„Единаесет жени“ од Снежана Младеновска Анѓелков е „Роман на годината“

Со нескриено задоволство Ве информираме дека деби романот „Единаесет жени“ од Снежана Младеновска Анѓелков ја доби  наградата „Роман на годината“ што Утрински весник ја доделува по 13-ти пат. Ова е прв дебитантски роман од домашен автор кој ја добива престижната награда, и воедно прв роман на ИЛИ-ИЛИ кој станува лауреат.

„Она што е карактеристично за романот на Снежана Младеновска Анѓелков и со што таа ги збогатува романсиерските техники и тематики кај нас е умешноста со која оваа млада авторка ја користи техниката на монтажа, инаку доминантна одлика на филмската уметност. Оттука успешниот спој на кажувањето/раскажувањето произлезено од јазикот како алатка и покажувањето, карактеристично за визуелните уметности, прават ова дело да се доживее како хибриден жанр кој ги испитува, но и ги подрива жанровските конвенции. Романот перспективата ја поставува наопаку, од секој негов ред произлегува онаа до сега малку посочена и апсолвирана релација, општеството го чинат конкретни луѓе, поединци. Нивното делување го одредува карактерот на општеството, та оттаму и личната одговорност на секоја единка за она што го живееме“, рече писателот Душко Родев, претседател на годинешното жири, во образложението за одлуката „Единаесет жени“ на Младеновска – Анѓелков да биде прогласен за Роман на годината за 2011.

Во конкуренција на 31 роман, во потесниот избор влегоа и делата „Огнени птици“ на Илхами Емин и „Писание за страшниот суд“ на Владимир Костов, но жирито реши да го награди романот што го носи духот на македонската полу-урбана или квази-урбана средина во 80-те години на 20 век и каде главниот лик е жена, поточно девојче, кое светот го доживува низ призмата на детските очи и тој свет го засведочува во уверлива приказна.

Повеќе за романот и авторката на следниот линк:

Единаесет жени

 

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна