Автор/ка | |
---|---|
Година на издавање | 2016 |
Број на страници | 94 |
Секој со своето езеро
200,00 ден
„Ноќ во музејот. Мојот пријател од сеќавањето го нема. Коридорите, празни, бескрајни и ладни, болно се повторуваат. Се бркам со некакви призраци низ редови од стакларници, бледи сеќавања и контури кои испаруваат во темнината. Чекорам по патишта што останале неизгазени и наеднаш, без да знам како, се наоѓам во депото на музејот. Месечината го осветлува пијаното што стои покрај ѕидот напластено со прашина. Врз него запрашени стојат партитури на Мусоргски. Во аголот празен кафез за птици. Наведната над пијаното стои сенка. Капакот е затворен, но од срцето на инструментот се слуша речиси нечујна мелодија. Реката се бранува по музиката и музејот се преплавува со мастилава вода. Во собата влетува друга сенка. И сега сме тројца“.
Збирката раскази „Секој со своето езеро“ е составена од 14 кратки раскази кои тематски осцилираат околу загрозените урбани пејзажи на градот, околу идентитетот и отуѓувањето, љубовта и тагата, постоењето и смртта. Расказите најчесто се пишувани во минималистички манир, со исклучок на расказот „Николај и мастилавото езеро“ кој се наоѓа во средиштето на книгата. Расказите се тензични, драматични и меланхолични, проектирани во двојна перспектива и базирани на канонот на урбаниот топос. Книгата навидум е поделена на четири делови кои се најавени со куси пасажи или цитати. Пишувана е во зимата 2012 година
*Книгата ја доби „Наградата за литература на Европската унија“ за 2016 година
Ненад Јолдески (1986) е роден во Струга. Автор е на книгите: „Штамата на Енхалон“, збирка раскази напишани на струшки дијалект и сленг која ја освои наградата „Новите“ за најдобро дебитантско дело во 2009 година, и „Секој со своето езеро“ која во 2016 година ја доби „Наградата за литература на Европска унија“.
Уредник е на збирката раскази „Николај (фикција. вода. вистина)“ која содржи шест раскази од шест македонски автори, инспирирани од животот на руските емигранти доктор Никола Незлобински и неговата жена Софија Незлобинска.
Коментари на клиенти
Сè уште нема коментари.
Само најавените клиенти кои ја купиле оваа книга може да остават коментар.