Нова збирка раскази од Емил Крстески
Почитувани читатели,
со задоволство ја најавуваме и последната книга за плодната 2025 година на издавачки план.
Во вторник, на 16 декември, ќе ја објавиме новата збирка раскази од Емил Крстески насловена „Не правете го тоа во мојот автомобил“. По прекрасните приказни во „Три дена во Париз“, повторно соработуваме со авторот кој знае како да ги сплете приказните од современието, низ сугестивен и предизвикувачки манир на искусен творец.
Писателката и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска за новата збирка од Крстески напиша:
„За какви раскази, всушност, станува збор и кога бившата жена на нараторот од последниот расказ вели такви („Зошто пишуваш такви раскази“) и кога јас уште во насловот на поговорот велам вакви? За лични, сочни, јадри, отворени, полнокрвни и жуборливи, напати дури и скокотливи и смели, сугестивни, кокетно и хедонистички раскажани и во јас-форма и во сезнајно трето лице; автофикциски прошетки низ сопствениот, но и низ туѓите животи; стварносни вдомени во фикција, но и фикциски вдомени во стварност; документаристичко-патописни со недвосмислена прозна амбиција наспроти лежерноста на нарацијата и дневничкиот тон“.
Се радуваме што во популарната едиција „ПРОаЗА“ добивме уште една квалитетна збирка со раскази од домашен автор, која сигурно ќе наиде на добар прием кај љубителите на овој книжевен жанр 😉
Промоцијата на книгата ќе се одржи на 24 декември во кафе-бар „Комедија“ од 13 часот!

КРЕАТИВНА ЕВРОПА