Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач. Вонреден професор е на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Автор на поетските книги: „Морска месечина“ (2003), „Скриени песни“ (2005), „И вода и земја и оган и воздух“ (2006), „Квартети“ (2010), „Побрзај и почекај“ (2011), „Пред и по танцот“ (2012), „Вистинска вода“ (2014) и „Внатрешни планини“ (2016), како и на првата книга хаибуни во македонската литература – „Ехо од бранови“ (2009, ИЛИ-ИЛИ).

Автор и на книжевно-теориските книги: „Од слика до песна“ (2003), „Споредбени триптиси“ (2007), „Les Musées imaginaires“ (2009), „Слики за читање“ (2009), „Споредбени диптиси“ (2011), „Зоон поетикон“ (2013) и „Narro ergo sum“ (2015).

Добитник на неколку книжевни награди: „Браќа Миладиновци“ (за поезија), „Нова Македонија“ (за расказ) и „Димитар Митрев“ (за книжевна критика). Се занимава и со други уметности: музика, сликарство, фотографија…

  • Небо без ѕвезди

    „Зошто небото е без ѕвезди? Како мравката прославува роденден? И кога буквите од книгата играат танго? Потрагата по одговори во овој чудесен свет од слики и звуци претставува радосна игра за сетилата и духот, вистински празник на мигот овде и сега. Оваа книга на Владимир Мартиновски нуди една неповторлива читателска авантура“.

    Лидија Капушевска-Дракулевска

    „Кој не знае да чека, џабе брза!“ – така започнува еден од 77 хаибуни за уметноста на дребноста, за оние работи што брзите луѓе не ги забележуваат, а бавните секогаш одново ги зачудуваат“.

    Владимир Јанковски

    200,00 ден250,00 ден
  • Ехо од бранови

    Хаибунот е хибриден жанр, сочинет од проза и хаику-поезија. На почетокот од еден од најпознатите јапонски хаибуни Oki-no-hosomichi, хаику-мајсторот Мацуо Башо (1644-1694) потсетува дека сите феномени во природата (од сонцето и месечината до годишните времиња) се „вечни патници“, така што и писателот во традиционалниот хаибун се доживува себеси пред сè како патник. Настанат како патописен жанр, хаибунот постепено добил мошне широк жанровски опсег, кој вклучува повеќе прозни облици: дневник, автобиографија, песна во проза, краток расказ, есеј, запис…

    Современиот хаибун најчесто се фокусира на секојдневните искуства, како во природата, така и во урбаниот амбиент. Хаибунот неретко се споредува со уметноста на скицирањето. Овој жанр се дефинира како „наратив на епифанијата“: секојдневните настани, најчесто раскажувани во сегашно време, се прикажуваат како еден вид откровенија, како дел од едно „вечно сега“, кое се доловува пред сè преку комбинирањето на можностите на прозниот и поетскиот дискурс. Меѓу другото, оваа книга на Владимир Мартиновски го најавува интересот за овој древен жанр и во македонската современа книжевност.

    199,00 ден