Прикажани се 4 книги

  • Пената на деновите

    Шармот на овој роман се должи на исклучителното мајсторство на Вијан да нè воведе во еден свет кој истовремено нè воодушевува, забавува и нè возбудува.

    Колин е млад и убав. Ја среќава Клое, која го носи името на неговата омилена џез-тема во изведба на Дјук Елингтон. Тие се вљубуваат, се венчаваат. Но, Клое почнува да кашла. Неговиот пријател Чик, пак, ја заведува Алис, пријателката на Клое. Чик е сиромашен. Поради тоа, Колин му вели да се ожени за да ја оствари среќата. Но, Чик е растргнат од страст посилна од љубовта, страст која го води до делата на Жан-Сол Партр.

    Двете паралелни приказни се одвиваат во надреалистична атмосфера, во која ѕидовите се стеснуваат, глувците во бањите си прават лижавчиња од сапун, скршените прозорци се самообновуваат, а дигестивните системи на зајаците им служат на фармацевтите за правeње на експериментални пилули. Незаборавно!

     

    „Да се влезе во книжарница и да се купи оваа книга подразбира да се отфрли малограѓанштината“.

    Рејмон Кено

    „Она што Толкин го постигнал на планот на сликата, Вијан го постигнал на планот на јазикот“.

    Никола Бертолино

    „Книга по чие читање ќе ви требаат најмалку 24 часа да излезете од неа откако сте ја затвориле“.

    едиција „Broché“

    390,00 ден
  • Ќе ви плукам на гробовите

    Без сомнение, сите романи на култниот француски писател Борис Вијан се подеднакво вредни за внимание. Но, „Ќе ви плукам на гробовите“ зазема посебно место во неговата библиографија, бидејќи се појави во време кога никој не очекуваше вакво пецкаво четиво кое вознемири многумина.

    Романот излезе во бурните години по Втората светска војна како резултат на облогот кој падна меѓу Вијан и младиот издавач Жан Делуан, кој не веруваше дека може да се случи успешна книга на француски јазик која кокетира со ултра популарниот жанр во тоа време меѓу публиката, американскиот „роман ноар“. На крајот испадна дека облогот се исплатеше, и на читателите им требаше долго време да сфатат дека писателот и преведувачот се иста личност, бидејќи романот беше потпишан со псевдоним.

    Освен тоа, Претседателот на Здружението за социјални и морални активности во Франција покрена тужба против делото заради повреда на моралните вредности. Романот беше прогласен за „порнографски“, но тоа само додатно помогна во неговата промоција и истиот се продаваше како алва. Набргу на страниците за „Црна хроника“ осамна и приказната за трговецот кој ја убил љубовницата потоа одземајќи си го и својот живот, а полицијата крај неговото тело ја пронашла токму книгата на Вијан, отворена на страната каде книжевниот херој ја убива својата девојка, по што легендата за романот веќе си зазема место во историјата.

    Или, талентираниот Борис Вијан со својот горчлив стил и острите реченици кои сечат како сатар несомнено ја поседува уметноста на неизвесноста, создавајќи драматично четиво кое изобилува со жешка атмосфера, исполнета со блудни нешта. Но, на провокативниот разврат му опонира со жигосување на одвратниот расизам, отворено изразуваќи го презирот кон сегрегацијата и кон лицемерието, кои се како брат и сестра.

    Величествено!

    200,00 ден330,00 ден
  • Вадисрце

    Последниот роман на Борис Вијан, напишан пред неговата смрт во 1959 година, е неговото најсериозно и најразиграно дело. Во низа бизарни и апсурдни епизоди, Вијан ја раскажува приказната за психијатарот Жакмор кој, во потрага по „жртва” за неговите психоаналитички сеанси, доаѓа во едно приморско изолирано село, во кое живеат чудни жители со уште почудни навики.

    Покрај низата неразбирливи настани, како панаѓури на кои се продаваат луѓе или брутални жртвувања на животни, психијатарот се соочува и со најчудната загатка: трансформацијата на апсолутната љубов во насилство.

    350,00 ден
  • Есен во Пекинг

    Според публиката и критичарите, „Есен во Пекинг” е најсложениот и најуспешниот роман на Борис Виjан. Приказната се случува во една имагинарна пустина наречена Егзопотамија, каде сите главни ликови учествуваат во изградбата на железничка пруга која, всушност, не води никаде.

    Со специфично мешање на црн хумор и апсурдни сцени, Виjан ја зачинува оваа „пустинска“ авантура со крајно ексцентрични ликови какви што не се забележани во светската литература, освен можеби во „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол.

    Истовремено смешни и трагични, сериозни и апсурдни, допадливи и одбивни, овие незаборавни ликови живеат во мрачниот свет на Виjан, каде сè е можно, освен вистинската среќа.

    200,00 ден390,00 ден