-
Зографски приказни
Боенка за најмладите со тајните на Дичо Крстев Зографот.
Роден во село Тресонче во 1819, Димитар Крстев бил посинет од мајстор – резбар. Иако го научил тој занает, повеќе сакал да слика. Како и сите сликари во тоа време, учел од постари фрескописци сè додека не основал своја тајфа – група со која што патувал низ Балканот. Според преданијата, насликал речиси 2,000 икони и фрески. Починал 1871 година-ва во родното село, каде што е и погребан. Но, никој не знае како изгледал. Како што рекол во еден ракопис, неговиот лик најдобро се гледа од неговите дела. А тие дела се полни со тајни.
За жал, многу од неговите икони и фрески се оштетени од забот на времето и поради недоволна заштита, или пак се исчезнати поради кражби. Така, на пример, црквата Свети Петар и Павле во Тресонче за која што насликал над 40 икони е ограбена 2013-та година. Друга црква, во Маврово, каде што оставил и фрески и икони, била потопена при градење на хидроцентрала уште 1952-ра година.
Во автобиографијата што му се припишува, го оставил овој аманет:
„Вардете ми ги оние рабоќе шчо ‘и остаиф да ‘и красит црквите у нас и у другите земји, зашчо за да го дозноеме светот надвор од нас, требет првин самите себеси да се научиме“.
Се надеваме дека оваа мала боенка ќе помогне да не го заборавиме.