-
Мина
„Покрај мотивските автобиографски поклопувања од една и автопоетичките промислувања од друга страна, она што останува како константа е дека во „Мина“ Игор Анѓелков повторно го потврдува она што во една прилика го означивме како непретенциозен стил кој „едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска“. Со здрава доза на фантазија свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација.
Покрај навигирањето низ овие лавиринти низ туѓата приказна, она што за секој читател е веројатно најважно е дека оваа книга ќе ве упати на зрело преиспитување на сопственото семејно наследство кое, сакале да признаеме или не, ја одредува насоката на нашата, лична животна авантура и со тоа, нé потсетува на сопствената минливост. Од сите овие причини, и уште многу кои допрва ќе ги откриваме со секое следно препрочитување, сé појасно станува дека секое ново дело на Анѓелков веќе нема да се чита исклучиво само по себе, туку и како дел од еден поголем циклус на дела кои создаваат една голема книжевна приказна или дури и во контекст на комплетниот опус на авторот“.
Ана Мартиноска
299,00 ден -
Двојна експозиција
„Расказите во „Двојна експозиција“ се непретенциозни во пристапот, барем навидум во насока на кроткоста и обичноста на неговото писмо сфатени како врвен комплимент од блажеконески тип, без оглед на тоа дека нарацијата всушност често крие комплексни и повеќеслојни нијанси. Анѓелков со манир на зрел и искусен писател успева да ја вметне својата поента во израз доволно концизен за да се потврди како квалитет на краткиот расказ, но не претерано збиен, туку во прецизна мера натопен со описи и дигресии кои се освежувачки и додаваат текстура на напишаното без притоа да ја обременат основната наративна нишка. Тоа само го потврдува она што критиката го одбележа уште од почеток на неговата кариера, дека овој автор пишува „зрела проза, суверена во концептот, опстојна во реализацијата, со мерка натопенета во автобиографско и спонтано исушена од патос, од предозираност, од пренапишаност.
Во фокусот на секоја од приказните лежи едно централно животно прашање, типично за возраста и биолошко-социолошката фаза на ликовите кои се портретираат. Нивниот спектар се движи од оние општоважечки мотиви, па сè до ултимативната дилема што останува по смртта. Немам двојба дека темите кои Анѓелков ги третира ја имаат примамлива моќ да ја заскокоткаат публиката и да не ја остават индиферентна, бидејќи иако не секогаш видливо на прв поглед, расказите на Анѓелков се ангажирани и отвораат актуелни и суштински прашања, како додатна вредност на новата македонска проза. Верувам дека тие ќе ги поттикнат читателите на длабокомислечки и себеспознајни моменти, што впрочем е ултимативната цел на добрата литература. Покрај естетското задоволство таа треба да понуди нова перспектива, да поттикне критичка мисла и, да го парафразирам Френсис Скот Фицџералд, да ни понуди утеха дека нашите копнежи се универзални, дека ние луѓето не сме осамени и изолирани едни од други, туку дека припаѓаме – на група истомисленици, добронамерници, сострадалници, вљубеници…“
Ана Мартиноска
299,00 ден -
Шрапнел
Второ издание
Во овој постмодерен роман, авторот ги истражува суптилните односи меѓу историјата, личната меморија, односите со саканите и социјалните околности кои влијаат врз емоционалното и приватното. Во него ќе го најдете ритамот на градот составен од непотпишани книги, фудбалски натпревари, потенцијални срцеви удари, отуѓени сопружници и остарени родители. Конечно – во него лежи очајната потрага по вечните прашања за смислата, љубовта и смртта.
„Одличен роман! Издржан, непосреден, а питок, но не во смисла на боза, туку јегер кој ти помага полесно да го свариш овој наш свет“. Снежана Стојчевска
„Романот „Шрапнел“ е пример како треба да изгледа нашата современа проза. Ова е лектира за сите пишувачи, вклучувајќи ме и мене. Во присутното да внесеш фикција, а не обратно, и да плукнеш ко што е редот, како шаржер испукан во секој од нас. Треба да си дозволиме да не’ раскопа малку по еден шрапнел. Се радувам што најмалку по една деценија се појави роман со вредностите на македонската современа проза. Конструкција на реченици, должина, придавки, вербализам, дијалози, преклопување, спојување, неусетност, пораки помеѓу, поздрави и кажување директно в очи… Сепак, треба да се јави критичар од мајка роден кој ќе зборува гласно за тоа што е добро, а што средно и просечно во нашата литература“. Цветанка Колева
350,00 ден -
Фото синтеза
„Со својата нова книга, Игор Анѓелков несомнено го утврдува своето име на автор чиј првенствен интерес е современоста, како и луѓето кои истата ја живеат, со сите свои животни премрежја“.
