Романот „Маџун“ од Влада Урошевиќ во едицијата „ПРОаЗА“

Почитувани читатели,

со радост го најавуваме излегувањето на романот „Маџун“ од Влада Урошевиќ во нашата и Ваша омилена едиција „ПРОаЗА“. По првото издание на Магор во 2018 година, сметавме дека овој прекрасен роман мора повторно да биде достапен за читателите. Така, по актуелната збирка раскази „Вонземјанки“ која ја објавивме и промовиравме пролетва, имаме уште едно значајно дело на реномираниот македонски писател во популарната едиција „ПРОаЗА“.

За книгата имаше одлични огласи, пренесуваме дел од нив:

„Користејќи различни средства и на поинаков начин, Урошевиќ во „Маџун“ постигнува ефект што, во доживувањето на читателот, е сличен на оној во „Продавниците со боја со цимет“ од Бруно Шулц. Одеднаш, како да прозборуваат мртвите работи, како меѓу џагорот на луѓето да се препознава и џагорот на неживиот свет, а целиот универзум се вселува во душата и телото на едно момче. А во таа куќа, во таа човечка глава, како во приказната за „Баш Челик“, постои една врата што не смее да се отвори. Зад таа врата е она што не смее да се види, а не може да се избегне“. Миљенко Јерговиќ

„Романот „Маџун“ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман загатка…“ Лидија Капушевска Дракулевска

„Романот „Маџун“, секако, може да се чита по аналогија и во компаративни односи со значајни дела од европската проза, почнувајќи, на пример, од првата книга на Лав Николаевич Толстој, во дадениот контекст со парадигматскиот наслов Детство, а потоа преку „Ламаринениот барабан“ на Гинтер Грас до, на пример, „Ужасот на празнината“ на нобеловецот Петер Хандке, и сосема природно, како по начинот на раскажување, така и по севкупната уметничка вредност, влегува во корпусот на дела на истата тема што ги претставуваше , во поголема или помала мера, прозата на одредени значајни јужнословенски автори, како и литературите на кои тие припаѓале“. Михајло Пантиќ

„Маџун е роман за детството, но не вообичаен билдунгс-роман за созревањето, туку роман за меморијата на детството, на вообразбата, на сеќавањето, на спомените и промените; роман за меморијата на знаењето и на наобразбата; роман за меморијата на преобразбата… на мирисите, боите и вкусовите, на зборовите, рецептите и летoците, на вујковците и тетките… на дворовите и крововите, на осамата и штамата, на драмата во најдлабоките и највисоките претстави за нас самите“. Оливера Ќорвезироска

ИЛИ-ИЛИ, Ваше право на добра КНИГА!

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна