Недостиг

Од (автор)Симеон Јанков

320,00 ден

„Ми беа потребни десетина обиди целосно да се нурнам во тоа чувство, да сфатам како е да си мртов. Еден ден, откако веќе бев малку потпораснал, се сетив дека сепак во тоа време некако сум размислувал, што не би требало да биде најсилна страна на мртвите, по што бев принуден да го променам пристапот, а следниот нагласок го ставив на промените, односно на нивното отсуство. Смртта мора да е отсуство на промени зашто мртвите не се менуваат, произволно но уверено заклучив и веднаш потоа се зафатив да ги скаменувам миговите и ја пронаоѓав насекаде: во белото набабрено небо од кое дождот уште не заврнал, во самракот во кој сонцето се губеше и веќе никогаш не изгреваше, во усните на дедо ми пред да го изговори моето име, во попладневните дремки во кои сѐ замираше“.

„Недостиг“ е повеќеслоен психолошки роман- мистерија што нуди повеќе перспективи и толкувања за настаните, на кои временски нелинеарното изложување им е можеби најсилната страна. Приказната за недостигот е една од главните теми на кои се гради романот и како што нарацијата се развива, станува сѐ понапната, а со разврската на крајот, кој бездруго нуди повеќе толкувања, читателот осознава дека справувањето со сопствениот недостиг значи справување со сѐ.

Во романот се наметнуваат деликатни прашања: што ако веќе го нема минатото на кое сакаш да му се вратиш, што ако не можеш да го промениш она што никогаш не се случило, што ако дури ни во детството веќе никој не те чека, дали твојата неприпадност е нечија туѓа припадност?

ШИФРА: 230
Едиција:
Автор/ка

Број на страници

152

Година на издавање

2024

Симеон Јанков е роден 1981 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во групата „Македонски и јужнословенски книжевности“. Автор е на романите „Црна шума“ (Ми-Ан, 2019) и „Најосаменото место“ (Или-Или, 2021).