-
Црвените очи
Во својот втор роман, Леруа ни пренесува дел од нејзиното искуство од разговорите на социјалните мрежи со човекот кој во книгата го носи името Денис. Таа одговара на неговата покана за пријателство, охрабрена што имаат неколку заеднички пријатели на Фејсбук.На почетокот, епистоларното пријателство се сведува на речиси симпатична размена на животните приказни. Но, стапицата над жртвата полека се затвора. -
Идис
Робер Бадентер ја напишал оваа книга од почит кон својата баба по мајка, Идис. Пишувајќи за нејзиниот живот и патешествието на семејството како еврејски емигранти на Руската империја, Бадентер дава еден неверојатен приказ на животот на неколку генерации на семејството на неговата баба како еврејски емигранти, дојдени во Париз пред 1914 год.
Незаборавно книжевно доживување!
-
Зографски приказни
Боенка за најмладите со тајните на Дичо Крстев Зографот.
Роден во село Тресонче во 1819, Димитар Крстев бил посинет од мајстор – резбар. Иако го научил тој занает, повеќе сакал да слика. Како и сите сликари во тоа време, учел од постари фрескописци сè додека не основал своја тајфа – група со која што патувал низ Балканот. Според преданијата, насликал речиси 2,000 икони и фрески. Починал 1871 година-ва во родното село, каде што е и погребан. Но, никој не знае како изгледал. Како што рекол во еден ракопис, неговиот лик најдобро се гледа од неговите дела. А тие дела се полни со тајни.
За жал, многу од неговите икони и фрески се оштетени од забот на времето и поради недоволна заштита, или пак се исчезнати поради кражби. Така, на пример, црквата Свети Петар и Павле во Тресонче за која што насликал над 40 икони е ограбена 2013-та година. Друга црква, во Маврово, каде што оставил и фрески и икони, била потопена при градење на хидроцентрала уште 1952-ра година.
Во автобиографијата што му се припишува, го оставил овој аманет:
„Вардете ми ги оние рабоќе шчо ‘и остаиф да ‘и красит црквите у нас и у другите земји, зашчо за да го дозноеме светот надвор од нас, требет првин самите себеси да се научиме“.
Се надеваме дека оваа мала боенка ќе помогне да не го заборавиме.
-
Сликовница… Зборовница
„Да се биде дете творец, или творец со детски порив е најголема умешност во создавањето уметност. Тоа го изјавиле многу големи уметници, а јас секако ја апострофирам или ја подвлекувам со црвен молив оваа констатација.
Мила Гулеска-Ноневска создава спонтано, силно обојувајќи ги површините на делата, играјќи си и мешајќи ги со рака боите. Така, тие се таложат и создаваат сензитивно обоени површини. Меѓу тие обоени површини, авторката внесува содржини од своето минато секојдневие. Тоа се вешти цртежи на предмети, птици, фигури, предели… Токму таа раскошна комбинација на претстави и бои – тие се животната енергија што блика од делата. Постои и претстава на живописна игра на фигури и предмети, а воедно и меморија за еден богат и исполнет живот. Секоја слика е страсно доживеана од авторката, тоа се искрено исфрлени напливи на креации без граници; постои само слобода на создавање и се има впечаток дека делата лебдат во просторот.
Во творбите на Ноневска, минатото е сегашност. Тоа е нејзиниот бајковит обоен свет. Тој, светот на Ноневска, закопан длабоко во нејзините архиви оживува со само мало придвижување на нејзината вешта рака. Приказната добива душа, зрачи, жива е, говори… Заради моќта и звукот на бојата, се добива впечаток дека приказните се „заразно“ радосни.
А, радоста при креирањето на раскошниот свет, се чувствува буквално во секое дело на Мила. Страста и слободата на изразувањето, линеарните прикази – нејзиниот автентичен цртачки вез, прекрасните фигури, колоритниот живот во кој доминира моќната сина боја, сето тоа богатство живо пулсира во сликовницата за возрасни“.
Сергеј Андреевски
-
(До)Живеј го Скопје
Книга со скопски графити од последниве пар декади!
Откако заклучија дека со години ги колекционираат пораките и цртежите на скопските ѕидови, Богдановски и Анѓелков решија да ги спојат креативните сили и да го замрзнат времето во книже полно со радости.
