Прикажани 1–40 од 118 книги

  • Еден сив мартовски ден

    „Еден сив мартовски ден“ е класичен психолошки роман, со интроспекции и ретроспекции, богат со детали од секојдневниот градски живот. Дејството на романот се одигрува главно во Скопје, во периодот на крајот од 40-те, па се’ до крајот на шеесеттите години од 20 век.

    Приказната во романот ги следи животните патеки на три школски другарки – Катарина, Оливера и Маријана, но и на Весна, ќерката на Катарина. Таа приказна започнува и завршува со еден посебен миг – отпуштањето на Катарина од казнено-поправниот завод кадешто одлежувала петгодишна казна поради тешка сообраќајка.

    Тој миг е повод за сведувањето на сметките – не само во животот на Катарина, туку и на нејзината ќерка и на нејзините две пријателки. Може да се каже дека секоја од нив го преиспитува својот живот барајќи го моментот кога во него се вовлекла „грешка“ која ќе биде причина за идните судири и недоразбирања.

    200,00 ден350,00 ден
  • Бејрутското здружение „Пеколен оган“

    На опустошената улица со поглед на гробиштата во христијанската енклава во Бејрут, се среќаваме со еден ексцентричен млад човек по име Павлов, син на локалниот гробар.

    Кога неговиот татко ќе се соочи со ненадејна и прерана смрт, на Павлов му приоѓа член на мистериозното друштво „Пеколен оган“ – антирелигиозна секта, која меѓу многуте бунтовни активности организира и таен погреб на отфрлените лица на кои им е оневозможен последниот обред. заради нивната религија или сексуалност.

    „Ова е вистинско ремек-дело“, крикнува критичарот Лоренс Џозеф во освртот кон новиот роман на генијалниот Рави Хаж.

    250,00 ден390,00 ден
  • Филмотопија

    Анѓелков продолжува ревносно да ја следи филмската продукција кај нас и во светот, и низ рецензентски и есеистички осврти на публиката навремено ѝ нуди увид во случувањата во филмската уметност.

    Низ неколку поглавја, во книгата се покриени филмовите од новата македонска продукција, новото европско кино, светската продукција, тука се и секогаш интересните фестивалски случувања кои авторот ги покрива со присуство и искуство на самото место, а во последното поглавје тој остава простор за класикот Алфред Хичкок.

    Со оваа книга Анѓелков на одличен начин пополнува еден празен простор во македонското издаваштво, издавајќи книги посветени на филмот, изданија кои, за жал, во годините наназад, можат да се набројат на прсти.

    200,00 ден299,00 ден
  • Burri im

    „Burri im” përmban 11 tregime të rrëfyera nga perspektiva e një gruaje, tregime të cilat flasin për jetën e tyre. Janë gra të cilat ne i takojmë dhe i shohim çdo ditë – amvise, artiste, afariste, profesoresha… Çdo tregim flet për marrëdhëniet e tyre me burrat dhe me fëmijët, me rrethin dhe me shoqërinë.

    Por, gjithashtu, secila prej tyre është një kritikë në vete për patriarkatin, i cili është aq thellë i gdhendur në shoqërinë tonë. Secila prej tyre flet për disa gjëra të përditshme, të cilat në shikim të parë janë të zakonshme, dhe pikërisht për shkak të kësaj është edhe pasqyrimi i një realiteti të heshtur nëpër të cilin çdonjëri prej nesh kalon.

    200,00 ден300,00 ден
  • Животот на Прача Рузвелт/Невиност

    Во оваа книга имате можност да се запознаете со драмското творештво на славната германска писателка Деа Лоер. Нејзините драми се преведени на повеќе од 30 јазици и се поставуваат насекаде низ светот.

    „Животот на Прача Рузвелт“ е драма која го опишува животот во Сао Паоло во кој сите се осамени, а сепак се грижат еден за друг. Сите ликови имаат животни соништа, но од утро до вечер се зафатени со обидите да преживеат во непредвидливата бразилска метропола. Лоер оваа драма ја напиша токму во Сао Паоло, кадешто културните стереотипи велат дека сите танцуваат, пеат и се смеат, и нема простор за депресија. Но германската авторка го преобразува ова клише во гротеска, во која животот е полн со неправди, а уништувањето демне зад секоја, макар и мала, човечка среќа.

    „Невиност“, пак, е драма составена од приказни кои се случуваат на маргините на модерното општество, текст кој на прв поглед е длабоко песимистичен, но во исто време е напишан на толку весел и јасен начин. Воздржаниот оптимизам се чувствува во убавината на јазикот и желбата на ликовите да преживеат. Драмскиот текст истовремено зборува за крупните прашања на човештвото, но и за ситните секојдневни појави, за сè што ни го прави животот таков каков што е, со тивка надеж дека постои бегство, или барем некој вид на пат или цел. „Невиност“ според критичарите е најдобриот, најинтензивиот и најестетскиот текст на Лоер, поетска елегија на лингвистичката убавина и сила, проткаена со темна болка и саркастичен гнев.

