Промоција на романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска

Утревечер во кафе-книжарницата „Буква“ во 19ч30м ќе се случи промоцијата на новата книга од Калина Малеска, ромнот „Светот што го избрав“, кој излезе од печат минатата седмица. Промоторка на книгата ќе биде Илина Јакимовска.

Романот ја раскажува приказната за трансформацијата на Леона, чие чувство за себе и сопствениот идентитет се менува низ контактот со луѓето и просторите: подрумот во кој се вселува, состанарите и околниот двор, членовите на одборот за наставни програми, канцеларијата за состаноци, барот…

Доминантна карактеристика на романот е, како што вели Никола Гелевски, „заузданата хетерогеност во најширока смисла (што е романот како жанр): различни генерации, класи, родови тензии, попречености, одлично пренесен детски поглед – Вера е еден од најдобро направените ликови. Се забележува веродостојност, ангажираност, прецизна ситуираност, неореализам (сцената со децата на кои таткото им забранува да си играат кај Леона). Се чувствува љубов и емпатија кон луѓето, но и критичност“.

На хетерогеноста се осврнува и Оливера Ќорвезироска, според која „убав е миксот на интересите и ликовите, на надворешното (комисијата) и внатрешното (женската потреба од љубов изразена на многу впечатлив, невообичаен и автентичен начин), а комплексноста на романот се огледа и во присуството на филозофските наслаги, етичките размисли, есеизираноста во една необична форма“.

Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Таа е авторка на многу книжевни и теориски книги, а во издание на ИЛИ-ИЛИ можете да ги читате: збирките раскази „Мојот непријател Итар Пејо“ и „Скопје во високата зона“, книгите за деца „Арно ама“ и „Вонземјанинот Лу-Ру-Су“, како и книжевната студија „Облици на моќ во современата книжевност“.

Промоторката Илина Јакимовска, пак, е редовна професорка на Институтот за етнологија и антропологија, авторка на бројни стручни студии, како и на неколку книжевни дела. Го води блогот за култура „Bookbox“ на порталот off.net.mk и аудио подкастот „Обични луѓе“.

Ве очекуваме 😉

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна