Збирка раскази од Огнена Никуљски
Задоволство ни е да ве информираме дека во ова активно издавачко лето на Или-Или, во едицијата „ПРОаЗА“ како книга бр.251, овој петок ќе излезе збирката раскази „Да ви кажам право“ од Огнена Никуљски.
Се работи за книга која уште со насловот го најавува својот силен адут: непосредноста. Овие избрани раскази се раскажани со исповедна отвореност, како доверлив разговор во кој животот не се разубавува, но ниту се претвора во повод за самосожалување. Авторката зборува за љубовта и разочарувањата, за семејството, насилството, осаменоста, спомените, стареењето и малите секојдневни радости со храброст да го именува и она што најчесто се премолчува.
Особена вредност на книгата е отвореното и ретко книжевно согледување на жената во подоцното доба од животот. Таа овде не е сведена на возраст, загуба или повлекување, туку е прикажана како жена со тело што се менува, со желби, стравови, сеќавања, лутина, самоиронија и потреба повторно да се пронајде себеси. Во нејзиниот поглед кон сопствениот живот има и болка и помиреност, но и тврдоглава волја да не ѝ се предаде на празнината.
Стилот на Никуљски е жив, јасен и природен, со богатство од говорни нијанси и прецизно забележани детали. Хуморот,понекогаш благ, понекогаш остар и црн, не ги потиснува тешките теми, туку им дава човечка мерка. Од автобусите и комшиските муабети до најинтимните пресметки со минатото, „Да ви кажам право“ создава препознатлив свет во кој трагичното и смешното постојано се допираат. Тоа е искрена, топла и стилски уверлива проза за преживеаното, прифатеното и за слободата човек најпосле да живее во согласност со себеси.
Огнена Никуљски (1951) е професор по шпански во пензија, книжевен преведувач, автор, заљубеник во мајчиниот, македонски јазик. По романот „И ѕирка и проѕирка“, финалист за наградата „Роман на годината“ за 2024 година, збирката раскази „Да ви кажам право“ е нејзина втора прозна објава.

КРЕАТИВНА ЕВРОПА