    #CreativeEurope4Books

    200,00 ден250,00 ден
  • Страстите на Илија и други драми

    Трите драми на Дешев се избор од најдобрите негови драмски текстови во изминатите декади.

    Во нив тој на најдобар можен начин ги разголува предностите и маните на бугарското општество.

    200,00 ден299,00 ден
  • Моите ноќни возови

    Ерик Фај во „Моите ноќни возови“ нè повикува на ноќно, уверливо патување со возови низ Европа и Азија (од Париз, Прага, Москва, до Владивосток, Монголија, Пекинг…) во времето пред падот на Берлинскиот ѕид и крајот на Варшавскиот пакт. Возот го продолжува својот пат меѓу два различни света, обликувани од анахроните императиви на иделогиите, непомирливоста на режимите, светските антагонизми. Тоа возовите го чинат секојдневно и секогаш со нови патници. Секој од нив минува од едно во друго доживување.

    Ерик Фај настојува да биде уверлив записинчар на нивните судбини. Низ една ретка идеја, да ги поврзе асоцијативните импресии и размисли низ пругите во еден вид „среќна полноќна инсомнија“, авторот нè поведува низ свет со граници кои го изгубиле своето некогашно значење, низ простори на империи кои повеќе не постојат, низ идеологии кои непомирлво се држат на старите позиции, низ цивилизации коишто ги задржале знаците на некогашното постоење. Тој ги поврзува хрониките за белешките од долгите коридори на вагоните од возовите преполни со различни ликови, кои ја играат полноќната улога на своите народи.

    200,00 ден250,00 ден
  • Животот на смртта

    „Серијата на создадени дела кои можеби најмногу соодветствуваат со заедничкото именување „текст-цртеж“ на Перо Георгиев, дивергира кон неколку епистемолошки категоризации. Графичкиот (цртачкиот) спектрум изобилува со мноштво на композитни пораки кои минуваат низ три клучни стилски преобразби: интимен свет, општествено опкружување и универзални вредности. Текстуалните предлози навидум конвергираат кон истите теми кои се обработуваат во цртежот, но тие поседуваат сопствена автономија на мислата, која вешто се преобразува низ екстензија на нови исцртани или илустрирани замисли. Она што ја прави оваа графема или прозна сликовност невообичаена и исклучителна е опсегот на теми и проблематики кои го окупираат интимниот свет на Георгиев, подготвеноста за воспоставување на општа дискурзивна полемика и своевидна артикулација во облик на социо-естетика“.

    Натали Рајчиновска Павлеска, ликовен критичар и теоретичар

    300,00 ден450,00 ден
  • Однадвор и однатре

    „Никола Бувје (1929-1998), патописец. Го пропатува Ориентот, Цејлон, Балканскиот Полуостров, Јапонија, а потоа Ирска, и ни остави дузина книги. Како книжевен номад, Бувје спозна „мигови на неподносливи празнини“.

     

    „Однадвор и однатре“ е единствена збирка поезија од Никола Бувје, објавена за првпат во 1982 година, шест години пред неговото заминување од овој свет. Поезијата е, поточно кажано, прашање на повлекување и на запирање…“

    Емануел РЕМБЕР

    100,00 ден200,00 ден
  • Средни години

    Алеш Мустар со пораките и уметничката вредност на својата оригинална автопоетика, со оваа збирка претставува неповторлив глас во словенечката поезија.

    Жири за наградата „Вероника“

    Поетскиот глас е разбирлив, непосреден и емотивно обележан, а уште една одлика на авторот е високата мера (само)иронија, црн хумор, па и цинизам од една, како и остра општествена критичност од друга страна.

    Кристина Слуга, „Букла“

    На „Средните години“ на Алеш Мустар нема што да им се забележи. Кон тоа најмногу придонесуваат комуникативната дикција, неприсилената поетска градба и крајно луцидната иронија на неговата поезија.

    Мартина Потиск, „Содобност“

    100,00 ден200,00 ден
  • Клупа меѓу светови

    Втората поетска збирка „Клупа меѓу светови“ на Горана Митровиќ во која поетскиот субјект, тој „осамен нудист на брегот на изложените чувства“ со автентичен, бескомпромисен и човечки глас изјавува: ја знам единицата мерка за сопствената сила/ на крајот сум или на почетокот?!/најчиста бев кога изгубив сè/правиме плетенка од нашите судбини/во кругот сум/песни претворени во некролози/градот ми беше пружена дланка па сепак, брзав дома за да се осамам/убав е нашиот кревет кога не сме во него и др. заслужува да се прочита во целост за да се открие контекстот и суштината не само на посочените стихови туку и на секоја песна пооделно. Во свет во кој или животот и смртта нè лажат или се самозалажуваме, песните на Горана Митровиќ се песни „со кои се учи вистината“.

    Лидија Димковска

    100,00 ден200,00 ден
  • Од брегот на реката Ганг

    По „Ведите и Упанишадите – сликата на светот“ и „Филозофијата Веданта“, авторката ни ги раскажува своите лични искуства од престојот во едно мало село на југот на Индија, во нејзината трета објава за источната филозофија.

    200,00 ден300,00 ден
  • Филмски град

    „Игор Анѓелков е еден од ретките поинакви проследувачи на филмот кај нас, со осврти во кои вградувајќи ги сето свое знаење и љубов кон Седмата уметност, речиси секогаш вклучува и еден вид книжевен дискурс збогатен со парчиња од интимното животно искуство. Токму во ваквиот микс на книжевното и филмското писмо, Анѓелков си го изгради својот препознатлив творечки ракопис со сѐ појасно и повидливо место на нашата културна сцена. Двете нишки во неговото писмо не си одземаат ништо едната на другата, напротив, постојано си додаваат, затоа што никогаш немаат натпреварувачки однос. Примарниот интерес секогаш е јасен и прецизен, а поддршката од секундарниот е само продлабочување на аспектот, препознатлив личен авторски белег. Нивните позиции се менуваат од наслов во наслов на Анѓелков, во зависност од тоа дали издава публицистичка, есеистичка, критичка книга или белетристичка (раскази, романи). Хибридниот интерес на Анѓелков спонтано се движел и кон хибридизација на стилот, делумно и на жанрот на негово писмо. Затоа сето ова изгледа толку автентично. Кога писателот сака филм, а филмаџијата книжевност, настануваат книги како „Филмски град“ – сериозна филмска студија со фина книжевна сенка на стручните, компетентни реченици“.

    Оливера Ќорвезироска

    200,00 ден299,00 ден
  • Еден текст и една жена

    „Некој рекол дека денес е полесно да најдете добри писатели отколку добри читатели. Најновата книга на Оливера Ќорвезироска е одличен показ дека е возможно да се спојат добар читател и добар писател во една личност. Снајперски прецизните поенти и согледби, втемелени врз проникливите читања на рецентни книжевни дела со кои писателката развила читателски љубовни врски се најавени уште со насловот на книгата. Благодарение на Оливера Ќорвезироска, секој толкуван книжевен текст во оваа книга добива живи и луцидни „љубовно-критички“ интерпретации низ призмата на „една жена“. Иако станува збор за критичко-есеистичка книга, Ќорвезироска успеала да напише „Книга со срце“. Љубовта кон Текстот е двојно кодирана: како кон Текстот за кој се пишува, така и кон Текстот што притоа се испишува. Оваа книга е истовремено силен демант на честата теза за „смртта на книжевната критика“ во нашиот книжевен контекст“.

    Владимир Мартиновски

    „Во состојба на замирање на книжевната критика која претставува прекршено огледало за книжевните дела и нивни апсолутен евалватор и канонизатор, еве авторка која и покрај сопственото раскажувачко творештво несебично им се посветува и на своите современици. Кога ги читаме критичките текстови на Оливера Ќорвезироска полни со издржани ставови, со свест и одговорност за критичко вреднување, со поставување на делата во вистински книжевен и културен контекст, текстови напишани на чист и убав јазик, посакуваме да ги прочитаме и делата за кои зборува, но, исто така, денес речиси секој автор/авторка посакува за неговото/нејзиното дело да се произнесе токму Оливера Ќорвезироска“.

    Лидија Димковска

    „Оливера Ќорвезироска нема никакви предрасуди кон книжевните дела, што е вистинска реткост: имено, за неа од примарно значење не е дали некој автор е дебитант или е веќе етаблирано име во македонската книжевност за да реши да пишува за некое негово/нејзино дело. Зашто, Оливера секогаш пишува за книга, а не за автор; таа ги бара, и ги пронаоѓа, книгите во кои открила книжевни вредности, не чекајќи тие претходно да станат познати во јавноста или признаени од критиката“.

    Калина Малеска

    150,00 ден300,00 ден
  • Варијации на магичниот реализам

    Книгата се занимава со специфична и не толку позната тема кај нас која ја проследува појавата на магично-реалистичната нарација во светски и македонски рамки, нејзината концептуализација, варијабилност и типологизација. Поаѓајќи од историјатот на терминот магичен реализам, кој се појавува во раните дваесети години на минатиот век и паралелното и взаемно фигурирање на чудесното и реалното, се открива суштината на овој комплексен и суптилен феномен.

    Авторката се труди да го разјасни концептот на магичниот реализам преку неговите допирни релации со други блиски поетики и области (особено оние кои го имплицираат присуството на чудесно) како надреализмот и фантастиката. Посебно внимание му се посветува на присуството на реализмот во магичниот реализам, кој е дефиниран како стремеж кон подобрување на реалистичната нарација…

     

    „Варијации на магичнот реализам во светскиот и македонскиот роман“ од Фросина Пармаковска претставува успешен обид за доближување на концептот на магичнореалистичната нарација на македонската научна јавност. Посебен придонес претставува, предложената сопствена систематизација и типологизација, која говори за една прецизност, акрибичност и посветеност на материјата која се обработува.

    д-р Јасмина Мојсиева-Гушева

    100,00 ден200,00 ден
  • Филм.мкд

    „Конципирајќи ја книгата со мешавина од интервјуа и рецензии низ кои прави пресек токму на филмот во Македонија во новиот милениум, Анѓелков успева да проникне во филмската приказна на овие простори, создавајќи дело кое од една страна фактографски го проследува филмот во Македонија во 21. век низ сведоштва на директните протагонисти во приказната, а од друга страна истото претставува документ-тестамент за едно време во кое филмската уметност кај нас создаде дела кои од различен агол зборуваат за тешката транзиција, но и нè навраќаат во некои минати времиња, препрочитувајќи ја историјата на автентичен, авторски начин. Имајќи го предвид горенаведеното, сметам дека вакви филмолошки изданија се еден од клучните сегменти за развој на филмската култура, а воедно се потребни и за генерациите кои во иднина ќе го проучуваат македонскиот филм и историјата на македонската кинематографија“.

    м-р Мими Ѓоргоска Илиевска

     

    *Авторот за книгата ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за 2015 година.

    200,00 ден299,00 ден
  • Слики со животна уверливост

    „Ова е дело кое несомнено недостасува во македонската филмска литература, не само како теориски труд при кој се објаснува процесот на филмската монтажа како важен творечки сегмент во аудиовизуелното обликување на документарниот филм преку анализа на делата на Владимир Блажевски, туку се обидува да укаже и на важноста и нужноста од авторски документарни филмови во Македонија. Делото зборува за креирањето на документарниот филм како комплексна и одговорна задача со темелна опсервација и сликовен опис на нештата, апострофирајќи ја филмската монтажа која ги истакнува латентните вредности на материјалот“.

    м-р Лазар Секуловски, декан на ФДУ во Скопје

    150,00 ден250,00 ден
  • Изворите на сепството

    „За академската читателска публика, Чарлс Тејлор е еден од најзначајните филозофи на нашето време.“

    Contemporary Sociology

    „Во последниве неколку децении, Изворите на сепството несомнено е едно од најзначајните дела од областа на филозофијата на моралот и историјата на идеите… Неверојатно длабоко и продуховено истражување на модерниот идентитет.“

    Times Literary Supplement

    „Ова големо дело претставува сложен и добро изведен спој на историски и теориски пристап кон двете најважни теми во современата филозофија – моралот и идентитетот… Ретки се книгите кои истовремено нудат толку широк опсег во истражувањето и толку храбри и важни заклучоци.“

    New York Review of Books

     

    „Национализмот неизбежно опфаќа извесни нарации, често измислени, фантастични и анахрони, понекогаш приближувајќи се до мистификација, при што крајно произволни политички конструкции се обвиваат со ореол на лажна древност. Но, за да има идентитет, нацијата на еден или на друг начин бара и развива одредена слика на својата историја, генеза и развој – на своите страдања и своите достигнувања. Овие приказни нè опфаќаат целосно и образуваат слики за нас и за нашето минато – и тоа повеќе отколку што обично сме свесни. Тоа е крајно важен вид на експресивно обликување на нашиот свет.“

    350,00 ден630,00 ден
  • Филозофот игра фудбал

    Насловот на книгата го парафразира првиот, и на некој начин, воведен и методичен егземпларен есеј во книгата, “Кант игра фудбал”. Жмегач го споредува фудбалот кој го играат најдобрите светски екипи со оној кој го играат селските клубови, духовито навестувајќи ја фудбалската утопија – средба на светскиот првак со екипата од малото населено место Цабуна. Авторот заклучува дека предлогот “не е фер”, но и’ придава моќ на самата игра – и тоа како би било весело во тој натпревар светските прваци да изгубат од Цабунчани, и поентира – тоа би била победа на моралот над спортот.

    Впрочем, и светските шампиони и момците од Цабуна играат со топка која подеднакво е кружна, но за овие другите таа не е предмет кој “значи пари”. А тие момци, и понатаму дрибла Жмегач, “веројатно не слушнале за Кантовата книга за естетика, а токму самите тие се алегориски приказ на клучната мисла на теоријата на уметноста и основата на убавината на филозофот”, бидејќи, не’ потсетува на асот од Конигсберг – “убаво е она што е исполнето со самобитна смисла и не и служи на некоја друга, хетерономна цел”.

    100,00 ден250,00 ден
  • Болестите на модерното време

    Во „Болестите на модерното време“ авторот се фокусира врз модерниот концепт на само-исполнување, често напаѓан како централна поддршка на она што се дефинира како „култура на нарцизам“.

