| Автор/ка | |
|---|---|
| Број на страници | 127 |
| Година на издавање | 2026 |
што барам во оваа недојдија
380,00 ден
„Постојат патувања што започнуваат многу пред да тргнат. Нивната вистинска почетна точка не е некој топоним, туку нешто што одамна се населило во нас, чекајќи го моментот повторно да се појави. Понекогаш е доволен еден глас, една случајна средба или нечие име испишано на заборавен споменик за да се наруши привидната непрекинатост на секојдневието. Тогаш откриваме дека времето не ги однело сите нешта што сме мислеле дека сме ги оставиле зад себе. Некои од нив воопшто не заминале. Само ние сме престанале да ги забележуваме. Романот што барам во оваа недојдија на Игор Анѓелков е книжевно патување низ таквите простори на човечкото постоење“. Влатко Деловски
„Отсекогаш сум го сметал светот во кој живеам за предградие. Како обид за град, како привремено живеалиште, како место кое требало да се развие во убава населба, а станало половина урбана, половина чудна, неуредна средина. Како некакво поле на кое не растат цвеќиња, туку целото е затрупано со некакви материјали за градба. Сликата за најновиот роман на Игор Анѓелков се создаде токму од тоа чувство за простор во кој лутаат ликовите на моето сликарство, но и простор кој го видов во неговиот ракопис. Предградието кое го чувствувам во најновата книга на Игор е пред сè предградие на животот“. Никола Пијанманов
Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Со години наназад активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста… Неговите текстови можат да се прочитаат на интернет страницата „herojnaedenden.mk“.
Официјалното книжевно деби го имаше во 2006 година со збирката раскази „Кротки приказни“, потоа следеа романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020) (последните два беа финалисти за „Рациновото признание“), втората збирка раскази „Двојна експозиција“ (2022), и уште два романи, „Мина“ (2023) и „Ветрилиште“ (2024). Следната година Анѓелков ги реиздаде своите први три книги во едно издание насловено „Кротко-крајпатни синтези“, а ја објави и првата стихозбирка „Ноември“. Во 2026 година ја објави и првата книга за деца и млади „Дријади“.
Анѓелков зад себе има и четири дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015, Државна награда за публицистика „Мито Хаџивасилев – Јасмин“), „Филмски град“ (2018), „Филмотопија“ (2022) и „Филмско око“ (2025).
По книгата едноставно насловена „Графити“ (Темплум, 2005), осумнаесет години подоцна, во соработка со Матеј Богдановски, го објави и изданието со скопски графити „(До)Живеј го Скопје“ (2023).

КРЕАТИВНА ЕВРОПА













