Нов роман од Сашо Кокаланов!

Почитувани,

по романите „Ние сме лудаци“ и „Ши“, кои поради својата луцидност и хумор во големи дози имаа(т) завидна читаност, ИЛИ-ИЛИ го објавува и новото прозно дело на Сашо Кокаланов насловено „Среќните луѓе не слават родендени“.

Се работи за приказна за едно семејство, во која главните ликови ги толкуваат мајката, постариот и помалиот син.

Краткиот синопсис на книгата најдобро може да се долови преку следниот извадок, кој кажува речиси се’:

Среќата денес е преценета работа. Денес полесно се доаѓа до среќа отколку во мое време. Секој втор локал е за игри на среќа, останатите се за брзи кредити за оние што немале среќа во игрите на среќа. Да, точно, има толку многу продавници каде што може да се купи среќа, цели зони каде што бесплатно или за мали пари може да се остварат најскриените желби. Ти се мочам јас на таквата среќа!

Јас се враќам од една таква зона, стари, од една таква продавница. Се враќам среќен, но за среќа тоа сум само јас, еден крајно добродушен и скромен човек. Во право си, среќата не е за секого. Замисли што ќе се случи кога сите ќе поверуваат во таа соба и кога сите ќе отидат брзајќи во зоната. Сите тие потенцијални императори, големи инквизитори, фирери од сите провениенции… И оние најлошите, таканаречените спасители на човештвото!

Во право си. Среќата не е за секого“.

За останатото ќе се погрижите Вие, читателите!

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна