Николина Андова Шопова (1978) дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Нејзината прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ во издание на издавачката куќа Темплум ја доби наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО. Во 2014 година ја издава втората поетска збирка „Поврзи ги точките“, повторно во издание на Темплум. Нејзини песни се преведени на повеќе светски јазици и е застапена во повеќе антологии на македонската поезија.
Во 2018 година го издава романот „Некој бил тука“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унaпредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. „Естом“ (2022) е нејзин втор роман.
Пишува и раскази, а авторка е и на книгите за деца „Волшебната комета“ и „Кртот Ѕвездан“.
-
Естом
„Романот „Естом“ е книга во која Николина Андова Шопова продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат. Таков „чудак“ кој живее според сопствени правила е и главниот лик во романот „Естом“ – пантомимичарот Олег. Врвен во она што го прави, целосно посветен на својата уметност и умешност, Олег наликува на оние уметници кај кои нивниот уметнички сензибилитет целосно се поклопува со нивниот живот и судбина. Живеејќи според поетиката на отсуството, на невидливото, на силината на световите што самиот ги создава, а се помоќни од каква било „реалност“, тој успева својот живот целосно да го поистовети со својата уметност“.
Владимир Јанковски
-
Кртот Ѕвездан
Прекрасна поема на Николина Андова-Шопова, надградена со цртежите на Наталија Лукомска.
Вистинска уживанција за најмладите!
„Ноќта кртот Ѕвездан штом се роди
под земјата почна оро да се води.
Се пиеше, се пееше гласно до сабајле
и никој од полиција немаше гајле!“