Автор/ка | |
---|---|
Број на страници | 97 |
Година на издавање | 2024 |
Јод
270,00 ден
Да бидам меѓу своите… Со баботењето во главата, крцкањето во ушите, затнатоста на носот и грлоболот − не сум ни своја! Но, мајчинскиот инстинкт ме придвижува. Со сета сила, сила сум за нив. И во едно сум убедена: знам каде ми е местото. Јас припаѓам овде, меѓу децата. Тука е моето сигурно место.
Други чувства и огнови ме гореа што се решавам сепак да пишувам за нив. Морам да го средам хаосот во мислите настанат под притисокот на главоболката и да не дозволам грозницата да ми го помрачи умот. Раката ми трепери. Отпивам од топлиот чај внимавајќи да не истурам врз тетратката. Прополката што ја шмукав не ми помогна многу. Воопшто.
Дали сум можеби јас сега, во оваа вечер, тој осамен и отуѓен човек, чудовиште со капацитет на насилник во обид да се спаси човечноста?! Ми доаѓаше да викнам по сите тие ноќни ѕверови, но премолчев. Дали само помислив, премолчев, или зборовите ми излетаа од устата? Не можам точно да одредам затоа што мислите ми станаа премногу гласни. Ми татне главата. Замижувам.
Снежана Младеновска Анѓелков (Скопје, 1977) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа се стекнува во 2012 година.
Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и истиот потоа доживеа уште четири изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда. Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема. Во 2014 година ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“.
Застапена е во тематските збирки раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и „Скопски раскази“ (2023, Темплум), во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press, како и во хрватското списание за литература „Artikulacije“ (2023) и „Michigan Quarterly Review“ (Fall 2024) објавено од Универзитетот во Мичиген, САД.