„Графити, некои ги сметаат за вандализам, нагрдување на јавните и на приватните објекти, други, пак, како уметнички израз или улична уметност, еден вид на социјална комуникација преку пораки и мисли испишани по ѕидовите. Што е точно од ова ќе остане уште долго во дискусија, но непобитно е дека графитите се еден феномен, кој опстојува во урбаните средини, особено во големите градови. Скопје, иако можеби не е многу голем град, неговите ќошиња и фасади се носачи на овие привремени пораки, веќе со децении“.
Матеј Богдановски
„Матеј беше клучниот човек кој еден ден ми пиша дека би било добро да издадеме нова графити-книга за Скопје. Книгата наиде на голем интерес уште за време на промотивниот период, затоа што претставува артефакт за едно време низ кое сме поминале со будно отворени сетила, читајќи ги пораките на современиците врз ѕидовите околу нас, кои неретко нè замислувале, но и нè засмевале. Отсекогаш сум ги обожавал графитите како слободна форма на изразување, бидејќи приказната е толку едноставна: имате ѕид, имате спреј во раката, добра мисла или талент за цртеж и магијата се случува веднаш, тука и сега. И не ви треба ништо повеќе!“
Игор Анѓелков
-
Една книга
Книгата носи поднаслов Summa Universi, а претставува расправа, трактат за сите прашања што си ги поставува денешниот Хомо Сапиенс за неговото потекло, универзумот, општествените и политичките трендови и светските социолошки текови.
Целата расправа на 150 страници е сместена во фикција, новела која се движи на границата помеѓу научната фантастиката и реалноста.
“Се работи за новела во која секојдневното, реалното време и космичкото или надреалното се мајсторски изместени, помешани. Тоа е литература што ве тера на размислување и себе-преиспитување. Ова е роман кој нема да ве остави рамнодушен“.
Сергеј Андреевски
“Една книга е филозофски роман претежно напишан во течна и возбудлива дијалошка форма. Топло ја препорачувам оваа книга за читање. Ќе најдете низа одговори на класични и современи филозофски прашања, но и насока како да се пристапи низ живеењето како патување во потрага по неодговорените прашања“.
Тони Поповски
-
Burri im
„Burri im” përmban 11 tregime të rrëfyera nga perspektiva e një gruaje, tregime të cilat flasin për jetën e tyre. Janë gra të cilat ne i takojmë dhe i shohim çdo ditë – amvise, artiste, afariste, profesoresha… Çdo tregim flet për marrëdhëniet e tyre me burrat dhe me fëmijët, me rrethin dhe me shoqërinë.
Por, gjithashtu, secila prej tyre është një kritikë në vete për patriarkatin, i cili është aq thellë i gdhendur në shoqërinë tonë. Secila prej tyre flet për disa gjëra të përditshme, të cilat në shikim të parë janë të zakonshme, dhe pikërisht për shkak të kësaj është edhe pasqyrimi i një realiteti të heshtur nëpër të cilin çdonjëri prej nesh kalon.
-
Животот на смртта
„Серијата на создадени дела кои можеби најмногу соодветствуваат со заедничкото именување „текст-цртеж“ на Перо Георгиев, дивергира кон неколку епистемолошки категоризации. Графичкиот (цртачкиот) спектрум изобилува со мноштво на композитни пораки кои минуваат низ три клучни стилски преобразби: интимен свет, општествено опкружување и универзални вредности. Текстуалните предлози навидум конвергираат кон истите теми кои се обработуваат во цртежот, но тие поседуваат сопствена автономија на мислата, која вешто се преобразува низ екстензија на нови исцртани или илустрирани замисли. Она што ја прави оваа графема или прозна сликовност невообичаена и исклучителна е опсегот на теми и проблематики кои го окупираат интимниот свет на Георгиев, подготвеноста за воспоставување на општа дискурзивна полемика и своевидна артикулација во облик на социо-естетика“.
Натали Рајчиновска Павлеска, ликовен критичар и теоретичар
450,00 ден -
Сликарски правци на 20 век
Патување низ сликарската модерна и постмодерна на 20 век, со скопскиот Пикасо на насловната страница на книгата.
Култно четиво на новите генерации љубители на уметноста.