View cart “Физика на тагата” has been added to your cart.
Лето со соседите… и малку подалеку.
Драги читатели,
од 5 до 15 август продолжуваме со летните акции во нашата и Ваша книжарница, и се разбира, со онлајн нарачки на веб-страницата.
Овој пат фокусот е врз книгите на писателите од регионот, оние од соседството… и оние малку подалеку 😉 Листата на автори е импресивна: од современиците Господинов и Јерговиќ… до класиците Пекиќ и Маринковиќ.
За да ви ја олесниме работата да не ги барате низ сајтов книга по книга, еве ги долу сите 35 наслови на едно место, во рубриката „Можеби ќе ви се допадне и…“.
Разгледајте, изберете ги своите фаворити по супер летни цени со попусти до 70%, и наминете в дуќан или нарачајте онлајн. Ве очекуваме!
„Смртта на девојчето со кибритчињата“ е првиот роман на Зоран Фериќ, автор познат по својот уникатен спој на црн хумор, гротеска и фасцинантни човечки судбини. Наизглед едноставната криминалистичка приказна за убиството на локалната проститутка и потрагата по убиецот се претвора во виор од необични настани и бизарни ликови – од ексцентрични чудаци до наизглед обични мештани кои ги кријат своите тајни.
Малиот островски свет на Фериќ не е само кулиса – тој е огледало на нашето секојдневие, гротескна преслика на реалноста која истовремено нè забавува и нè тера на размислување. Со доза фантазмагорична имагинација, романот ги истражува границите помеѓу нормалното и апсурдното, додека црниот хумор нè спасува од тежината на тој свет.
Ако сте подготвени за приказна која ќе ве насмее, ќе ве шокира, но и ќе ве натера да погледнете подлабоко под површината на човечката природа, овој роман ќе биде вашето незаборавно книжевно патување.
Дали е потребно да минеме голем дел од нашиот живот, за во есента на годините да се сетиме дека всушност љубовта е најважното нешто што го исполнува нашиот живот со смисла. А, пријателствата, патувањата и неоткриените нови светови… Што се случи? Каде исчезна смислата? Која е смислата?
Една поранешна циркуска артистка плаќа со остатокот од своите дни за да ја собере колекцијата од приказни за мажот, со кого две години претходно биле заедно два дни, седумнаесет часа, четириесет и три минути и неколку немерливи секунди. Минува низ пустини, плови среде санти мраз, се губи во неоткриени племиња по теченијата на Нигер и Амазон, но успева да ги собере сите дваесет и осум приказни за високиот подгрбавен волшебник со портокалова кошула и среќноочаен поглед.
Но, ова не е само обична книга за љубовта, туку книга за смислата, за вечното патување. За ситуациите, кога сме на работ помеѓу љубовта и разделбата, помеѓу вообичаеното и авантуристичкото, помеѓу животот и смртта. Своевидна сложувалка во која што можеш да се откриеш себеси, своите пријатели и мечти. И затоа, не случајно, поднасловот на книгата гласи „префинет роман“, затоа што пред читателот е еден роман со ретка, специфична чувствителност, еден роман за суштината на нежноста, за единствената константа на љубовта – разделбата, за тајниот квалитет на страста, која постојано се менува и трае…
Или, пред нас е едно дело апсолутно ослободено од жанрови постулати, за кое бугарските критичари велат дека е „дело слатко до зашеметување, опијувачко до заборав“.
Како и претходните негови книги, штом излезе од печат, и збирката раскази „И сè стана месечина“ на Георги Господинов стана најпродавана во Бугарија.Таа содржи деветнаесет приказни пишувани во последниве години, некои од нив веќе објавувани во разни светски антологии, а сега спакувани во еден книжевен простор.
Според авторот, тие имаат заедничка атмосфера и ги поврзува заедничка логика. Збирката започнува со расказот „Осум минути и деветнаесет секунди“. Тоа е времето на патување на светлината од Сонцето до Земјата. Но тоа може да е и времетраењето на читање на секоја поединечна приказна.
Обидете се, уживањето е само пријатна последица, затоа што Господинов знае со зборовите. Тој ги припитомува и оживува, за потоа врз нас да истури мноштво од различни емоции.
Во новелите на Борислав Пекиќ на брилијантен начин се отсликани општествените и духовните трауми на современиот балкански човек. Напишани во седумдесеттите години од минатиот век, овие приказни совршено го доловуваат „духот на времето“ во кое се создадени, но несомнено остануваат актуелни и за нашиот денешен, современ живот.
„Одбраната и последните денови“ е книгата според која култниот бенд на Новиот југословенски бран, белградските Идоли, го насловија својот легендарен првенец од 1982 година, во кој низ песните провејуваат делови од текстот на Пекиќ, фокусирајќи се пред се’ на психолошките моменти кај главниот лик. Се работи за необична новела за емигрантската судбина и следењето на трагите на поранешниот живот на Андрија Гавриловиќ, емигрант во Западна Германија во педесеттите години од XX век, кој се обидува барем по својата смрт да се врати во Југославија.
„Успението и падот на Икар Губелкијан“, пак, е трогателна приказна за уметноста и горделивоста, во која на интересен начин се актуализира античката приказна за митскиот летач Икар. Како и во претходната новела, обидот за надминување на сопствената судбина неминовно го води главниот лик кон прашањата за смислата на животот, за моралот и човековата судбина во рамките на тоталитарниот општествен контекст.
„Грчкиот Фокнер… една од најтрогателните хроники на економската криза што излезе од Грција“.
La Repubblica
„Иконому ја редефинира вредноста и архетипското значење на грчкиот еп… со неколку зборови тој ја отсликува тешкотијата да се живее овде и сега“.
Panorama
„Дијалогот на Иконому блеска со автентичност, додека неговиот наратив премостува едноставен и често груб јазик со моменти на чиста лирика, како искра што поттикнува емоции“.
„Чудовиштето“ е роман за љубовта, за невозможната, безнадежна, но чиста и искрена љубов меѓу стариот писател и убавата млада новинарка. Нивните животи се испреплетуваат, но и се заробуваат во синџирите на моралната кауза. Роман за мудроста и големото прашање, дали е доволна за разумот на разумниот да се исправи пред моралните закони во него. Злото е привлечно, неговата појава секогаш е само навидум случајна, а всушност строго испланирана и контролирана.
По преводот на романот „Пропаст“ и одличниот прием кај македонските читатели, „Чудовиштето“ е нов предизвик за сите рафинирани љубители на квалитетната литература.
„За книжевните критичари, романот „Чудовиштето“ е лебедовата песна на Владимир Зарев. Ништо не останува засекогаш, вели Зарев на почетокот од книгата, па ни љубовта, останува само споменот за неа, нејзината сенка, нејзиниот здив. Колку е човекот мал и ништожен кога согорува во својот копнеж да се одложи крајот, смртта да се смилостиви да го остави уште малку да се насладува на љубовта. Но дали таа негова желба не е крајно себична и горка?! Зарем е малку еден човечки живот за да се љуби и да се биде љубен?! Булгаковски е крајот на „Чудовиштето“, искупувањето доаѓа преку љубовта, таа е чистата есенција на постоењето, без неа ниту злото ниту омразата не би можеле да преживеат бидејќи на кантарот ќе си тежат самите на себе, ќе немаат противтежа“.
Романот „Како да се упокои вампир“, базиран на личните искуства на Пекиќ од неговата петгодишна робија, е напишан во 1977 година, а објавен е како победник на анонимен конкурс за најдобро прозно дело. Веднаш по откривањето на идентитетот на авторот, романот е забранет и, иако доживува превод на многу странски јазици, на српски е реобјавен дури во деведесеттите години на 20 век.
Драги читатели (кхм-кхм, се закашлувам), ги направивме овие измислици и чкртаници во неколку есенски вечери минатата година, кога Раја немаше уште навршени 6, а јас веќе бев 7 пати на нејзините години плус уште 3. Седевме пред прозорецот, се стемнуваше и таа ми рече дека може да ги чуе предметите во собата како си зборуваат.
Прозорецот со вазната, книгите во библиотеката помеѓу итн. Почнавме да слушаме кој со кого си зборува и што точно. Потоа, таа предложи (идејата е нејзина, признавам) да им направам свадби. Што ли ќе се случи ако некакви предмети во собата се земат. Како, како… каучот и крокодилот, на пример. Да, имаме еден огромен крокодил што обично лежи на каучот. Кадифен крокодил, заборавив да кажам.
„Природен роман“ излегува во 1999 година, по освојувањето на наградата на националниот конкурс за најдобар ракопис на модерен бугарски роман. Во меѓувреме тој стана еден од најпопуларните бугарски романи, високо ценети од литературната критика и преведен на дваесетина светски јазици, а во 2014 година влезе на листата на 20 најдобри источноевропски романи во 20 век на „Library thing“.
„Оваа книга е лудост! Таа е неверојатна и нервозна, сентиментална, одразувачка, страшно смешна, потресителна, колку филозофска, толку и поетична, микроскопска и грандиозна. Накратко: чудесна!“
Berliner Zeitung
„Не велат ли за Габриел Гарсија Маркес дека со „Сто години самотија“ прв ја стави Латинска Америка на картата на светската литература? Исто како него, така и Господинов не само што завршува со реализмот, туку на дневен ред поставува и еден експериментално-игрив, апсурдно-остроумен, постмодернистичко-противречен, саморефлексивно-ироничен стил на раскажување. Со оваа книга Господинов се издигнува над низините на комерцијалноста и конвенционалноста на романот, спасувајќи се не само себеси, туку и литературата, а со неа и целиот свет“.
Neue Zürcher Zeitung
„Физика на тагата е литературен забрзувач на честички, голем акцелератор во кој се мешаат живописни минијатури и списоци…“
Метафоричното писмо на Пиштало опишува импресионистичка атмосфера во која гестуалноста на глетката пулсира, жива е, оти е претставена преку сетилото на активната имагинација (Јунг), преку духовната способност на тоа огледало за епифании (Корбен). Поетски начулено за поројот микромистерии на секојдневието, писмото на „Венеција“ е архивска треска (Дерида), оти бара внимателно, симултано, трпеливо, стратифицирано читање.
Како и секој палимпсест впрочем, полихронијата запечатена во овој густо ткаен текст ни носи и роман за интимното созревање (bildungsroman) и летопис на Млетачката Република, а едрата на страниците всушност постојано стремат на дионизиски аџилак кон – Медитеранот, интертекстуалното устие за историскиот тек на недобројни култури и од Истокот и од Западот.
Небаре со раката на Хермес биле украдени идентитетските картички под музејските експонати, та потем помешани биле во шпил на нова романескна приказна, „Венеција“ на Владимир Пиштало низ лавиринтот на La Serenissima нè води на расеана, интуитивна прошетка вон јаловиот етер на академската, егоцентрична блазираност, кон самосвест за личноносните својства на уметничкиот дух.
Насловот на книгата го парафразира првиот, и на некој начин, воведен и методичен егземпларен есеј во книгата, “Кант игра фудбал”. Жмегач го споредува фудбалот кој го играат најдобрите светски екипи со оној кој го играат селските клубови, духовито навестувајќи ја фудбалската утопија – средба на светскиот првак со екипата од малото населено место Цабуна. Авторот заклучува дека предлогот “не е фер”, но и’ придава моќ на самата игра – и тоа како би било весело во тој натпревар светските прваци да изгубат од Цабунчани, и поентира – тоа би била победа на моралот над спортот.
Впрочем, и светските шампиони и момците од Цабуна играат со топка која подеднакво е кружна, но за овие другите таа не е предмет кој “значи пари”. А тие момци, и понатаму дрибла Жмегач, “веројатно не слушнале за Кантовата книга за естетика, а токму самите тие се алегориски приказ на клучната мисла на теоријата на уметноста и основата на убавината на филозофот”, бидејќи, не’ потсетува на асот од Конигсберг – “убаво е она што е исполнето со самобитна смисла и не и служи на некоја друга, хетерономна цел”.
„Охридското езеро е од оние места на Земјата што те тераат да се чувствуваш како нешто судбинско да те очекува. Како одамна да требало да дојдеш и затоа не можеш да поверуваш дека доцниш толку многу време.“
„Во оваа книга се раскажува за две древни езера. Има места кои се кодирани во нашите гени, но потребно е многу време да се покажат, исто како некои патешествија кои се врежани во пејзажот на нашите дни, но им треба цел еден живот за да бидат завршени. За мене е така со овие езера.
Ја чувствувам привлечната сила на Охридското езеро уште од своето најрано детство, зашто баба ми по мајчина линија, Анастасија, е од Охрид, и таа беше важна фигура во животот во оние рани години. Веќе како возрасен човек не еднаш размислував како соодветно да му се вратам на Езерото, но чувствував дека сѐ уште не сум спремна за тоа. За да се вратиш таму каде живееле твоите претци, треба да си спремен да го видиш она, што е полесно да го откажеш.
Најпосле поттикот да продолжам дојде од тревогата дека времето тече и може да се случи нешто подмолно, речиси зад мојот грб. Дека ако не се осмисли егзистенцијалниот пејзаж на мајчиниот род, можат да се повторат некои одминати модели. Дека во тој век продолжуваме да сме сведоци на граѓански конфликти и братоубиства, на политики на поделби помеѓу народите и во самите нив, на патријархална автократија и ревизионизам, на масовна емиграција и преселби – додека сме сведоци на сето тоа, самите ние можеме да се претвориме во неволни проводници на пропаста, ако не се согласиме како да се однесуваме со своето наследство“.
Капка Касабова
„Поетската вештина на Касабова се огледува во кусите фрази, наситени со смисла, како и во склонноста да ја препознава смислата на сите симболи. Кон Езетото е прекрасно напишан текст, покана да се восприемиме идејата дека заедничкото меѓу луѓето на Балканот – а всушност и меѓу сите луѓе по светот – е повеќе од она што ги дели и разделува“.
The Financial Times
„Прозата на Касабова подеднакво е магична и предизвикувачка и остра. Како што ги раскажува приказните на своите претци, низ историјата на земјата, која ги формирала, таа го претвора конкретното во универзално канејќи ги сите читатели да размислат врз значењето на „паметувањето“, идентичноста и местото во поширок контекст на човечкото постоење“.
IrishTimes
„Касабова ја постигнува идеалната рамнотежа, откривајќи како тркалото на историјата го гнети огромниот човечки потенцијал, но не секогаш успева и да го уништи“.
Миша Глени, The Times Literary Supplement
„Во овие човечки приказни со сета сила е покажан случајниот и бесмислен антагонизам на национало-државните граници. Оваа прекрасна книга е лекција за фанатичните националисти, кои ја присвоија националната тема. Доволна е една глобална пандемија, за да се види бесмислата на вештачките граници“.
Двајца мажи, две сосема различни судбини. Еден монах кој молчи, и еден човек кој зборува за да преживее. Една пандемија што го замолчува светот. И едно прашање што го преиспитува постоењето: што е слободата?
Во романот „Загубени во слободата“, еден од најзначајните современи бугарски писатели – Владимир Зарев – отвора два паралелни света: денешниот, обземен од страв, изолација и кревки човечки релации, и средновековниот, во кој тивкото монашко повлекување станува духовна побуна против злото.
Меѓу нив – едно огледало. А во него – човекот, разделен меѓу моќта и вербата, телото и духот, зборот и тишината.
Роман за невидливите сили што управуваат со нашите животи – вируси, богови, богаташи – и за тоа како човекот, дури и затворен, може да го пронајде она што е највредно: сопствената слобода.
„По десет години живот во Босна, Марко Ѓорѓиќ е веројатно уште поизгубен отколку кога беше тинејџер во Фужине. Ако бил чефур во Фужине, во Босна не е само Јанез, туку е и Србин. Откако се преселил од Високо во Бјељина, каде дел од неговото семејство побегнало за време на војната, тој станал имигрант, пребегнат Србин. А потоа се враќа во Фужине и може само да дознае дека е „вонземјанин“. Овде и секаде. Затоа што во овој крајно поделен и разграничен свет не е можно да биде ништо друго. И додека човек не ја потисне желбата да припаѓа, или додека не се помири со својата неприпадност, со својата „туѓост“, тешко ќе го најде својот мир. Марко Ѓорѓиќ дефинитивно се’ уште не се помирил со тоа. Но, можеби некогаш, којзнае“.
„Смоква“ е досега најкомплексниот и најзрел роман на Војновиќ, значително поинтимен, фокусиран на судбината на три генерации од едно семејство, битно обележан со некогашната заедничка држава и со нејзиниот распад.
Како и сите претходни романи, така и овој ги надминува границите на матичната словенечка книжевност, првенствено поради темите со кои се занимава, поради јазикот со кој се служи и поради сместеноста на фабулата, но и поради преокупацијата со прашањето на идентитетот и на неговото создавање.
„Смоква“ врие од силни, но прикриени емоции, а од сочниот и презреан медитерански плод, кој пука по шевовите, капе семејната сага во која се преплетуваат судбини, љубови, неостварени желби и суровите реалности од нашите животи.
За овој роман авторот по трет пат ја доби наградата „Кресник“ во Словенија.
Одлична збирка која содржи дваесет и четири раскази за животот во сенката на „големиот“ Енвер, созревањето во посткомунистичката транзиција, за тегобноста на егзилот, но и надежите во „новиот“ живот, раскази исполнети со сентимент, шарм и духовитост.
„Не телефонски повици. Не албански. Не средби. Особено со Албанци. Ги избегнувавме сите, како да се срамевме, иако немавме ништо погрешено, иако тие немаа направено ништо срамно. Но, ни се чинеше дека ќе нѐ помешаат со тие кои дошле случајно и за парче леб. Ние не. Ние се подготвивме. Ние почнавме да учиме италијански. Го следевме РАИ. Радиото и телевизиските емисии. Не бевме дојдени само за леб, како тие. Дојдовме за парковите, музеите, за „пјаците“ и за италијанскиот, јазикот што го пишувавме скришум, но никогаш не го зборувавме толку гласно колку што посакувавме. Секако дека еден ден ќе седевме и со нив. Но, сакавме да си дадеме време. За да се прилагодиме. Ти не. Тебе те поттикнавме да се зближиш со децата што играа во паркот до нашиот дом. Кажи го само името. Само името. Алберт! Алберто. Ти порачавме. Толку. Тоа беше сѐ. Имавме слушнато дека во Грција емигрантите морале да ги менуваат имињата. Илир станал Илиа. Кај нас не. Те учевме да кажеш дека се викаш Алберто. Со „о“. Алберто, не Алберт. „Нека игра со децата“, рече жена ми. „Го учи јазикот. Не заборавај! Не албански. Слушај, зборувај. Зборувај, слушај. Но не на албански. За нас можеби не, но за него ова место ќе биде татковина“, велеше жена ми.
Што се случува кога педесет и тригодишен писател во виорот на животот ќе сретне дваесет и двегодишна студентка по вајарство, која го “оживува” повторно? Романот Додека ја преминуваш реката мајсторски ја истражува суптилната рамнотежа помеѓу страста и табуата, минливоста на љубовта и вечните илузии.
Инспириран од познатиот роман Љубовникот на Маргерит Дирас, Фериќ пишува од перспективата на љубовникот, во едно поинакво време и простор. Неговиот текст пулсира со поетичност, страсна ирационалност и смелост што го предизвикува лицемерието на светот.
Ова не е само роман за љубовта – ова е огледало на човечката природа, каде возвишеното и вулгарното, нежноста и желбата се спојуваат во една електризирачка приказна што ќе ја паметите. Дива, нежна и трансгресивна приказна за љубовта што ги руши границите.
„Непрекинато произведуваме минато. Ние сме фабрики за минато. Живи машини за минато, што друго. Јадеме и произведуваме минато. Дури и смртта не е решение. Човекот си отишол, а минатото му останало.Каде оди после сето тоа лично минато? Го купува ли некој, го собира ли, го исфрла ли? Или ќе се тркала како стар весник, потфрлан од ветрот по улицата. Каде одат сите оние започнати и недовршени приказни што уште крвават, сите оставени љубовници, „оставени“ – зборот не е случаен, касапски збор.
Дали минатото се разградува или останува практично непроменливо како најлонските ќеси, труејќи бавно и длабоко сѐ наоколу. Не треба ли да има некаде и фабрики за рециклирање на минатото? Може ли воопшто да се направи нешто друго од минатото, освен минато? Може ли на обратен начин да се рециклира во некаква иднина, макар и вторична употреба? Ете ти прашања“.
Дејствието на романот „Малите прсти“ на Филип Флоријан, окарактеризиран како дело со оригинален нов јазик, се случува во еден малечок град во Романија, во кој е откриена масовна гробница покрај една римска тврдина. Прашањето кое сите си го поставуваат е дали се работи за жртви на средновековието или за безимени мртви од времето на комунизмот? Младиот археолог Петруш решава да ги преземе работите во свои раце и да ја расветли мистеријата која сите ги измачува.
Во кратки црти, во овој возбудлив роман од двесте страници авторот успеал на едно место да ги спакува вистинската историја, верскиот аџилак, водењето на кривична постапка, рецептот за печење на гулаби, и секако, љубовната приказна. Антологиски!
„Овие раскази можат слободно да се именуваат како микрораскази. Кратки, секавични, налик на едноминутните новели на Иштван Еркењ и приказните на Хармс, Господинов успева да вметне максимум информација во минимум јазичен простор.
Ниту еден од овие стотина раскази не е здодевен, изнасилен, банален или „залудно испукан куршум“. Варираат според темите што ги покриваат. Присутни се и мноштво моменти на таканаречената ониричка фантастика (фантастика на сонот), темата на животот и смртта споени во новата поетска фантастика, па сè до сликите од детството кои истовремено и иницираат носталгија и нè оставаат замислени за тоа каде се изгуби невиноста на животот.
Самиот Господинов верува дека во време кога веќе не постојат големи нарации во книжевноста, а долгите говори се сведуваат на кафанско дрдорење или малограѓански озборувања, една ваква книга е повеќе од потребна за да ни овозможи да го искомбинираме литературниот вкус и уметничкиот слободен термин во секојдневниот набиен распоред на работа и тривијални обврски.
Овие микрораскази се совршена лектира додека го чекаме утринскиот автобус, додека чекаме да нè повикаат на шалтер во банка и додека ја чекаме девојката или дечкото во преполното кафуле. Совршена книга за кратки медитации“.
Привлечната сила на границата силно се чувствуваше помеѓу водните коњчиња, како гравитација. Каде и да се завртиш, нешто секогаш беше зад тебе, а ништо пред тебе. Како историјата, впрочем.
„Оваа книга е извонредно лично истражување на граничната област помеѓу Грција, Бугарија и Турција. Писателката со бугарско потекло разговара со ловци на богатство, ботаничари, бегалци, шверцери – за да објави необични, живописни, трогателни човечки приказни. Таа доаѓа до тоа со поетски сензибилитет и новинарска љубопитност. Прекрасна, блескава комбинација“. New Internationalist
„Ова е прекрасна, лична приказна за граничната зона меѓу Бугарија, Турција и Грција, од времето на Османлиите до заканата од Студената војна и пошироко“. Марк Мазовер
„Касабова е одлична писателка која, ослободена од дискурсивните норми, лесно ги преплетува документарното и лирското, доживеаното и замисленото. Таа отворено и без предрасуди им се препушта на зборовите, средбите, приказните и на сопствените емоции, приемчива за секое искуство. Навистина, одамна немам прочитано книга која толку впечатливо ја опфаќа поетиката на еден простор и толку непретенциозно, а животно прикажува една исклучително сложена тема, како што е темата на границата“. Катерина Лукетиќ, Критика
„Ова е тажна приказна раскажана на три јазици, а за да не се повтори, луѓето треба да зборуваат – за минатото, сегашноста и иднината“. БНР
Една ноќ, група војници решаваат да го одмаздат загинатиот командир и подметнуваат експлозив под куќата на српскиот месар. Сопственикот на куќа загинува, но тука е и непосакуваниот сведок: неговата ќерка.
Крешо е воен ветеран кој од војната се враќа без нога, горчлив и разочаран. Гаљер е искусен новинар од црна хроника, а жена му се бори со дијагностицираниот рак. Матиќ е успешен лекар со политички амбиции. Лидија, истражувачка новинарка со верба дека весниците можат да ги подобруваат работите.
Судбината на овие луѓе се испреплетува со судбината на девојчето скриено во една гаража, девојчето кое чека некој да ја ослободи или да ја убие
Како што сугерира и самиот наслов ПРИКАЗНАТА е централната тема, покрај тоа што е основна книжевна форма во ова дело. „И други приказни“ го потврдува раскажувачкото мајсторство на Господинов и му открива на читателот еден неодолив и заводлив сплет од хумор, тага и најскриени емоции.
„Господинов сака во своите раскази, како Рабле, да го спои тривијалното со возвишеното, баналното со исклучителното, шегата со ерудицијата, историјата со секојдневието“.
Page, Париз
„Со Георги Господинов се нурнувате во имагинарен свет каде што секоја буква се однесува на жена, секој збор осцилира помеѓу тагата и смислата за хумор…“
Le Nouvel Observateur
„Западната метафикција се среќава со источноевропската метафизика“.
World Literature Today
„Приказни кои изгледаат како деца од мешани бракови – со необично и незаборавно лице.“
„Романот „На осамениот брег покрај морето“ е составен од девет приказни чии главни ликови се легендарните далматински „галеби“, тие сурови ловци на женски срца и тела, еден вид заштитен знак на југословенските летувалишта во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век.
Сместен на островот Раб, романот ги следи судбините на неколку (анти)херои и нивните бројни „подвизи“ на горчливо-духовит начин, специфичен за делата на Зоран Фериќ. Но, покрај машките ликови, слободно може да се каже дека поважни се блескаво разработените женски ликови, локални жителки и туристки, зашто тие ги диктираат нештата и околу нив се врти сѐ.
Растењето и созревањето, неуспешните љубови, фината меланхолија што провејува низ епизодите во кои ги следиме животните приказни на клучните ликови на ова дело го вовлекуваат читателот во временски не толку далечното, но со блага копнеж натопено минато“.
„Род“ на Миљенко Јерговиќ е книга составена од повеќе целини – романи, документи, раскажувачки скици, фрагменти – во кои се менуваат фикционални и нефикционални делови и на совршен начин се мешаат реалното и измисленото. Со многу автобиографски елементи Јерговиќ во „Род“ ја испишува сагата за семејството на Карло Штублер, неговиот прадедо.
Ова е книга во која авторот низ судбината на сопственото семејство зборува за цел еден век на Средна Европа и на Балканот, роман кој како железница ја вмрежува епохата и различните краишта, земјите кои се менуваа, историјата која беше немилосрдна.
Од прадедо му и почетокот на XX век до денешницата на авторот и неговата судбина, „Род“ претставува opus magnum на генијалниот Јерговиќ.
Ова е моќна мемоарска книга во која се истражува сложената и бурна патека на растењето и созревањето во посткомунистичка Албанија. Како млада ученичка, Ипи била воспитувана под строгиот режим на тоталитарна власт која им ветувала на своите граѓани иднина во совршена слобода. Но, кога падна режимот во Албанија, основите на нејзиното општество се урнаа и светот на Ипи беше изненадно прекинат. Нејзината приказна ги води читателите низ период на интензивни лични и политички превирања, додека таа го сведочи распадот на комунизмот, појавата на неолиберализмот и своето сопствено созревање.
Со живо раскажување и длабоки размислувања, Ипи ја истражува длабоката контрадикторност на концептот на слободата, идентитетот и цената на промените. Со прониклив поглед на пресекот помеѓу личното и политичкото, „Слобода“ поставува суштински прашања: Што е вистинска слобода? Како историските и политичките сили ги обликуваат нашите животи, дури и од детството? Уникатната перспектива на Ипи нуди интимно и интелектуално истражување на тоа што значи да бидеш слободен, и во теоријата и во реалноста.
Книгата ја доби наградата „Ондатје“ од Кралското книжевно друштво, наградата „Слајтли Фокст“ за најдобро прво биографско дело, беше во најтесен избор за наградите „Коста“, „Бејли Гифорд“ и „Гордон Бирн“. За книга на годината ја прогласија Њујоркер, Вашингтон пост, Фајненшел тајмс, Тајмсовиот книжевен додаток, Форин аферс, Сандеј тајмс…
Се очекуваше ваква книга да се појави во Полска, Чешка, Унгарија или дури и во Германија, но наместо тоа, се појави во Бугарија. И ако за Западна Европа и остатокот од светот таа беше изненадување, не беше никаков шок за бугарските читатели, оние кои го познаваат и го почитуваат Владимир Зарев и неговите единаесет романи во изминатите неколку децении.
Романот низ европските метрополи предизвика бројни осврти, особено во водечките медиуми од германското говорно подрачје, а за самиот автор е снимен документарен филм насловен „Бугарскиот Балзак“, во кој критичката мисла го споредува со Томас Ман, Достоевски, Маркез и Булгаков. Поодделни осврти го доближуваат и до Апдајк според начинот на кој се градени и профилирани неговите ликови.
„Календарот на Маите“ е роман за љубовта, но и за староста, за минливоста на времето. За насловот, авторот бил инспириран од романот „Под вулканот“ од англискиот автор Малколм Лаури, кој зборува за елиптичноста и релативноста на времето и во него впишаните животни судбини. Календарот е симбол на двојственостa што времето во својата минливост, во своето течение и во новото започнување, секогаш ја подразбира.
Во верзијата на Фериќ тоа е приказна која жанровски покрива разнолико подрачје, тоа е семејна сага, љубовен, еротски, општествен роман, роман за убавината и за ужасот, за сѐ она што на овој или оној начин го дефинира животот на човекот. Или да се „заузди“ смртта, што е еден од лајтмотивите на Фериќ.
Ова е едно несекојдневно, специјално издание, кое ги содржи првите три книги од Игор Анѓелков: збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013).
Во меѓувреме авторот стигна до бројката од 11 објавени книги, а читателите што ги засакаа неговите актуелни изданија од последниве години, со ова издание ќе имаат можност да се запознаат и со неговите преокупации на почетоците од книжевната кариера.
Затоа, доколку го сакате раскажувачкиот стил на Анѓелков, топла препорака за оваа неформална трилогија во специјално руво.
„Серијата на создадени дела кои можеби најмногу соодветствуваат со заедничкото именување „текст-цртеж“ на Перо Георгиев, дивергира кон неколку епистемолошки категоризации. Графичкиот (цртачкиот) спектрум изобилува со мноштво на композитни пораки кои минуваат низ три клучни стилски преобразби: интимен свет, општествено опкружување и универзални вредности. Текстуалните предлози навидум конвергираат кон истите теми кои се обработуваат во цртежот, но тие поседуваат сопствена автономија на мислата, која вешто се преобразува низ екстензија на нови исцртани или илустрирани замисли. Она што ја прави оваа графема или прозна сликовност невообичаена и исклучителна е опсегот на теми и проблематики кои го окупираат интимниот свет на Георгиев, подготвеноста за воспоставување на општа дискурзивна полемика и своевидна артикулација во облик на социо-естетика“.
Натали Рајчиновска Павлеска, ликовен критичар и теоретичар
Книга со скопски графити од последниве пар декади!
Откако заклучија дека со години ги колекционираат пораките и цртежите на скопските ѕидови, Богдановски и Анѓелков решија да ги спојат креативните сили и да го замрзнат времето во книже полно со радости.
„Графити, некои ги сметаат за вандализам, нагрдување на јавните и на приватните објекти, други, пак, како уметнички израз или улична уметност, еден вид на социјална комуникација преку пораки и мисли испишани по ѕидовите. Што е точно од ова ќе остане уште долго во дискусија, но непобитно е дека графитите се еден феномен, кој опстојува во урбаните средини, особено во големите градови. Скопје, иако можеби не е многу голем град, неговите ќошиња и фасади се носачи на овие привремени пораки, веќе со децении“.
Матеј Богдановски
„Матеј беше клучниот човек кој еден ден ми пиша дека би било добро да издадеме нова графити-книга за Скопје. Книгата наиде на голем интерес уште за време на промотивниот период, затоа што претставува артефакт за едно време низ кое сме поминале со будно отворени сетила, читајќи ги пораките на современиците врз ѕидовите околу нас, кои неретко нè замислувале, но и нè засмевале. Отсекогаш сум ги обожавал графитите како слободна форма на изразување, бидејќи приказната е толку едноставна: имате ѕид, имате спреј во раката, добра мисла или талент за цртеж и магијата се случува веднаш, тука и сега. И не ви треба ништо повеќе!“
Short, concise, masterfully written, The World I Chose is a brave testimony of а woman who passes through her personal transformations, as well as through the transformations of the world that we choose only after a choice was imposed on us, which may have inflicted harm and sorrow. The personal story of Leona, a middle-aged woman who leaves her husband, home, the life and status she has had, and starts from scratch in a cellar room in Skopje is interwoven with the social criticism of the educational reforms through the story of the Education Committee that Leona collaborates with. Authentically explored, and stylistically refined, Leona’s character is the character of a woman who transforms her vulnerability, loneliness, sudden poverty and profound uncertainty within the patriarchal environment into a new opportunity and resoluteness to choose, to choose herself, but also those she would love and feel as her own. Her identity changes with the force of her integrity and the introspective process of gaining self-awareness and rehabilitation of her own existence, as well as hopeful closeness with the new acquaintances and living conditions in which she finds herself. This novel is the so needed literary insight into the vulnerability and power of the human microcosmic situation in the macrocosm of the system. The World I Chose by Kalina Maleska is a novel that awakens, encourages and offers hope for a better world that everyone must decide to choose on their own.
(from the statement of the Committee of the “Slavko Janevski” Foundation)
„Да се биде дете творец, или творец со детски порив е најголема умешност во создавањето уметност. Тоа го изјавиле многу големи уметници, а јас секако ја апострофирам или ја подвлекувам со црвен молив оваа констатација.
Мила Гулеска-Ноневска создава спонтано, силно обојувајќи ги површините на делата, играјќи си и мешајќи ги со рака боите. Така, тие се таложат и создаваат сензитивно обоени површини. Меѓу тие обоени површини, авторката внесува содржини од своето минато секојдневие. Тоа се вешти цртежи на предмети, птици, фигури, предели… Токму таа раскошна комбинација на претстави и бои – тие се животната енергија што блика од делата. Постои и претстава на живописна игра на фигури и предмети, а воедно и меморија за еден богат и исполнет живот. Секоја слика е страсно доживеана од авторката, тоа се искрено исфрлени напливи на креации без граници; постои само слобода на создавање и се има впечаток дека делата лебдат во просторот.
Во творбите на Ноневска, минатото е сегашност. Тоа е нејзиниот бајковит обоен свет. Тој, светот на Ноневска, закопан длабоко во нејзините архиви оживува со само мало придвижување на нејзината вешта рака. Приказната добива душа, зрачи, жива е, говори… Заради моќта и звукот на бојата, се добива впечаток дека приказните се „заразно“ радосни.
А, радоста при креирањето на раскошниот свет, се чувствува буквално во секое дело на Мила. Страста и слободата на изразувањето, линеарните прикази – нејзиниот автентичен цртачки вез, прекрасните фигури, колоритниот живот во кој доминира моќната сина боја, сето тоа богатство живо пулсира во сликовницата за возрасни“.
Книгата „Тито: вечниот партизан“ на германската историчарка Мари-Жанин Чалиќ претставува сеопфатен приказ на животот на Јосип Броз Тито, една од најзначајните личности на 20-от век. Авторката се занимава со животниот пат на Тито, од неговото скромно детство во Кумровец, преку улогата на водач на југословенските партизани за време на Втората светска војна, па сè до воспоставувањето и долгогодишното владеење во социјалистичка Југославија.
Чалиќ го анализира Тито како политичка и симболична фигура, нагласувајќи ја неговата способност да балансира помеѓу Истокот и Западот за време на Студената војна, што му донесе голем углед на меѓународната сцена. Книгата, исто така, ги истражува контроверзиите поврзани со неговиот авторитарен начин на владеење, политичките пресметки со ривалите и неговите напори за зачувување на сложената и разновидна југословенска федерација. Авторката му пристапува на Тито со историска дистанца и настојува да избегне идеализација или демонизација. Преку комбинација на архивски извори и современи истражувања, Чалиќ дава избалансиран портрет на човекот кој ја обележа историјата на Балканот и пошироко. Книгата е значаен придонес за разбирање на југословенската историја, како и на поширокиот контекст на 20-от век.
„Мари-Жанин Чалиќ раскажува со големо знаење и со стил кој Ве повикува да продолжите да читате, страница по страница“. Михаел Мартенс, Франкфуртер Алгемајне Цајтунг
„Историјата раскажана на достапен и живописен начин е белег на историчарката, која веќе има напишано две стандардни дела за подобро разбирање на мултиетничкиот лавиринт: „Историјата на Југославија во 20 век“ (2010) и „Југоисточна Европа. Светската историја на еден регион“ (2016)“. Томас Розер, Тагеблат
„Авторката успеала да создаде добра и, пред сè, многу читлива биографија. Таа не само што самоуверено продира, го совладува, уредува и презентира обемниот материјал, туку читателска публика има можност да дознае за нови важни аспекти од современата историја“. Клаус Бухенау, Годишници за историјата на Источна Европа
The novel Phobos is a unique example of a collage-like, non-linear and highly complex hybrid text that skillfully poses some of the most significant questions about humanity and the world: where we were, where we are and where we are going. Exceptionally creative and bold, this book offers a whole spectrum of stories that are fundamental, existential and relevant and at the same time endlessly witty and playful. To enter the world of Phobos is like setting off on a journey without a seatbelt, one you have no way of knowing where it will take you – the future is only one of the versions of the past and one has endless possibilities to be, to exist in one of the worlds stretching as far as the eye can see, or else in all of them, in some alternative time.