Ново во „ПРОаЗА“ – „Фауна“ на Кристијан Вадне

Деновиве од печат излезе нов роман во популарната едиција „ПРОаЗА“. Се работи за преводот на еколошката фикција насловена „Фауна“ од младата канадска писателка Кристијан Вадне, која освои еден куп награди со нејзиното одлично дебитантско дело. Преводот од француски на македонски е на Валентина Новачева, а дизајнот на корицата на Марија Смилевска.

Кристијан Вадне е канадска франкофонска писателка, родена 1986 година во Квебек. Пред објавувањето на романот Фауна, со години работела во книжевната заедница како програмерка на настани и менаџерка на проекти. Дејствието во Фауна, роман сочинет од поврзани приказни, се случува во иднината по климатските промени кога луѓето се борат со мистериозната епидемија додека другите видови се прилагодуваат и размножуваат. Успехот и многуте награди со дебитантскиот роман на Кристијан Вадне широко ѝ ги отворија вратите во книжевниот свет.

Книжевните критичари не бираа зборови за овој извонреден роман, кој сите ги воодушеви:

„Сместен некаде на студениот Север, овој елегантен и изненадувачки роман сочинет од поврзани приказни ги следи ликовите околу изолираното, чудовишно село на студените, Шиверинг Хајтс, каде што комуницираат чудни и футуристички биолошки форми на живот. Меѓу најчудните од овие форми на живот се луѓето, иако читателите ќе откријат и други. Писмото на Вадне е сурово, еротично и наликува на сон. Таа ќе ве одведе длабоко во магливата, опседната шума и ќе ве привлече до срж“. Chicago Review of Books

„Раскошните слики и бистрата атмосфера создаваат вртоглава слика за светот по човековото постоењето. Овој мрачен, сензуален роман го повикува читателот да ја замисли природата како напредува во токсичните последици од доминацијата на човекот и претставува суштински додаток во новата серија на книжевната еко-фикција“. Publishers Weekly

„Авторката од Квебек, Кристијан Вадне, умешно се надоврзува на делата на авторите на еко-хорор/научната фантастика за да создаде надреален, но научно издржан пост-апокалиптичен свет на постојан биолошки тек и еволуција“. The Star

„Со посветеност на јазикот, на ритамот, на сликите, Вадне внесува митски, дури и библиски квалитет во реалноста на глобалното затоплување“. Locus

„Продуховена визија за последните времиња што нè потсетува дека од старото ќе се роди ново време, подеднакво диво и живо како и примитивните почетоци на претходното“. La Presse

Или, доколку ги сакате Кроненберг, Кафка и Велс, тогаш Фауна е роман за вас, бидејќи го прикажува хипнотичкиот дарвинов кошмар до кој ќе не доведат нашата негрижа и негирање во годините што претстојат.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна