Реиздание на култниот роман „Интимност“
Драги читатели,
годината ја заокружуваме на најдобар можен начин – со реиздание на кусиот роман „Интимност“ од Ханиф Курејши, за кој во меѓувреме често не’ прашувавте дали ќе го реиздадеме. Ви благодариме за тоа.
Ова е романот што го објавивме на почетокот од нашата издавачка дејност, сега веќе во далечната 2005 година, и заедно со „Читачот“ на Шлинк и „Не ми е страв“ на Аманити го претствуваат тоа „свето тројство“ кое ни е многу драго, како зародиш на една долгогодишна издавачка ИЛИ-ИЛИ приказна која, еве, на крајот од 2024 година, брои над 300 објавени книги.
Романот „Интимност“, соголено и непоколебливо истражувајќи ја љубовта, предавството и сложеноста на човечките врски, длабоко понира во умот на мажот кој е на работ од носењето одлука што драматично ќе го промени неговиот живот. Курејши создава провокативна приказна за потрагата по слобода и за емоционалната цена на интимноста за мажот што се соочува со распаѓањето на бракот и ги разголува своите скриени желби. Брилијантно доловувајќи ги турбуленциите на современите врски, „Интимност“ е моќна и трогателна медитација за тоа што значи вистински да се сака – и да се остави.
Ви посакуваме убави моменти за време на читањето на оваа незаборавна приказна за страста, тагувањето и самооткривањето.