Мила Гулеска-Ноневска (Прилеп, 1951), пензиониран професор по англиски јазик, со осумгодишен стаж во Радио Скопје, на Првата и на Третата научна програма, како уредник за преводна литература во редакцијата за култура. Живее и твори во Ресен. 

  • Сликовница… Зборовница

    „Да се биде дете творец, или творец со детски порив е најголема умешност во создавањето уметност. Тоа го изјавиле многу големи уметници, а јас секако ја апострофирам или ја подвлекувам со црвен молив оваа констатација.

    Мила Гулеска-Ноневска создава спонтано, силно обојувајќи ги површините на делата, играјќи си и мешајќи ги со рака боите. Така, тие се таложат и создаваат сензитивно обоени површини. Меѓу тие обоени површини, авторката внесува содржини од своето минато секојдневие. Тоа се вешти цртежи на предмети, птици, фигури, предели… Токму таа раскошна комбинација на претстави и бои – тие се животната енергија што блика од делата. Постои и претстава на живописна игра на фигури и предмети, а воедно и меморија за еден богат и исполнет живот. Секоја слика е страсно доживеана од авторката, тоа се искрено исфрлени напливи на креации без граници; постои само слобода на создавање и се има впечаток дека делата лебдат во просторот.

    Во творбите на Ноневска, минатото е сегашност. Тоа е нејзиниот бајковит обоен свет. Тој, светот на Ноневска, закопан длабоко во нејзините архиви оживува со само мало придвижување на нејзината вешта рака. Приказната добива душа, зрачи, жива е, говори… Заради моќта и звукот на бојата, се добива впечаток дека приказните се „заразно“ радосни.

    А, радоста при креирањето на раскошниот свет, се чувствува буквално во секое дело на Мила. Страста и слободата на изразувањето, линеарните прикази – нејзиниот автентичен цртачки вез, прекрасните фигури, колоритниот живот во кој доминира моќната сина боја, сето тоа богатство живо пулсира во сликовницата за возрасни“.

    Сергеј Андреевски

    672,00 ден840,00 ден