно од најгусто населените места во светот. Поради нејасниот правен статус, таму долго време речиси не постоела државна контрола, што овозможило развој на нелегални активности, сиромаштија и тешки услови за живот, но истовремено и создавање силно чувство на заедништво меѓу жителите. Градот бил урнат во периодот од 1993 до 1994 година, но останал симбол на човечката способност за преживување во екстремни услови. Авторката успешно ја користи оваа историска реалност како основа врз која гради фикционален свет исполнет со симболика и силна емоционална длабочина.

Јана Узунова е родена 1988 година во Скопје. Дипломирала на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата по општа и компаративна книжевност. Во 2019 година го објавува романот „Вергина“. „Коулун, заградениот град“ е нејзин втор роман.

Ве очекуваме 😉

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна