Црвец

Од (автор)Џон Фаулс

490,00 ден

„Црвец“ е шестиот роман на Фаулс, прв пат објавен во 1985 година. Жанровски тешко може да му се најде недвосмислено место зашто во него се испреплетуваат елементи на детективска приказна, на историска (мета)фикција, на епистоларен роман и на научна фантастика. Поради ваквиот колаж, но и неизбежните автореферентни и метафикциски нишки кои се препознатлив белег на прозата на Фаулс, критиката претпочита да го смести делово под пошироката капа на постмодерниот роман.

По авторскиот пролог, во кој Фаулс го објаснува визуелниот зачеток на своето дело, како и дел од повеќезначноста на терминот што го избрал за негов наслов, се среќаваме со петмина коњаници кои во пролетта 1736 година патуваат во гратче во Западна Англија. Откако едниот од нив, глувонемиот Дик, ќе биде пронајден мртов, обесен, со букет темјанушки в уста, на сцена стапува адвокатот Хенри Ескју, кој по овластување од неименуван благородник има задача да открие што се случило со покојникот, како и каква судбина ги снашла неговите сопатници.

И покрај присуството на сезнајниот раскажувач и непосредната вмешаност на авторот во содржината, читателот е принуден самиот да дојде до евентуално решение на загатката. Меѓу редовите од приказната се разгледуваат и пошироките прашања за веродостојноста на сеќавањето и личното сведоштво, за степенот на објективност на историографијата, за животот како театарска претстава, а човечката историја како нарација, или за вероотстапништвото како политички бунт кој се обидува да ги избрише класните и родовите разлики.

Но, како што вели Фаулс во прологот: „не би сакал ова да се смета за историски роман. Црвец е“.

ШИФРА: 100
Едиции:,
Автор/ка

Година на издавање

2014

Број на страници

480

Превод/Препев

превод од англиски: Калина Јанева

Џон Фаулс (1926-2005) важи за еден од великаните на англиската книжевност од втората половина на 20. век.

Уште со неговиот дебитантски роман „Колекционер“ се закитил со бројни меѓународни признанија, но вистинската слава ја постигнал со неговото најпознато и најкомплексно дело „Волшебникот“.

Делата на Фаулс се исклучително сугестивни и иновативни, со нагласен интерес за психолошкиот, социјалниот и филозофскиот контекст на човековото однесување. Сето наведено го содржи и прекрасниот роман „Жената на францускиот поручник“, кој се смета за еден од големите класични романи на постмодернизмот.

„Црвец“ е неговиот шести роман, а четврто дело преведено на македонски јазик.

Коментари на клиенти

Сè уште нема коментари.

Само најавените клиенти кои ја купиле оваа книга може да остават коментар.