Адам Фолдз (1974) е наградуван британски романсиер и поет од Лондон. Студирал англиски јазик и книжевност на „Оксфорд“, а потоа магистрирал креативно пишување на Универзитетот на Источна Англија. За првите два романи, Вистината за чудново време (2007) и Прекршен збор (2008) ги добива наградите „Бети Траск“,„Џон Луелен Рис“,„Сомерсет Мом“, како и престижната „Млад автор на годината“ на Сандеј тајмс.
По големиот успех, го пишува и романот Вртоглав лавиринт (2009), кој влегува во потесниот избор за “Букеровата награда”, а две години подоцна станува добитник на престижната “Европска награда за литература”.
Годинава книжевното списание Гранта го прогласи Адам Фолдз за еден од дваесетте најдобри млади британски романсиери.
-
Вртоглав лавиринт
„Вртоглав лавиринт“, досега најамбициозниот книжевен потфат на младиот британски автор Адам Фолдз, ја разгледува темата на умственото растројство низ една историска призма. Стожерот на дејството се руралниот англиски поет од 19. век Џон Клер и неговиот престој во душевната болница во Хај Бич во близината на Лондон. Во истиот период, пред да го достигне врвот на својата слава, во селцето престојува и поетот Алфред Тенисон, кој воспоставува пријателска и деловна врска со сопственикот на болницата, доктор Метју Ален. Двајцата поети не се среќаваат – ниту има историски податоци дека некогаш се сретнале – но во романот нивните судбини и емоционални животи се внимателно и поетично противположени.
Тенисон не е пациент, се доселува таму за да биде во близина на својот брат Септимус, кој е сместен во болницата, но е обземен од жал поради прераната смрт на најдобриот пријател. Романот е комбинација од добро истражени факти и плод на авторската имагинација, со акцент не на настаните, туку на внатрешниот свет на главните и споредните ликови, опсесиите и неуспесите и на душевно болните и на навидум здравите.
350,00 ден