Престижната награда „Браге“ за Ларс Соби Кристенсен
Од Скандинавија пристигнаа прекрасни вести!
Нашиот омилен норвешки писател Ларс Соби Кристенсен деновиве ја доби престижната книжевна награда „Браге“, едно од највисоките признание што може да ги добие еден норвешки автор. Таа се доделува на лице или институција кои со својата работа дале значаен придонес за зголемување на досегот и разбирањето на литературата или за подигнување на квалитетот на пишаниот збор на норвешки јазик.
Ларс Соби Кристенсен (1953) е еден од најистакнатите и најценетите норвешки автори и централно име во модерната скандинавска литература. Своето книжевно деби го имаше со поетската збирка „Историјата на Гли“ (1976), за која веднаш беше овенчан со награда. Следната година го објави својот прв роман „Аматер“. Оттогаш тврди дека сите негови романи всушност можеле да го имаат овој ист наслов. Луѓе кои се борат со внатрешните несигурности и недостатокот на јасност во сопствениот живот, карактери што не се професионалци или добро подготвени за животните предизвици и се сопнуваат во погрешна насока – тоа се ликовите кон кои постојано е насочена љубовта на авторот.
Межународниот успех на Соби Кристенсен почна со „Битлси“ (1984). Еден од најпродаваните литературни наслови во норвешката историја, романот продолжи да ги плени и новите генерации млади читатели. Во 2001-та година, тој го објави своето епско ремек-дело „Полубратот“, извонредно дарежлив и трогателен роман кој исто така доживеа меѓународен успех, освојувајќи ја наградата за литература на Нордискиот совет. Овие романи беа дочекани со исклучителни критики и достигнаа огромна читателска публика, продадени во над 220.000 примероци само во Норвешка.
Соби Кристенсен досега има напишано над 70 наслови преведени на 36 јазици. Меѓу нив е и македонскиот јазик на двата клучни романи во неговата кариера, споменатите „Битлси“ и „Полубратот“, во превод од норвешки на македонски јазик на Искра Бадева.
Му честитаме за наградата „Браге“, а Вам, на читателите, топли Ви ги препорачуваме неговите моќни романи, и обата со одлични попусти.