Ивана Сајко е хрватска писателка, драматурка и режисерка. Дипломирала на Академијата за драмски уметности во Загреб, а магистрирала на Филозофскиот факултет во Загреб. Една е од основачките на театарската група „BAD co.“ во која до 2005 година дејствувала како драматург и режисер, за подоцна да продолжи да ги режира и изведува сопствените драми во хибридни изведбени форми, експериментирајќи со проблемите поврзани со односот меѓу драмскиот текст и музиката.

Драмите ѝ се изведени во театар и на радио, а се преведени, објавени и играни на меѓународни сцени. Од 2016 година живее во Берлин, каде што ја продолжува писателската кариера.

Досега во Хрватска ги има објавено збирката драми „Погубени лица“ (2001), драмската трилогија „Жена-бомба“ (2004), како и збирката драми „Трилогија за непослушноста“ (2012), романите „Рио бар“ (2006), „Историјата на моето семејство од 1941 до 1991, и потоа“ (2009), „Љубовен роман“ (2015), „Мали смртти“ (2021), како и теориската книга „Според лудилото (и револуцијата): читање“ (2006).

Таа е повеќекратна добитничка на наградата за драмско дело „Марин Држиќ“, добитничка на наградата „Иван Горан Ковачиќ“ за прозно дело за романот „Рио бар“, а носителка е на орденот „Витез од редот на уметностите и литературата“ на Република Франција.