ОЛИВЕРА НИКОЛОВА е родена во 1936 година, во Скопје. Учела во Струга и Велес, а завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како драматург на радио и телевизија. Пишува за деца и за возрасни.

Попознати дела за деца се: „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“ (Награда на РТВ и Струшки вечери, 1966), „Пријателите Бон и Бона“ (Награда на РТВ и Струшки вечери, 1975), „Мојот звук“ (Награда ‘Младо поколење’, 1978), „Девојките на Марко“, „Љубоболки“, „Шифри на каменот“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и други. За специјални постигања во современиот израз на литературата за млади, во 1983 година ја добила „Змаевата награда“.

Нејзини дела за возрасни се: Книгите раскази „Ден за летување“ и „Лева комора“, комедијата „Сребреното јаболко“, романите „Тесна врата“ (Награда ‘Стале Попов’, 1983), „Домашни задачи“, „Тромбот“, „Адамовото ребро“ (Награда ‘Рациново признание’, 2000), „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“ (награда „Роман на годината“ за 2004г), како и книгата со драмски текстови под наслов „Сребреното јаболко“.