Промоција на „Пустинско срце“ од Ана Пејчинова
Почитувани,
со големо задоволство ве каниме на промоцијата на книгата „Пустинско срце: петнаесет години во Авганистан“ од Ана Пејчинова, книга што предизвика голем интерес ова лето. Со авторката во „Лабораториум“ в четврток во 20 часот ќе разговараат Наташа Атанасова и Александар Маџаровски.
Петнаесет години Ана Пејчинова живеела и работела во Авганистан, од првите години по падот на талибанскиот режим до распадот на авганската влада во 2021 година. Нејзината книга е лично и непосредно сведоштво за една земја и еден историски период, но и за луѓето што живеат во сенката на војната.
„Пустинско срце“ не зборува само за големите политички и воени настани. Во неа има секојдневие, страв и хумор, гостопримство и насилство, семејства, пријателства и човечки судбини, еден сложен и жив Авганистан, далеку од поедноставените слики што најчесто ги гледаме од дистанца.
„Пустинско срце“ е значајно и ретко дело: сведоштво на една Македонка за светски историски настани, напишано од позиција на човек што не само што ги набљудувал, туку и живеел во нив.
Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој. Родена е во Скопје, но со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1995), докторирала на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага (2002), а магистрирала политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (2006). Работела и како психолошки советник во Прага и Скопје, а околу две децении делувала во рамките на Обединетите нации и УСАИД, најчесто во воени и кризни региони (Авганистан, Ирак, Пакистан, Египет и Конго), како менаџер и советник за стратешки комуникации во секторот за меѓународен развој и хуманитарна помош.
Ве очекуваме!

КРЕАТИВНА ЕВРОПА