Благоја Иванов
„Ако го сакавте она меко, кротко, непретенциозно раскажување со речиси филмска монтажа на одлично испланираните раскажувачки секвенци, ако ја сакавте онаа благост со која авторот сигурно ве „управува“, ревносно хранејќи ви ја илузијата дека „воланот“ е во ваши раце, ако ви се допаѓаше книжевната тура низ секојдневието со задолжителната посета на несекојдневното,.. ако ги помните „Кротки приказни“ и „Крај-пат“ – тогаш „Фото синтеза“ е одлично „место“ за утврдување на совладаната книжевна материја: различно од претходните објави на Анѓелков, толку колку што треба за да знаете дека е нешто сосем ново, но и исто, толку колку што треба за да знаете дека сепак е негово и само негово. „Раката“ ќе му ја препознаете веднаш, но не дозволувајте си да го претпоставите и „ракавот“ пред убаво да видите/да прочитате!”
Оливера Ќорвезироска
-
Крај-пат
„По одличното дебитантско остварување од 2006 година, збирката раскази „Кротки приказни“, која наиде на одличен прием кај домашните читатели, Анѓелков реши да влезе и во романсиерските води со својот прв роман со интересен наслов, „КРАЈ-ПАТ“, и поднаслов “off the road приказна”. „КРАЈ-ПАТ“ е изразито ‘подмолна проза’ која не те принудува на ништо, а ти како читател, сепак, правиш се како што таа ќе ти каже! Фрагментарното раскажување се остварува низ одличните ‘филмски резови’ со кои се постигнува ефект на издвојување на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното. Романот дискретно си преминува од жанр во жанр, од ‘рокенрол проза’ си прескокнува во симболична надреалност, од ‘роман за растењето’ во ‘роман за постоењето’, од прецизно лоцирано скопско предградие во било која точка од Земјината топка. Затоа, „КРАЈ-ПАТ“, во најбуквалната и најбаналната смисла на зборот, не се остава од рацете кога ќе почне да се чита. Вакво меко, тивко, а истовремено моќно портретирање на ликовите со минимални и строго селектирани јазични средства одамна не сме прочитале од домашен автор”.
Оливера Ќорвезироска
-
Кротки приказни
Што прави сосема гола жена среде бел ден пред хотелот „Александар Палас“? Зошто долгогодишниот пријател на авторот мистериозно решил сосема да ја прекине комуникацијата со него? Дали лицата на стрип-цртачите потсетуваат на лицата на оние палави деца што му ги крадеа стриповите на авторот кога беше дете? Дали почитувањето на црвеното светло на семафорот ја одредува понатамошната судбина на човекот?
„Иако станува збор за негова прва книга, со дваесетината раскази понудени во збирката „Кротки приказни“, Анѓелков се докажува како автор кој умее да го води раскажувачкото дејствие по углед на најсовремените светски текови на она што денес во светот се нарекува short story, кој ја исцизелирал својата реченица и кој вешто знае да создаде атмосфера во рамките на кусата форма“.
Гоце Смилевски
„Низ дваесетината кратки раскази во оваа збирка, авторот пишува за настани од својот живот, но и за приказни кои ги чул од други. Тоа се парчиња од секојдневието, сосема мали и можеби за некого безначајни, но во кои Анѓелков успева да вдахне метафизика на баналното. Со својот новинарски стил, следејќи го принципот „помалку е повеќе“, тој, на страниците на оваа книга, на шармантен и непретенциозен начин ја брише границата меѓу своите и туѓите парчиња живот“.
Марко Петрушевски
„Незаокруженоста, нефинишираноста, понекогаш дури и недоправеноста, не се слабости на ракописот, туку сосем спротивното, доблести, зашто Анѓелков свесно бега од прозниот „занает“, од писателската поза на сезнајност. Тој раскажува по своја мерка, испишувајќи текст во облачињата (во стриповска смисла) исклучиво над своето небо“.
Оливера Ќорвезироска