    Мислењата околу трансформацијата на модерната култура и општество се поларизирани, па токму затоа Тејлор се обидува аргументирано да одговори што треба да претставуваат суштинските потреби на современиот човек, не прескокнувајќи ги традиционалните вредности и социјалните обврски во заедницата како автентични импулси кои треба да бидат вградени во вредностите на новото време.

    Неговиот став дека со разграничување на доброто кон кое се стремиме од социјалните и политичките опасности кои постојано не демнат, можат да создадат добра база за подобро утре на човештвото.

    100,00 ден250,00 ден
  • Ши

    Рекоа за „Ши“:

    „Ова дело е доказ дека кога на едно место ќе се сретнат брилијантен ум, ерудитско знаење, остроумен хумор и талент за пишување, не мора по секоја цена да излезе добар роман“.
    Коља Мрак

    „Толку често сум цитиран во романов, што во еден момент помислив дека јас сум го напишал“.
    Валтер Бенјамин

    „Мислам дека гавранот е земен од кај мене“.
    Едгар Алан По

    „Ми се допадна местото во книгата каде што авторот вели дека ги сака моите кратки раскази, но не би се согласил со него за моите филмови – тие се исто така многу добри“.
    Вуди Ален

    „Никогаш не сум носел чадор, а не пак, да сум удрил некого по глава. Но, тоа што сум претставен така многу зборува за личноста на авторот и за социјално-психолошката состојба во која го создал ова недело“.
    Ернест Бекер

    „Донеси шише ракија кога ќе идеш наваму, Гане нѐ отру со смутија“.
    Петре

    „Зошто не пробаш од ова да направиш филм?“
    Дејвид Мемет

    „Нe мачи се, нема будала што ќе ти го режира!“
    Квентин Тарантино

    „Јас би пробал, и така немам свежа идеја што би ја искористил за мој последен филм“.
    Мартин Скорсезе

    „Ве читам и се смеам“.
    Смртта

    250,00 ден299,00 ден
  • Приказни на тивок оган

    „Расказите во збирката „Приказни на тивок оган“ на Светлана Камџијаш се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура. Нив авторката успеала да ги напише со онаа тешко остварлива виртуозност која подразбира да се раскаже флуидно она што е најтешко за искажување. Способност која можеби најдобро може да се опише ако се обидеме да преобликуваме една констатација искажана за лик во еден од расказите во оваа книга: „Невидливото го правеше видливо“. За неа, за нејзината раскажувачка умешност и уметност, тоа би било: Невидливото и тешко искажливото го прави видливо, преку зборовите. Во тоа искажување на она што најчесто останува обвиено од молкот, Светлана Камџијаш тргнува од деталот и стигнува до сепроникнувачка целина, започнува со мигот и го опфаќа животот“.

    Гоце Смилевски

    200,00 ден250,00 ден
  • Вергина

    „Понекогаш замислувам дека ова е некој мал мексикански град, каде што луѓето се тепаат со тупаници за да предизвикаат дожд“.

    Одличен дебитантски роман на Јана Узунова.

    Несекојдневно и провокативно!

    200,00 ден250,00 ден
  • Последните денови на Ханс

    Не би сакал да стекнам репутација на нихилист, јас ги сакам власта и законите исто колку и моралот. Така често си размислувам, што би правел со себеси ако не се издигнев до небото, тогаш веројатно сè би било лишено од објективно значење. Но, ми беше предодредено да допрам една половина од светот и сè што ќе допрам да биде мое. Не сакам да мислите дека сум фаталист, напротив, јас преку својата волја и интелигенција бев предодреден за таа улога. Самиот постигнав сè. И тука нема никаква случајност, сепак не сакам да звучам како детерминист. Не, не сум ни тоа. Ниту емпирист, јас немав никакво искуство пред да ги поседувам сите тие добри работи, ниту рационалист, оти и денес не се водам од разумот, туку од возвишените чувства на срцето. Отворено застанав зад желбите за моќ и доминација без никаков проблем. Не сум опортунист, не сакам да бидам погрешно сфатен. Покрај своите интереси, јас се грижев и за интересите на светот. Ниту макијавелист, бидејќи на крајот бев крајно изманипулиран и предаден. Во својата најдлабока внатрешност, јас сум плашливец, слаб и повреден човек.

    200,00 ден250,00 ден
  • Пластични раскази

    „Ова се раскази за еден забеган, изопачен свет, раскази на кои не можаме да им се лутиме за нивната бруталност и тератологија, за нивниот веризам и шок-сликите на телото, затоа што тие говорат за еден – таков свет. Наш свет. Кога само малку овие раскази би се спуштиле од зоната на надреалното, тие би можеле да бидат претставници на еден нео-реализам; нема човек кој би се осмелил да тврди дека реалниот свет во кој живееме е помалку брутален од оној свет во расказите на Илов. Само, во неговите раскази тој е питорескен. Импресионистички до крв, до црвената боја на крвта. Тоа се раскази кои покажуваат дека и под пластиката што станува метафора за нашиот свет – има крв. И дека и таа пластика може да прокрвави. Дека има душа!“

    Венко Андоновски

    150,00 ден250,00 ден
  • Послушен брод што плови

    Си седиме на ладниот кујнски под.
    Тој жив, јас мртва во неговите прегратки.
    А не сакам да оди во затвор, да можеше да ме чуе ќе му кажев да се собере и да најде начин да ми го фрли телото некаде, во некој ендек, да изгледа како несреќа. Можеби ме убил некој крадец, ме силувал некој силувач, ме измачувала некоја ментално нестабилна личност, нешто, што било можело да ми се случи.
    Но тој седи и плаче како мало дете.
    Па, добро, ништо страшно, еднаш секако ќе се разделевме, некој мора да умре.
    Што е важно каква е смртта.

    150,00 ден250,00 ден
  • Пливање спротиводно

    „Ненад Јолдески ги покажува своите вештини на опишување на урбаните и природните амбиенти и пејзажи, особено оние кои нескриено го сигнализираат присуството на Струга и струшкото крајбрежје. Тој ни нуди едноставна, но современа нарација која е интимно поврзана со неговото струшко-македонско ментално битие од каде што тој поаѓа во освојување на книжевниот свет и каде што се враќа за да му даде смисла на тој свој свет. Се враќа постојано назад, а всушност продолжува напред, преосмислувајќи ги парадигмите на враќањето врз параболата на јагулите. Раскажувајќи ја македонската сага врз предлошката на јагулите, на Охридското Езеро на Дрим. Река која не исчезнува“.

    Катица Ќулавкова

    200,00 ден250,00 ден
  • Шепотот на Данте

    „Расказите во „Шепотот на Данте“, осум на број, на чудесен начин го продолжуваат тематското ткаење на Митевска започната уште со првата нејзина збирка раскази „Додека Данте спие“ што имаше убав успех кај читателската публика. Нема сомнеж дека преку постапката на очудување, Митевска го слика нашето секојдневие, но секогаш видено од нејзин специфичен агол, максимално изневерено а со тоа суверено претворено во убава, сугестибилна проза. Во сите осум раскази, од „Бесмислица“ до последниот „Мојата среќа“, Митевска излегува од рамките на секојдневното и моќно го надоградува истото за кога ќе ни го презентира напишаното, да не изненади со ефектен крај смислен од оваа наша уникатна раскажувачка“.

    Драги Михајловски

    150,00 ден200,00 ден
  • (Со)шиени раскази

    „И во ‘(Со)шиени раскази’, како и во сите претходни дела на Оливера Ќорвезироска, се чувствува посебниот однос што таа го има кон/со јазикот. При гласното исчитување на расказите од циклусите „Оверлок“ и „Цик-цак бод“, читателите ќе забележат дека, дали заради начинот на кој се врзани еден со друг, или заради целата приказна што ја носат, или и заради едното и другото, зборовите имаат едно специфично синестезичко својство. Тие понекогаш блеснуваат со светлоста на пастелните тонови, понекогаш се матни, густо нанесени бои, другпат се драматично јарки, а секогаш како со игла го допираат срцето. И секогаш се борат за смислата на постоењето, а против бесмислата и недоразбирањето.“

    Гоце Смилевски

    200,00 ден350,00 ден
  • Небо без ѕвезди

    „Зошто небото е без ѕвезди? Како мравката прославува роденден? И кога буквите од книгата играат танго? Потрагата по одговори во овој чудесен свет од слики и звуци претставува радосна игра за сетилата и духот, вистински празник на мигот овде и сега. Оваа книга на Владимир Мартиновски нуди една неповторлива читателска авантура“.

    Лидија Капушевска-Дракулевска

    „Кој не знае да чека, џабе брза!“ – така започнува еден од 77 хаибуни за уметноста на дребноста, за оние работи што брзите луѓе не ги забележуваат, а бавните секогаш одново ги зачудуваат“.

    Владимир Јанковски

    200,00 ден250,00 ден
  • Мојот непријател Итар Пејо

    „Ништо веќе по „Мојот непријател Итар Пејо“ на Калина Малеска нема да биде како што беше со нејзините раскази, но и со приказните на Итар Пејо, зашто, кога и да ги слушнеме – ќе знаеме дека еден фиктивен книжевен лик со заборавено име стои како глас и зад неа, но и зад Пејо, како негова заумна мисла, како сенка и како идеја за општа правда и праведност. Како осовременета книжевна вистина за фолклорното наследство. Оваа одлична раскажувачка јас-точка на измислен лик сопoстaвен на Итар Пејо, целосно ги освојува читателските симпатии и на распнатото јаже помеѓу измислениот лик и неговиот „непријател“ – фолклорниот херој, еквилибристички вешто го движи исписот на новата можна книжевна вистина. Или тајна…“

    Оливера Ќорвезироска

    200,00 ден250,00 ден
  • Секој со своето езеро

    „Ноќ во музејот. Мојот пријател од сеќавањето го нема. Коридорите, празни, бескрајни и ладни, болно се повторуваат. Се бркам со некакви призраци низ редови од стакларници, бледи сеќавања и контури кои испаруваат во темнината. Чекорам по патишта што останале неизгазени и наеднаш, без да знам како, се наоѓам во депото на музејот. Месечината го осветлува пијаното што стои покрај ѕидот напластено со прашина. Врз него запрашени стојат партитури на Мусоргски. Во аголот празен кафез за птици. Наведната над пијаното стои сенка. Капакот е затворен, но од срцето на инструментот се слуша речиси нечујна мелодија. Реката се бранува по музиката и музејот се преплавува со мастилава вода. Во собата влетува друга сенка. И сега сме тројца“.

     

    Збирката раскази „Секој со своето езеро“ е составена од 14 кратки раскази кои тематски осцилираат околу загрозените урбани пејзажи на градот, околу идентитетот и отуѓувањето, љубовта и тагата, постоењето и смртта. Расказите најчесто се пишувани во минималистички манир, со исклучок на расказот „Николај и мастилавото езеро“ кој се наоѓа во средиштето на книгата. Расказите се тензични, драматични и меланхолични, проектирани во двојна перспектива и базирани на канонот на урбаниот топос. Книгата навидум е поделена на четири делови кои се најавени со куси пасажи или цитати. Пишувана е во зимата 2012 година

     

    *Книгата ја доби „Наградата за литература на Европската унија“ за 2016 година

    150,00 ден200,00 ден
  • Чејка и Чајка

    А, јас?! Досега мислев дека ‘птицата Јас’ е црвеношијка, која често прелетува низ моите песни, осамена или во јато! Ама, ете, тоа ти била птицата калуѓерка! Со перца-антени на главата! Да прима сигнали од небото! Или, пак, поинаку, со перца-дршки на главата, за кои небото ја држи во секој момент, иако ѝ дозволува да лета како што сака!.. ‘Чејка’ сум ако слетам во Македонија или во Чешка!.. Ако, пак, слетам во Полска, Украина или Белорусија, пивкам под друго име – ‘чајка’!

    100,00 ден250,00 ден
  • Додека Данте спие

    „Силвија Митевска е млада прозаистка која и припаѓа на најновата генерација македонски раскажувачи. Нејзиниот раскажувачки тон е полн свежина,умешност, возбуда, таа знае да раскажува, знае да ги слуша своите ликови и да ги води низ темните предели на раскажувањето, а резултатот на тоа одисеевско патување е проза која се чита во еден здив. Силвија Митевска е авторка за која ќе се слуша во иднина, се повеќе и повеќе“.

    Лидија Димковска

    „Ретко се случува при добивање ракопис на дебитант да се открие талент којшто веќе својата дарба ја здружил со не мала писателска умешност, односно – занает. Во дебитантската книга раскази на Митевска видливи се трагите на прозниот артизам, кој токму врз жанрот расказ поставува максимални барања пред авторот. Книгата Додека Данте спие е вистинска радост за македонската современа прозна продукција“.

    Венко Андоновски

    150,00 ден250,00 ден
  • Дневна соба

    Дневна соба на Јана Лозаноска претставува возбудливо четиво за длабокиот процес на човековото внатрешно растење, за потребата од постојаното понирање во внатрешниот свет како начин на расоблекување на душата и нејзино ослободување од слоевите на стравовите, неискреноста но и удобноста на надворешниот свет како пречки кои го затемнуваат повторното раѓање, светењето на личниот, интимен и длабок човечки свет. Преку вкрстувањето на постапките на монологот и дијалогот и преку вештото ослонување на визуелните области на сликарството и фотографијата авторката ги креира, расне и оспособува своите четири лика во современи носители на оригинални примери за преиспитувањето и осознавањето во процесот на човековото будење. Ваквата книжевна постапка на Јана Лозаноска успешно нивелира во структуралната, содржинската, книжевно-јазичната и естетската хармонија на делото, а сето тоа заедно го отелотворува возбудливиот, слоевит и примамлив ракопис насловен Дневна соба“.

    Софија Грандаковска

    100,00 ден150,00 ден
  • Ги најдов во длабокото

    „Каде се децата?“ ме праша повторно, како да е неарна, како друго и да не умее да зборува, како сè наеднаш да заборавила и се деформирала во три очајнички збора што се претесни за нејзините отровни очекувања што сосема неправедно не и дадоа шанса на мојата кутија, и го наполнија грлото. Ја замолчив со украден бакнеж, бидејќи до бакнување не и беше дојдено, малку се закашла и и се прилоши, се избриша со нежните ковчиња на левата дланка и прашално ме погледна. Тогаш го реков ова: „Нола, децата не ги најдов, но погледни што најдов во длабокото“, и ја отворив кутијата полна со накит, блескави дијаманти и сафири, наредени на елегантни ѓердани како гласни прстени на опашката на ѕвечарката, златни алки и брошеви, измиени од погледи и надежи, сосема заборавени во непознатото, отпишани како соништа, парички што купуваат денови за нови насмевки. Низ солзи ме погледна, со студени прамни ветер во косата разлетана врз рамена и одвај молкум се насмеа. Со својата насмевка.

     

    „Читајќи ги фантазмогоричните прози во збирката Ги најдов во длабокото, читателот цело време има чувство дека плови во длабоки води: во непрегледните длабочини на ликовите од расказите, но и во сопствените длабочини“.

    Владимир Мартиновски

    150,00 ден250,00 ден
  • Исповедни финеси

    …Десет дена гестикулиравме, пантомимиравме и ономатопеиравме во вода и на суво. И многу се бакнувавме. За Финците знаев дека скијаат, дека им е студено и носат големи ќулафки, дека имаат илјадници езера, дека сауните им се фински и се возат со ирваски запреги со санки. Лати велеше дека сето тоа би го дала за вакво море. Успеав да кажам дека сето море е во нејзините очи…

    …Вие (идни покојници) можете да живеете валкано колку што сакате, можете да штедите вода (и сапун) за своето капење а да се возите во тазе испрано порше, можете да ручате со неизмиени раце и по големата нужда, но знајте дека од последното капење нема да се спасите. А во помнењето на оние по Вас – каква иронија – секогаш ќе останете нечисти.

     

    „Со „Исповедни финеси“ Влатко Галевски формулира едно апсолутно исклучително и исто толку потребно стојалиште на обновен респект за автентичноста на нашиот сопствен живот. Длабоко сум убеден дека книгава што ја држите во рацете спаѓа во онаа хуманистички инспирирана и естетски афирмирана литература од рангот на Саројан, Селинџер, Ефраим Кишон, а којашто одигра витална улога во самопочитување на цели генерации“.

    Ферид Мухиќ

    100,00 ден250,00 ден
  • Атена со пенис

    Реченицата на која Виктор никогаш не успеа да и ја открие длабоката езотерична симболика, ама беше убеден дека зад неа се крие севкупната смисла на постоењето, речница што ја изговараа сите водители и гости од естрадата, гласеше: на мојот албум се поместени толку и толку хитови. Виктор знаеше, сите што ја бараа суштината на постоењето во старите езотерични учења, во религиозните книги, во окултистичките ритуали, во науката како квантната физика, на пример, сите тие бараа на погрешно место. Нешто бескрајно тајно и непроценливо важно се криеше во мистиката на тој зен, на таа мантра што гласеше: на албумот се поместени толку и толку хитови.

    Како ли изгледа чувството кога ќе ја запознаеш жената на својот живот после низа ретардирани настани кои ти го искомплицирале животот до границите на хаосот, за судбината потоа да те земе од таа жена и да те упати во затвор за несторен престап, ама пред да те понесе кон темницата на твојата иднина ставајќи ти лисици на раце да ти каже цинично дека онаа што ја сретна, всушност е лезбејка, а лезбејките по некоја чудна логика се жени кои сакаат жени, како ли навистина излгледа тоа проклето чувство? Тоа чувство изгледаше исто како Виктор. Виктор не беше пријатна глетка за гледање.

    150,00 ден250,00 ден
  • Куфер за тројца

    Бистра не вели ништо. Како да и е страв од Симона. Како можеше пред малку онака да се смее и да се зеза пред продавница?
    Симона не забележува дека ја гледаме.
    − Симона… кај ојме?
    Насетувам нијанса стравопочит во сопствениот глас.
    Ништо. Симона е во транс.
    Би и се приближува.
    − Симона, на кај идеме?
    Симона отсечно ги подраширува очите. Дури и погледнува лево-десно. Не вели ништо.
    Нема поим кај одиме.
    Кутра девојка. Изгубена е. Во секоја смисла. Вози право, без размислување. Како да сака да избега од куферот.
    Како куче на кое му врзале канта на опашката.

    200,00 ден250,00 ден
  • Кругови

    „Она што го одликува кусиот роман „Кругови“ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот. Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна. Некој поупорен критичар би нашол во прозата на Иванова елементи на филмско сценарио, визуелни елементи во секој случај, затоа што она што доаѓа како плод на визуелното искуство, а тоа е монтажата, дијалозите, атмосферата, има многу визуелни наслојки. Но, токму тоа му дава на „Кругови“ една современа постмодерна структура, што сигурно ја вклучува Иванова во редот на најљубопитните истражувачи во новата македонска проза“.

    Александар Прокопиев

    100,00 ден170,00 ден