Промоција на романот „Простување“ од Кица Колбе

Почитувани читатели,

Ве покануваме на промоцијата на романот „Простување“ од Кица Колбе, финалист за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“. Настанот ќе се случи во кафе-книжарницата „Буква“ на 11 април (петок) со почеток во 20 часот. Со авторката ќе разговараат Калина Малеска и Игор Анѓелков.

Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.

Простување од Кица Колбе во издание на „Или-или“ е извонреден роман за простувањето и помирувањето како хуманистички чин на надминувањето на траумите од војните и од прогонствата кои не ги засегаат само конкретните жртви, туку се пренесуваат и уште повеќе го усложнуваат и редефинираат идентитетот на потомците“. (Образложение на жирито на конкурсот за „Роман на годината“)

„Најновиот роман „Простување“ на еминентната македонска и германска прозаистка, филозофина и сликарка Кица Колбе, проникнат е од темите кои се доминантни во целиот нејзин раскажувачки опус: идентитетот, дислокацијата, меморијата, јазикот, создавањето и восприемањето на уметноста, суштинското промислување на човековата егзистенција, етичноста како еден од идеалите на човековото постоење. Инкарнирани преку ликовите, нивните животни судбини и нивните дејствувања во романот, овие теми поаѓаат од конкретното, индивидуалното, и се издигнуваат до универзалното и општочовечкото, обединувајќи ги низ густата раскажувачка постапка откривањето и соочувањето со сопствената, со наследената и со колективната траума.“ (дел од освртот на Гоце Смилевски објавен на порталот „УМНО“)

Ве очекуваме!

 

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна