Промоција на „Илина и шумските тролови“

„Не сакам, не сакам, не сакам во недела сабајле да ме влечкаат по гости. Недела сабајле е за цртани и корнфлекс. За будење пред мама и тато да станат и да ми се мешаат во живот. За јадење чоколадо од скришната фиока за која мислат дека не знам. За седење на праз-зеленото килимче од баба пред мама да рече ‘не е чистено, не седи на земја’ и да ми расипе филм. И кога чистат не било чистено, а цело време некој чисти. Преку глава.“

Вака некако почнува авантурата на Илина – со упропастени неделни планови. Овој почеток на нејзината приказна е доказ дека ако еднаш дозволиш да ти се мешаат – тие, сите тие други – нема крај! Бидејќи после оваа недела, Илина е вовлечена во низа авантури: отскаменување тролови од лоша вештерка, дешифрирање на тврдоглава книга, расправање со таканаречени гатачки, мазење мистериозни бели мачори – накратко речено, бркање соништа… бидејќи соништата се важни!

Од соништата на Хана Корнети произлезе и оваа приказна.

Во сабота (бидејќи недела е за цртани), 23 декември, точно напладне, заедно ќе ја испратиме годината и ќе ѝ посакаме добредојде на Илина и на целата нејзина банда во Вудсток (на раскрсницата помеѓу Теодосиј Гологанов и Рузвелтова).

Промотерки на овој роман за големи и мали деца ќе бидат Ана Алексовска и Ника Ќулавковска.

Тимот на Вудсток ќе им нуди специјални (нормално безалкохолни) коктели на најмладите посетители, а ние ќе измислиме некоја слатка закуска за вас.

Ве очекуваме!

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна