Второ издание на „Светот што го избрав“ од Малеска

Драги читатели,

Ве информираме дека денес од печат излезе второто издание на „Светот што го избрав“ од Калина Малеска, кој во меѓувреме се закити со престижната награда „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.

„Светот што го избрав“ е роман што апсолутно го заслужува називот „Роман на годината“ за 2024 година затоа што е извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори. Кус, концизен, маестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни наметнал избор што не само што не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага. Личната приказна за Леона, која како средовечна жена ги напушта сопругот, домот, дотогашниот живот и статус, и почнува од нула во подрумска соба среде Скопје, истовремено се преплетува со општествено критичката приказна за образовните реформи во чија комисија хонорарно соработува и Леона. Автентично истражен и стилски избрусен, ликот на Леона е лик на жена која својата ранливост, самотија, нагла осиромашеност и длабока неизвесност во патријархалното опкружување, храбро и достоинствено ги преобразува во нова можност и решеност да избере, да се избере себеси, но и она и оние што ќе ги сака и чувствува за свои. Нејзиниот идентитет се преобразува со силата на нејзиниот интегритет што претставува и интроспекциски процес на самоосвестување и рехабилитирање во сопственото постоење, но и надежно заедничарење со новите познајници и животни околности во кои се нашла.

Овој роман е толку потребна книжевна согледба за ранливоста и моќта на човековата микрокосмичка положба во макрокосмосот на системот, без разлика дали станува збор за семејство, за самост или за општество. „Светот што го избрав“ од Калина Малеска е роман што освестува, охрабрува и дава надеж за еден подобар свет што секој сам мора да реши да го избере. Во таа смисла романот на годината би требало да го има во секој дом, во секоја лична библиотека, но и во секоја безбедна соба, институција и катче каде што човек прибегнува по помош или совет како да се продолжи понатаму кога се чини дека тоа е невозможно. Одлично напишан, со длабока човечка порака, „Светот што го избрав“ на Калина Малеска е вистински избор за „Роман на годината“, гласи образложението на жирито.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна