Улиците што ги нема

250,00 ден

„Во расказите од оваа мудро замислена и мајсторски реализирана книга на Оливера Ќорвезироска луѓето живеат во улиците чиишто некогашни имиња ги одвеал наумничавиот ветар на историјата. Градот во кој тие улици некогаш постоеле е Скопје, бездруго е Скопје, и улиците бездруго некогаш ги носеле имињата што ги спомнува Ќорвезироска. Се’ е конкретно, мошне проверливо и цврсто вкотвено во реалноста. Но овие раскази никако не би смееле да ги разбереме само како сентиментален ламент по некогашните белези на градот. Ќорвезироска успева, на еден извонредно деликатен и ненаметлив начин, да ни сугерира дека судбините на тие луѓе кои живееле во „улиците што ги нема“ се по некој невидлив, но сепак, неумоливо насочен пат поврзани со исчезнувањето на некогашните називи. Секој од овие извонредно заокружени раскази, а и сите заедно, како целина, ни кажуваат дека промашеноста, напразноста и ефемерноста на тие животи е во некаква тајна, длабока врска со непостојаноста и минливоста на имињата што ја означувале нивната адреса и некогаш претставувале цврст репер на нивното постоење“.

Влада Урошевиќ

ШИФРА: 158
Едиција:
Автор/ка

Година на издавање

2020

Број на страници

166

Оливера Ќорвезироска (1965) е македонска писателка и критичарка. Основно и средно образование завршила во родниот град Куманово, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи.

Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, турски, чешки, српски, словенечки, бугарски, полски и руски јазик.

Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 год. ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“.

Ќорвезироска е авторка и на следниве книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница заедно со Глигор Костовски-Гишо), „Отвораат ли сништата работа“ и „Еден текст и една жена“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“ (роман за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „Новелички без шеќер“ и „(Со)шиени раскази“ (раскази за возрасни).

Коментари на клиенти

Сè уште нема коментари.

Само најавените клиенти кои ја купиле оваа книга може да остават коментар.