Калина Малеска е авторка на четири збирки раскази: „Недоразбирања“ (Македонска книга, 1998), „Именување на инсектот“ (Слово, 2008), „Мојот непријател Итар Пејо (Или-Или, 2016) и „Скопје во високата зона“ (Или-Или, 2021), романите „Бруно и боите“ (Слово, 2006) и „Призраци со срмени нишки“ (Слово, 2014), драмата „Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија“ (Слово, 2010), книгите за деца „Арно ама“ (Или-Или, 2018) и „Вонземјанинот Лу-Ру-Су“ (Или-Или, 2021), книжевните студии „Облици на моќ во современата книжевност“ (Или-Или, 2020) и „Визија, трансформација: Утопии, дистопии и други замислени светови“ (Филолошки факултет „Блаже Конески“, 2023), како и уредник и коавтор на студијата „Кон-текстот: дигитални осврти“ (самостојно издание, 2023).

Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. Се занимава и со книжевни преводи, а некои од делата што ги превела се: „Тристрам Шенди“ од Лоренс Стерн, раскази од Амброуз Бирс, „Волшебникот од Оз“ од Л. Френк Баум, „Мали нешта како овие“ од Клер Киган…

  • Светот што го избрав

    Романот ја раскажува приказната за трансформацијата на Леона, чие чувство за себе и сопствениот идентитет се менува низ контактот со луѓето и просторите: подрумот во кој се вселува, состанарите и околниот двор, членовите на одборот за наставни програми, канцеларијата за состаноци, барот…

    На почетокот од романот протагонистката, по дваесет години живот со своето семејство, се соочува со нова ситуација, без стан, без работа, без пари, со привремен ангажман. Новите околности и луѓето што ги запознава кај неа поттикнуваат сеќавања, интроспекција, анализа на своите и на туѓите постапки, изнаоѓање на причините зад нив.

    300,00 ден
  • Скопје во високата зона

    „Скопје во високата зона“ се состои од раскази кои, низ четири циклуси, сосредоточени на различни визии што временски и просторно се шират во и околу Скопје, истражуваат различни потенцијални начини на постоење и доживување на искуствата, како можност за трансформирање на постоечките перспективи и светогледи.

    Разнородни по структурата и наративните методи, расказите содржат утописки, дистописки елементи, реинтерпретација на постоечки бајки, лични доживувања, како и слики на специфични моменти од животот.

    250,00 ден
  • Вонземјанинот Лу-Ру-Су

    Вонземјанинот Лу-Ру-Су не е обичен вонземјанин. Неговите авантури на планетата Земја ќе им се допаднат и на децата и на возрасните.

    Ова е совршено забавна книга која крие многу тајни и вистини, надополнети со одличните цртежи на Наталија Лукомска.

    250,00 ден
  • Арно ама

    „Арно ама“ е збирка раскази во кои протагонистите се две братчиња, Дамјан и Марко, и нивните другарчиња од населбата во која живеат. Иако секој расказ е завршена целина, сепак, со оглед на тоа дека дејството се одвива хронолошки во текот на една година, книгата истовремено може да се чита и како роман. Специфичноста на овие раскази се нивните впечатливи ликови кои не се идеализирани, туку имаат карактеристики на реалните деца – се радуваат, љубопитни се, но некогаш и се нервираат, се лутат, се караат.

    Делото третира прашања и проблеми со кои денешните деца навистина се соочуваат, како: убави но и стресни доживувања во градинките и училиштата, насилници во маалото, изгубени играчки и книги, префрлување во ново училиште и нова средина при селење, изнаоѓање пријатели, комуникација со дечиња од други националности, негрижа на некои луѓе за животната средина, ривалство меѓу братчиња и сестрички, осаменост и слично. Таквите проблемите со кои се соочуваат децата се прикажани низ реалистично раскажување, што повремено е испреплетено и со фантастични елементи, особено кога доминира детската имагинација.

    Книгата е надополнета со одличните, сугестивни цртежи на Владимир Лукаш.

    299,00 ден
  • Облици на моќ во современата книжевност

    Наведените книжевни мислители сметаат дека литературата има своја структура независна од општествено-политичката реалност, дека читањето поезија или приватните меѓучовечки односи не се израз на политички став. Зошто ваквите гледишта се толку влијателни и широко распространети?

    Причината, барем делумно, се должи на тенденцијата за идеализирање на литературата; на неиздржаниот став дека може да постојат трајни вредности што не зависат ниту од времето во кое авторот творел ниту од местото каде што живеел; на стравот дека ако се признае дека книжевноста зависи од општествените околности, тогаш треба да се прифати дека не важат таканаречените „објективни“ критериуми за процена на едно дело книжевно.

    250,00 ден
  • Мојот непријател Итар Пејо

    „Ништо веќе по „Мојот непријател Итар Пејо“ на Калина Малеска нема да биде како што беше со нејзините раскази, но и со приказните на Итар Пејо, зашто, кога и да ги слушнеме – ќе знаеме дека еден фиктивен книжевен лик со заборавено име стои како глас и зад неа, но и зад Пејо, како негова заумна мисла, како сенка и како идеја за општа правда и праведност. Како осовременета книжевна вистина за фолклорното наследство. Оваа одлична раскажувачка јас-точка на измислен лик сопoстaвен на Итар Пејо, целосно ги освојува читателските симпатии и на распнатото јаже помеѓу измислениот лик и неговиот „непријател“ – фолклорниот херој, еквилибристички вешто го движи исписот на новата можна книжевна вистина. Или тајна…“

    Оливера Ќорвезироска

    250,00 ден