Второ издание на романот „Утеха за голите“ од Давор Стојановски

Со радост Ве информираме дека денес од печат излезе второто издание на „Утеха за голите“ од Давор Стојановски, оригинално објавено во 2018 година.

За романот, кој излезе две години по наградениот „Собирачи на пепел“, рекоа:

Утеха за голите е навистина нешто поинакво: хибриден, искршен и комплексен роман со голема и суверена амбиција, впечатлива монтажа, лизгање низ просторот и времето (…) Стојановски е вешт автор со филигрански раскажувачки детали и решенија. Една богата нарација со широки и спокојни пловни реченици кои повлекуваат цело море асоцијации и слики во себе. Многу симболика, кротка лирика, спитомени поврзувања на неповрзливото“. Оливера Ќорвезироска (Слободен печат)

„Роман во кој се испреплетуваат изгубената љубов со неостварената и несретнатата љубов. Времето е главниот арбитер на брчките и сенките на ликовите (…) Ова е роман за носталгијата. Стојановски до перфектност ја има донесено економичноста на реченицата, јасноста на текстот ве заведува да го читате“. Душко Крстевски (рецензија)

Утеха за голите е роман проткаен со атмосфера на нешто тегобно, како суптилна парафраза на готскиот роман (…) поседува ненаметлив шарм на дискретна меланхолија, која ја поврзува сепијата на сликичките од минатото со запрашаноста над себеси. Оваа меланхолија, на тензијата на злокобното ѝ го спротивставува токму дејството на утехата, преку која сопственото минато се прифаќа како дел од неоспорниот поредок – без протест кон неправедниот исход и без ужас од незаслужената празнина“. Саша Ќириќ (Портал Новости)

 

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна