Промоција на „Род“ од Миљенко Јерговиќ
Драги читатели,
Ви благодариме за присуството во голем број на 22 август во „Ла Кања“ во Скопската чаршија, на промоцијата на романот „Род“ од авторот Миљенко Јерговиќ. Во продолжение видеото од настанот за оние кои го пропуштија, но пред тоа, уште едно потсетување на основните работи за овој magnum opus на популарниот писател.
***
„Род“ на Миљенко Јерговиќ е книга составена од повеќе целини – романи, документи, раскажувачки скици, фрагменти – во кои се менуваат фикционални и нефикционални делови и на совршен начин се мешаат реалното и измисленото. Со многу автобиографски елементи Јерговиќ во „Род“ ја испишува сагата за семејството на Карло Штублер, неговиот прадедо. Ова е книга во која авторот низ судбината на сопственото семејство зборува за цел еден век на Средна Европа и на Балканот, роман кој како железница ја вмрежува епохата и различните краишта, земјите кои се менуваа, историјата која беше немилосрдна. Од прадедо му и почетокот на XX век до денешницата на авторот и неговата судбина, „Род“ претставува opus magnum на Миљенко Јерговиќ.
* * *
„Род е книга за големите војни во малите земји кои по правило никогаш не завршуваат, но и роман што се занимава со сето она што официјалната политика сака да го скрие под тепих. Роман за идентитети што ги силуваат националните митови, токму во име на идентитетите“. Денис Дерк
„Впечатокот што книгата го остава е впечаток на борење со себеси, со своите лични и семејни демони. Демоните не дозволуваат лесно да бидат избркани, и затоа трауматичните сцени невротично се појавуваат, постојано се реконструираат“. Дарко Милошиќ
„Раскажувачот е отворен, суров, безмилосен кон светот, но и до крајни граници интимен, емотивен, искрен и поетичен…“ Драган Бабиќ
* * *
За романот „Род“ во 2015 година ја добива наградата „Његош“, а преводот на македонски јазик и промоцијата на книгата на авторот во Скопје се дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.