ИЛИ-ИЛИ на „Саем на книга“ 2023

Традиционално, секоја пролет сме дел од скопскиот „Саем на книга“, кој веќе неколку години се одржува во спортската сала „Борис Трајковски“ во Карпош. Оваа година, од 04 до 10 мај, за читателите подготвивме неколку нови книги, но и реизаднија кои во меѓувреме беа исцрпени.

Откако минатиот месец ја промовиравме во МКЦ, не стивнуваат одличните реакции за новата збирка раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ. Очекуваме токму таа да биде наша најпродавана книга на саемот.

Во едицијата „ПРОаЗА“ конечно го имаме и првиот превод од албански на македонски јазик на збирката раскази „Грбот на мажот“ од Аријан Лека.

По „Југославија, моја дежела“ и „Смоква“, еве ја и регионалната книжевна ѕвезда Горан Војновиќ со нов, одличен роман, „Ѓорѓиќ се враќа“.

Во очекување на новиот ракопис на Георги Господинов, кој со „Засолниште во времето“ во меѓувреме освои еден куп меѓународни признанија, решивме да ја издадеме збирката „И други приказни“, која првично пред десетина години ја објави „Темплум“.

Од домашните автори, со нова книга се претставува Игор Анѓелков, кој по збирката раскази „Двојна експозиција“ објавена минатиот септември, овој пат го објавува новиот роман „Мина“.

Од реизданијата, со драго срце најавуваме дека повторно меѓу читателите ќе се најдат „Единаесет жени“ од Снежана Младеновска Анѓелков (четврто издание, „Роман на годината“ 2011), потоа, „Земја на бегалци“ од Кица Колбе (второ издание), „Резервен живот“ од Лидија Димковска (петто издание, Европска награда за литература, „Стале Попов“ на ДПМ), и, во очекување на новиот роман од Фросина Пармаковска, го реиздаваме нејзиното засега последно дело „На враќање“.

Ве очекуваме на саем или во книжарница со, како и секогаш, супер достапни цени на нашите и Ваши изданија, кои исто така ќе можете да ги нарачате и онлајн на нашава веб страница.

Повелете и линк до каталогот: https://bit.ly/3VmzC4S, како и до комплетниот ценовник: https://bit.ly/3Hqs5My (copy-paste во нов прозорец, please 😉 )

А сега сите заедно, на глас: ИЛИ-ИЛИ, Ваше право на добра КНИГА! 🙂

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна