Прикажани 1–40 од 118 книги

  • Средни години

    Алеш Мустар со пораките и уметничката вредност на својата оригинална автопоетика, со оваа збирка претставува неповторлив глас во словенечката поезија.

    Жири за наградата „Вероника“

    Поетскиот глас е разбирлив, непосреден и емотивно обележан, а уште една одлика на авторот е високата мера (само)иронија, црн хумор, па и цинизам од една, како и остра општествена критичност од друга страна.

    Кристина Слуга, „Букла“

    На „Средните години“ на Алеш Мустар нема што да им се забележи. Кон тоа најмногу придонесуваат комуникативната дикција, неприсилената поетска градба и крајно луцидната иронија на неговата поезија.

    Мартина Потиск, „Содобност“

    150,00 ден200,00 ден
  • Голтка восхит од солзите на вечноста

    „Можеби некој во поезијата на Русјаков ќе препознае далечен одек од она што некогаш се нарекуваше „граѓанска“ или „ангажирана поезија“. Сеедно. Но, таа не го содржи во себе нивниот идеолошки идеализам, витализам и поента или децидна порака за хуманизам и етика. Таа, според нас, е најблиска до битничката позеија, која повеќе децении беше хит на Западот, а и денес не пресушила. Битничката поезија значеше бунт против истрошената и брутална капиталистичка цивилизација, која за најголема вредност го прогласи капиталот, а за најголема филозофија, филозофијата на материјалниот профит”.

    Ефтим Клетников

    150,00 ден200,00 ден
  • Клупа меѓу светови

    Втората поетска збирка „Клупа меѓу светови“ на Горана Митровиќ во која поетскиот субјект, тој „осамен нудист на брегот на изложените чувства“ со автентичен, бескомпромисен и човечки глас изјавува: ја знам единицата мерка за сопствената сила/ на крајот сум или на почетокот?!/најчиста бев кога изгубив сè/правиме плетенка од нашите судбини/во кругот сум/песни претворени во некролози/градот ми беше пружена дланка па сепак, брзав дома за да се осамам/убав е нашиот кревет кога не сме во него и др. заслужува да се прочита во целост за да се открие контекстот и суштината не само на посочените стихови туку и на секоја песна пооделно. Во свет во кој или животот и смртта нè лажат или се самозалажуваме, песните на Горана Митровиќ се песни „со кои се учи вистината“.

    Лидија Димковска

    100,00 ден200,00 ден
  • Облици на моќ во современата книжевност

    Наведените книжевни мислители сметаат дека литературата има своја структура независна од општествено-политичката реалност, дека читањето поезија или приватните меѓучовечки односи не се израз на политички став. Зошто ваквите гледишта се толку влијателни и широко распространети?

    Причината, барем делумно, се должи на тенденцијата за идеализирање на литературата; на неиздржаниот став дека може да постојат трајни вредности што не зависат ниту од времето во кое авторот творел ниту од местото каде што живеел; на стравот дека ако се признае дека книжевноста зависи од општествените околности, тогаш треба да се прифати дека не важат таканаречените „објективни“ критериуми за процена на едно дело книжевно.

    200,00 ден250,00 ден
  • Филмски град

    „Игор Анѓелков е еден од ретките поинакви проследувачи на филмот кај нас, со осврти во кои вградувајќи ги сето свое знаење и љубов кон Седмата уметност, речиси секогаш вклучува и еден вид книжевен дискурс збогатен со парчиња од интимното животно искуство. Токму во ваквиот микс на книжевното и филмското писмо, Анѓелков си го изгради својот препознатлив творечки ракопис со сѐ појасно и повидливо место на нашата културна сцена. Двете нишки во неговото писмо не си одземаат ништо едната на другата, напротив, постојано си додаваат, затоа што никогаш немаат натпреварувачки однос. Примарниот интерес секогаш е јасен и прецизен, а поддршката од секундарниот е само продлабочување на аспектот, препознатлив личен авторски белег. Нивните позиции се менуваат од наслов во наслов на Анѓелков, во зависност од тоа дали издава публицистичка, есеистичка, критичка книга или белетристичка (раскази, романи). Хибридниот интерес на Анѓелков спонтано се движел и кон хибридизација на стилот, делумно и на жанрот на негово писмо. Затоа сето ова изгледа толку автентично. Кога писателот сака филм, а филмаџијата книжевност, настануваат книги како „Филмски град“ – сериозна филмска студија со фина книжевна сенка на стручните, компетентни реченици“.

    Оливера Ќорвезироска

    200,00 ден299,00 ден
  • Еден текст и една жена

    „Некој рекол дека денес е полесно да најдете добри писатели отколку добри читатели. Најновата книга на Оливера Ќорвезироска е одличен показ дека е возможно да се спојат добар читател и добар писател во една личност. Снајперски прецизните поенти и согледби, втемелени врз проникливите читања на рецентни книжевни дела со кои писателката развила читателски љубовни врски се најавени уште со насловот на книгата. Благодарение на Оливера Ќорвезироска, секој толкуван книжевен текст во оваа книга добива живи и луцидни „љубовно-критички“ интерпретации низ призмата на „една жена“. Иако станува збор за критичко-есеистичка книга, Ќорвезироска успеала да напише „Книга со срце“. Љубовта кон Текстот е двојно кодирана: како кон Текстот за кој се пишува, така и кон Текстот што притоа се испишува. Оваа книга е истовремено силен демант на честата теза за „смртта на книжевната критика“ во нашиот книжевен контекст“.

    Владимир Мартиновски

    „Во состојба на замирање на книжевната критика која претставува прекршено огледало за книжевните дела и нивни апсолутен евалватор и канонизатор, еве авторка која и покрај сопственото раскажувачко творештво несебично им се посветува и на своите современици. Кога ги читаме критичките текстови на Оливера Ќорвезироска полни со издржани ставови, со свест и одговорност за критичко вреднување, со поставување на делата во вистински книжевен и културен контекст, текстови напишани на чист и убав јазик, посакуваме да ги прочитаме и делата за кои зборува, но, исто така, денес речиси секој автор/авторка посакува за неговото/нејзиното дело да се произнесе токму Оливера Ќорвезироска“.

    Лидија Димковска

    „Оливера Ќорвезироска нема никакви предрасуди кон книжевните дела, што е вистинска реткост: имено, за неа од примарно значење не е дали некој автор е дебитант или е веќе етаблирано име во македонската книжевност за да реши да пишува за некое негово/нејзино дело. Зашто, Оливера секогаш пишува за книга, а не за автор; таа ги бара, и ги пронаоѓа, книгите во кои открила книжевни вредности, не чекајќи тие претходно да станат познати во јавноста или признаени од критиката“.

    Калина Малеска

    150,00 ден300,00 ден
  • Варијации на магичниот реализам

    Книгата се занимава со специфична и не толку позната тема кај нас која ја проследува појавата на магично-реалистичната нарација во светски и македонски рамки, нејзината концептуализација, варијабилност и типологизација. Поаѓајќи од историјатот на терминот магичен реализам, кој се појавува во раните дваесети години на минатиот век и паралелното и взаемно фигурирање на чудесното и реалното, се открива суштината на овој комплексен и суптилен феномен.

    Авторката се труди да го разјасни концептот на магичниот реализам преку неговите допирни релации со други блиски поетики и области (особено оние кои го имплицираат присуството на чудесно) како надреализмот и фантастиката. Посебно внимание му се посветува на присуството на реализмот во магичниот реализам, кој е дефиниран како стремеж кон подобрување на реалистичната нарација…

     

    „Варијации на магичнот реализам во светскиот и македонскиот роман“ од Фросина Пармаковска претставува успешен обид за доближување на концептот на магичнореалистичната нарација на македонската научна јавност. Посебен придонес претставува, предложената сопствена систематизација и типологизација, која говори за една прецизност, акрибичност и посветеност на материјата која се обработува.

    д-р Јасмина Мојсиева-Гушева

    100,00 ден200,00 ден
  • Филм.мкд

    „Конципирајќи ја книгата со мешавина од интервјуа и рецензии низ кои прави пресек токму на филмот во Македонија во новиот милениум, Анѓелков успева да проникне во филмската приказна на овие простори, создавајќи дело кое од една страна фактографски го проследува филмот во Македонија во 21. век низ сведоштва на директните протагонисти во приказната, а од друга страна истото претставува документ-тестамент за едно време во кое филмската уметност кај нас создаде дела кои од различен агол зборуваат за тешката транзиција, но и нè навраќаат во некои минати времиња, препрочитувајќи ја историјата на автентичен, авторски начин. Имајќи го предвид горенаведеното, сметам дека вакви филмолошки изданија се еден од клучните сегменти за развој на филмската култура, а воедно се потребни и за генерациите кои во иднина ќе го проучуваат македонскиот филм и историјата на македонската кинематографија“.

    м-р Мими Ѓоргоска Илиевска

     

    *Авторот за книгата ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за 2015 година.

    200,00 ден299,00 ден
  • Слики со животна уверливост

    „Ова е дело кое несомнено недостасува во македонската филмска литература, не само како теориски труд при кој се објаснува процесот на филмската монтажа како важен творечки сегмент во аудиовизуелното обликување на документарниот филм преку анализа на делата на Владимир Блажевски, туку се обидува да укаже и на важноста и нужноста од авторски документарни филмови во Македонија. Делото зборува за креирањето на документарниот филм како комплексна и одговорна задача со темелна опсервација и сликовен опис на нештата, апострофирајќи ја филмската монтажа која ги истакнува латентните вредности на материјалот“.

    м-р Лазар Секуловски, декан на ФДУ во Скопје

    150,00 ден250,00 ден
  • Изворите на сепството

    „За академската читателска публика, Чарлс Тејлор е еден од најзначајните филозофи на нашето време.“

    Contemporary Sociology

    „Во последниве неколку децении, Изворите на сепството несомнено е едно од најзначајните дела од областа на филозофијата на моралот и историјата на идеите… Неверојатно длабоко и продуховено истражување на модерниот идентитет.“

    Times Literary Supplement

    „Ова големо дело претставува сложен и добро изведен спој на историски и теориски пристап кон двете најважни теми во современата филозофија – моралот и идентитетот… Ретки се книгите кои истовремено нудат толку широк опсег во истражувањето и толку храбри и важни заклучоци.“

    New York Review of Books

     

    „Национализмот неизбежно опфаќа извесни нарации, често измислени, фантастични и анахрони, понекогаш приближувајќи се до мистификација, при што крајно произволни политички конструкции се обвиваат со ореол на лажна древност. Но, за да има идентитет, нацијата на еден или на друг начин бара и развива одредена слика на својата историја, генеза и развој – на своите страдања и своите достигнувања. Овие приказни нè опфаќаат целосно и образуваат слики за нас и за нашето минато – и тоа повеќе отколку што обично сме свесни. Тоа е крајно важен вид на експресивно обликување на нашиот свет.“

    400,00 ден630,00 ден
  • Филозофот игра фудбал

    Насловот на книгата го парафразира првиот, и на некој начин, воведен и методичен егземпларен есеј во книгата, “Кант игра фудбал”. Жмегач го споредува фудбалот кој го играат најдобрите светски екипи со оној кој го играат селските клубови, духовито навестувајќи ја фудбалската утопија – средба на светскиот првак со екипата од малото населено место Цабуна. Авторот заклучува дека предлогот “не е фер”, но и’ придава моќ на самата игра – и тоа како би било весело во тој натпревар светските прваци да изгубат од Цабунчани, и поентира – тоа би била победа на моралот над спортот.

    Впрочем, и светските шампиони и момците од Цабуна играат со топка која подеднакво е кружна, но за овие другите таа не е предмет кој “значи пари”. А тие момци, и понатаму дрибла Жмегач, “веројатно не слушнале за Кантовата книга за естетика, а токму самите тие се алегориски приказ на клучната мисла на теоријата на уметноста и основата на убавината на филозофот”, бидејќи, не’ потсетува на асот од Конигсберг – “убаво е она што е исполнето со самобитна смисла и не и служи на некоја друга, хетерономна цел”.

    100,00 ден250,00 ден
  • Болестите на модерното време

    Во „Болестите на модерното време“ авторот се фокусира врз модерниот концепт на само-исполнување, често напаѓан како централна поддршка на она што се дефинира како „култура на нарцизам“.

    Мислењата околу трансформацијата на модерната култура и општество се поларизирани, па токму затоа Тејлор се обидува аргументирано да одговори што треба да претставуваат суштинските потреби на современиот човек, не прескокнувајќи ги традиционалните вредности и социјалните обврски во заедницата како автентични импулси кои треба да бидат вградени во вредностите на новото време.

    Неговиот став дека со разграничување на доброто кон кое се стремиме од социјалните и политичките опасности кои постојано не демнат, можат да создадат добра база за подобро утре на човештвото.

    100,00 ден250,00 ден
  • Ши

    Рекоа за „Ши“:

    „Ова дело е доказ дека кога на едно место ќе се сретнат брилијантен ум, ерудитско знаење, остроумен хумор и талент за пишување, не мора по секоја цена да излезе добар роман“.
    Коља Мрак

    „Толку често сум цитиран во романов, што во еден момент помислив дека јас сум го напишал“.
    Валтер Бенјамин

    „Мислам дека гавранот е земен од кај мене“.
    Едгар Алан По

    „Ми се допадна местото во книгата каде што авторот вели дека ги сака моите кратки раскази, но не би се согласил со него за моите филмови – тие се исто така многу добри“.
    Вуди Ален

    „Никогаш не сум носел чадор, а не пак, да сум удрил некого по глава. Но, тоа што сум претставен така многу зборува за личноста на авторот и за социјално-психолошката состојба во која го создал ова недело“.
    Ернест Бекер

    „Донеси шише ракија кога ќе идеш наваму, Гане нѐ отру со смутија“.
    Петре

    „Зошто не пробаш од ова да направиш филм?“
    Дејвид Мемет

    „Нe мачи се, нема будала што ќе ти го режира!“
    Квентин Тарантино

    „Јас би пробал, и така немам свежа идеја што би ја искористил за мој последен филм“.
    Мартин Скорсезе

    „Ве читам и се смеам“.
    Смртта

    200,00 ден299,00 ден
  • Приказни на тивок оган

    „Расказите во збирката „Приказни на тивок оган“ на Светлана Камџијаш се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура. Нив авторката успеала да ги напише со онаа тешко остварлива виртуозност која подразбира да се раскаже флуидно она што е најтешко за искажување. Способност која можеби најдобро може да се опише ако се обидеме да преобликуваме една констатација искажана за лик во еден од расказите во оваа книга: „Невидливото го правеше видливо“. За неа, за нејзината раскажувачка умешност и уметност, тоа би било: Невидливото и тешко искажливото го прави видливо, преку зборовите. Во тоа искажување на она што најчесто останува обвиено од молкот, Светлана Камџијаш тргнува од деталот и стигнува до сепроникнувачка целина, започнува со мигот и го опфаќа животот“.

    Гоце Смилевски

    200,00 ден250,00 ден
  • Последните денови на Ханс

    Не би сакал да стекнам репутација на нихилист, јас ги сакам власта и законите исто колку и моралот. Така често си размислувам, што би правел со себеси ако не се издигнев до небото, тогаш веројатно сè би било лишено од објективно значење. Но, ми беше предодредено да допрам една половина од светот и сè што ќе допрам да биде мое. Не сакам да мислите дека сум фаталист, напротив, јас преку својата волја и интелигенција бев предодреден за таа улога. Самиот постигнав сè. И тука нема никаква случајност, сепак не сакам да звучам како детерминист. Не, не сум ни тоа. Ниту емпирист, јас немав никакво искуство пред да ги поседувам сите тие добри работи, ниту рационалист, оти и денес не се водам од разумот, туку од возвишените чувства на срцето. Отворено застанав зад желбите за моќ и доминација без никаков проблем. Не сум опортунист, не сакам да бидам погрешно сфатен. Покрај своите интереси, јас се грижев и за интересите на светот. Ниту макијавелист, бидејќи на крајот бев крајно изманипулиран и предаден. Во својата најдлабока внатрешност, јас сум плашливец, слаб и повреден човек.

    200,00 ден250,00 ден
  • Пластични раскази

    „Ова се раскази за еден забеган, изопачен свет, раскази на кои не можаме да им се лутиме за нивната бруталност и тератологија, за нивниот веризам и шок-сликите на телото, затоа што тие говорат за еден – таков свет. Наш свет. Кога само малку овие раскази би се спуштиле од зоната на надреалното, тие би можеле да бидат претставници на еден нео-реализам; нема човек кој би се осмелил да тврди дека реалниот свет во кој живееме е помалку брутален од оној свет во расказите на Илов. Само, во неговите раскази тој е питорескен. Импресионистички до крв, до црвената боја на крвта. Тоа се раскази кои покажуваат дека и под пластиката што станува метафора за нашиот свет – има крв. И дека и таа пластика може да прокрвави. Дека има душа!“

    Венко Андоновски

    200,00 ден250,00 ден
  • Послушен брод што плови

    Си седиме на ладниот кујнски под.
    Тој жив, јас мртва во неговите прегратки.
    А не сакам да оди во затвор, да можеше да ме чуе ќе му кажев да се собере и да најде начин да ми го фрли телото некаде, во некој ендек, да изгледа како несреќа. Можеби ме убил некој крадец, ме силувал некој силувач, ме измачувала некоја ментално нестабилна личност, нешто, што било можело да ми се случи.
    Но тој седи и плаче како мало дете.
    Па, добро, ништо страшно, еднаш секако ќе се разделевме, некој мора да умре.
    Што е важно каква е смртта.

    200,00 ден250,00 ден
  • Пливање спротиводно

    „Ненад Јолдески ги покажува своите вештини на опишување на урбаните и природните амбиенти и пејзажи, особено оние кои нескриено го сигнализираат присуството на Струга и струшкото крајбрежје. Тој ни нуди едноставна, но современа нарација која е интимно поврзана со неговото струшко-македонско ментално битие од каде што тој поаѓа во освојување на книжевниот свет и каде што се враќа за да му даде смисла на тој свој свет. Се враќа постојано назад, а всушност продолжува напред, преосмислувајќи ги парадигмите на враќањето врз параболата на јагулите. Раскажувајќи ја македонската сага врз предлошката на јагулите, на Охридското Езеро на Дрим. Река која не исчезнува“.

    Катица Ќулавкова

    200,00 ден250,00 ден
  • Шепотот на Данте

    „Расказите во „Шепотот на Данте“, осум на број, на чудесен начин го продолжуваат тематското ткаење на Митевска започната уште со првата нејзина збирка раскази „Додека Данте спие“ што имаше убав успех кај читателската публика. Нема сомнеж дека преку постапката на очудување, Митевска го слика нашето секојдневие, но секогаш видено од нејзин специфичен агол, максимално изневерено а со тоа суверено претворено во убава, сугестибилна проза. Во сите осум раскази, од „Бесмислица“ до последниот „Мојата среќа“, Митевска излегува од рамките на секојдневното и моќно го надоградува истото за кога ќе ни го презентира напишаното, да не изненади со ефектен крај смислен од оваа наша уникатна раскажувачка“.

    Драги Михајловски

    150,00 ден200,00 ден
  • Улиците што ги нема

    „Во расказите од оваа мудро замислена и мајсторски реализирана книга на Оливера Ќорвезироска луѓето живеат во улиците чиишто некогашни имиња ги одвеал наумничавиот ветар на историјата. Градот во кој тие улици некогаш постоеле е Скопје, бездруго е Скопје, и улиците бездруго некогаш ги носеле имињата што ги спомнува Ќорвезироска. Се’ е конкретно, мошне проверливо и цврсто вкотвено во реалноста. Но овие раскази никако не би смееле да ги разбереме само како сентиментален ламент по некогашните белези на градот. Ќорвезироска успева, на еден извонредно деликатен и ненаметлив начин, да ни сугерира дека судбините на тие луѓе кои живееле во „улиците што ги нема“ се по некој невидлив, но сепак, неумоливо насочен пат поврзани со исчезнувањето на некогашните називи. Секој од овие извонредно заокружени раскази, а и сите заедно, како целина, ни кажуваат дека промашеноста, напразноста и ефемерноста на тие животи е во некаква тајна, длабока врска со непостојаноста и минливоста на имињата што ја означувале нивната адреса и некогаш претставувале цврст репер на нивното постоење“.

    Влада Урошевиќ

    200,00 ден250,00 ден
  • (Со)шиени раскази

    „И во ‘(Со)шиени раскази’, како и во сите претходни дела на Оливера Ќорвезироска, се чувствува посебниот однос што таа го има кон/со јазикот. При гласното исчитување на расказите од циклусите „Оверлок“ и „Цик-цак бод“, читателите ќе забележат дека, дали заради начинот на кој се врзани еден со друг, или заради целата приказна што ја носат, или и заради едното и другото, зборовите имаат едно специфично синестезичко својство. Тие понекогаш блеснуваат со светлоста на пастелните тонови, понекогаш се матни, густо нанесени бои, другпат се драматично јарки, а секогаш како со игла го допираат срцето. И секогаш се борат за смислата на постоењето, а против бесмислата и недоразбирањето.“

    Гоце Смилевски

    200,00 ден350,00 ден
  • Небо без ѕвезди

    „Зошто небото е без ѕвезди? Како мравката прославува роденден? И кога буквите од книгата играат танго? Потрагата по одговори во овој чудесен свет од слики и звуци претставува радосна игра за сетилата и духот, вистински празник на мигот овде и сега. Оваа книга на Владимир Мартиновски нуди една неповторлива читателска авантура“.

    Лидија Капушевска-Дракулевска

    „Кој не знае да чека, џабе брза!“ – така започнува еден од 77 хаибуни за уметноста на дребноста, за оние работи што брзите луѓе не ги забележуваат, а бавните секогаш одново ги зачудуваат“.

    Владимир Јанковски

    200,00 ден250,00 ден
  • Собирачи на пепел

    Силвија силно и долго го загриза задниот дел од дланката и остави трага од забите по кожата. Тоа беше нешто што не сум видел некој да го направи толку многу години.

    Се сетив дека како деца го правевме истото, така што нејзиниов гест го сметав за уште еден показател за неслучајноста на прекрстувањето на нашите животи.

    Порано се гризнувавме за задниот дел од дланката, а трагите што ќе ни останеа претставуваа замислен часовник. Си мислам дека на тој начин се учевме на измисленото време. Си создававме лажен впечаток на мерливоста. А деновите минуваа, истекуваа и ги снемуваше, како што ни исчезнуваше и раната. Па одново ќе си создадевме мерливо време, ќе се гризневме, ќе се преправавме дека тоа значи нешто за нас.

    Сметав дека тоа е мошне посебна детска игра, која ѝ припаѓа на сосема мал кружок. Затоа ме изненади тоа што и Силвија го изведе гестот на шега.

    „Види“, ми рече и ми го покажа божемниот часовник, кој бавно го снемуваше, како што полека кожата се враќаше на место. Слично на излекувана рана, си помислив. И заборавив да ѝ погледнам од спротивната страна на дланките, на местото на рачните зглобови. А можев да го направам тоа.

    „Ништо не се петнаесет години, глеј колку брзо ги снемува“, рече Силвија и си ја погали бледата трага од угризот.

     

    *Книгата ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за 2016 година

    200,00 ден250,00 ден
  • Мојот непријател Ита Пејо

    „Ништо веќе по „Мојот непријател Итар Пејо“ на Калина Малеска нема да биде како што беше со нејзините раскази, но и со приказните на Итар Пејо, зашто, кога и да ги слушнеме – ќе знаеме дека еден фиктивен книжевен лик со заборавено име стои како глас и зад неа, но и зад Пејо, како негова заумна мисла, како сенка и како идеја за општа правда и праведност. Како осовременета книжевна вистина за фолклорното наследство. Оваа одлична раскажувачка јас-точка на измислен лик сопoстaвен на Итар Пејо, целосно ги освојува читателските симпатии и на распнатото јаже помеѓу измислениот лик и неговиот „непријател“ – фолклорниот херој, еквилибристички вешто го движи исписот на новата можна книжевна вистина. Или тајна…“

    Оливера Ќорвезироска

    200,00 ден250,00 ден
  • Секој со своето езеро

    „Ноќ во музејот. Мојот пријател од сеќавањето го нема. Коридорите, празни, бескрајни и ладни, болно се повторуваат. Се бркам со некакви призраци низ редови од стакларници, бледи сеќавања и контури кои испаруваат во темнината. Чекорам по патишта што останале неизгазени и наеднаш, без да знам како, се наоѓам во депото на музејот. Месечината го осветлува пијаното што стои покрај ѕидот напластено со прашина. Врз него запрашени стојат партитури на Мусоргски. Во аголот празен кафез за птици. Наведната над пијаното стои сенка. Капакот е затворен, но од срцето на инструментот се слуша речиси нечујна мелодија. Реката се бранува по музиката и музејот се преплавува со мастилава вода. Во собата влетува друга сенка. И сега сме тројца“.

     

    Збирката раскази „Секој со своето езеро“ е составена од 14 кратки раскази кои тематски осцилираат околу загрозените урбани пејзажи на градот, околу идентитетот и отуѓувањето, љубовта и тагата, постоењето и смртта. Расказите најчесто се пишувани во минималистички манир, со исклучок на расказот „Николај и мастилавото езеро“ кој се наоѓа во средиштето на книгата. Расказите се тензични, драматични и меланхолични, проектирани во двојна перспектива и базирани на канонот на урбаниот топос. Книгата навидум е поделена на четири делови кои се најавени со куси пасажи или цитати. Пишувана е во зимата 2012 година

     

    *Книгата ја доби „Наградата за литература на Европската унија“ за 2016 година

    150,00 ден200,00 ден
  • Чејка и Чајка

    А, јас?! Досега мислев дека ‘птицата Јас’ е црвеношијка, која често прелетува низ моите песни, осамена или во јато! Ама, ете, тоа ти била птицата калуѓерка! Со перца-антени на главата! Да прима сигнали од небото! Или, пак, поинаку, со перца-дршки на главата, за кои небото ја држи во секој момент, иако ѝ дозволува да лета како што сака!.. ‘Чејка’ сум ако слетам во Македонија или во Чешка!.. Ако, пак, слетам во Полска, Украина или Белорусија, пивкам под друго име – ‘чајка’!

    100,00 ден250,00 ден
  • Додека Данте спие

    „Силвија Митевска е млада прозаистка која и припаѓа на најновата генерација македонски раскажувачи. Нејзиниот раскажувачки тон е полн свежина,умешност, возбуда, таа знае да раскажува, знае да ги слуша своите ликови и да ги води низ темните предели на раскажувањето, а резултатот на тоа одисеевско патување е проза која се чита во еден здив. Силвија Митевска е авторка за која ќе се слуша во иднина, се повеќе и повеќе“.

    Лидија Димковска

    „Ретко се случува при добивање ракопис на дебитант да се открие талент којшто веќе својата дарба ја здружил со не мала писателска умешност, односно – занает. Во дебитантската книга раскази на Митевска видливи се трагите на прозниот артизам, кој токму врз жанрот расказ поставува максимални барања пред авторот. Книгата Додека Данте спие е вистинска радост за македонската современа прозна продукција“.

    Венко Андоновски

    150,00 ден250,00 ден
  • Дневна соба

    Дневна соба на Јана Лозаноска претставува возбудливо четиво за длабокиот процес на човековото внатрешно растење, за потребата од постојаното понирање во внатрешниот свет како начин на расоблекување на душата и нејзино ослободување од слоевите на стравовите, неискреноста но и удобноста на надворешниот свет како пречки кои го затемнуваат повторното раѓање, светењето на личниот, интимен и длабок човечки свет. Преку вкрстувањето на постапките на монологот и дијалогот и преку вештото ослонување на визуелните области на сликарството и фотографијата авторката ги креира, расне и оспособува своите четири лика во современи носители на оригинални примери за преиспитувањето и осознавањето во процесот на човековото будење. Ваквата книжевна постапка на Јана Лозаноска успешно нивелира во структуралната, содржинската, книжевно-јазичната и естетската хармонија на делото, а сето тоа заедно го отелотворува возбудливиот, слоевит и примамлив ракопис насловен Дневна соба“.

    Софија Грандаковска

    100,00 ден150,00 ден
  • Ги најдов во длабокото

    „Каде се децата?“ ме праша повторно, како да е неарна, како друго и да не умее да зборува, како сè наеднаш да заборавила и се деформирала во три очајнички збора што се претесни за нејзините отровни очекувања што сосема неправедно не и дадоа шанса на мојата кутија, и го наполнија грлото. Ја замолчив со украден бакнеж, бидејќи до бакнување не и беше дојдено, малку се закашла и и се прилоши, се избриша со нежните ковчиња на левата дланка и прашално ме погледна. Тогаш го реков ова: „Нола, децата не ги најдов, но погледни што најдов во длабокото“, и ја отворив кутијата полна со накит, блескави дијаманти и сафири, наредени на елегантни ѓердани како гласни прстени на опашката на ѕвечарката, златни алки и брошеви, измиени од погледи и надежи, сосема заборавени во непознатото, отпишани како соништа, парички што купуваат денови за нови насмевки. Низ солзи ме погледна, со студени прамни ветер во косата разлетана врз рамена и одвај молкум се насмеа. Со својата насмевка.

     

    „Читајќи ги фантазмогоричните прози во збирката Ги најдов во длабокото, читателот цело време има чувство дека плови во длабоки води: во непрегледните длабочини на ликовите од расказите, но и во сопствените длабочини“.

    Владимир Мартиновски

    150,00 ден250,00 ден
  • Исповедни финеси

    …Десет дена гестикулиравме, пантомимиравме и ономатопеиравме во вода и на суво. И многу се бакнувавме. За Финците знаев дека скијаат, дека им е студено и носат големи ќулафки, дека имаат илјадници езера, дека сауните им се фински и се возат со ирваски запреги со санки. Лати велеше дека сето тоа би го дала за вакво море. Успеав да кажам дека сето море е во нејзините очи…

    …Вие (идни покојници) можете да живеете валкано колку што сакате, можете да штедите вода (и сапун) за своето капење а да се возите во тазе испрано порше, можете да ручате со неизмиени раце и по големата нужда, но знајте дека од последното капење нема да се спасите. А во помнењето на оние по Вас – каква иронија – секогаш ќе останете нечисти.

     

    „Со „Исповедни финеси“ Влатко Галевски формулира едно апсолутно исклучително и исто толку потребно стојалиште на обновен респект за автентичноста на нашиот сопствен живот. Длабоко сум убеден дека книгава што ја држите во рацете спаѓа во онаа хуманистички инспирирана и естетски афирмирана литература од рангот на Саројан, Селинџер, Ефраим Кишон, а којашто одигра витална улога во самопочитување на цели генерации“.

    Ферид Мухиќ

    100,00 ден250,00 ден
  • Атена со пенис

    Реченицата на која Виктор никогаш не успеа да и ја открие длабоката езотерична симболика, ама беше убеден дека зад неа се крие севкупната смисла на постоењето, речница што ја изговараа сите водители и гости од естрадата, гласеше: на мојот албум се поместени толку и толку хитови. Виктор знаеше, сите што ја бараа суштината на постоењето во старите езотерични учења, во религиозните книги, во окултистичките ритуали, во науката како квантната физика, на пример, сите тие бараа на погрешно место. Нешто бескрајно тајно и непроценливо важно се криеше во мистиката на тој зен, на таа мантра што гласеше: на албумот се поместени толку и толку хитови.

    Како ли изгледа чувството кога ќе ја запознаеш жената на својот живот после низа ретардирани настани кои ти го искомплицирале животот до границите на хаосот, за судбината потоа да те земе од таа жена и да те упати во затвор за несторен престап, ама пред да те понесе кон темницата на твојата иднина ставајќи ти лисици на раце да ти каже цинично дека онаа што ја сретна, всушност е лезбејка, а лезбејките по некоја чудна логика се жени кои сакаат жени, како ли навистина излгледа тоа проклето чувство? Тоа чувство изгледаше исто како Виктор. Виктор не беше пријатна глетка за гледање.

    150,00 ден250,00 ден
  • Куфер за тројца

    Бистра не вели ништо. Како да и е страв од Симона. Како можеше пред малку онака да се смее и да се зеза пред продавница?
    Симона не забележува дека ја гледаме.
    − Симона… кај ојме?
    Насетувам нијанса стравопочит во сопствениот глас.
    Ништо. Симона е во транс.
    Би и се приближува.
    − Симона, на кај идеме?
    Симона отсечно ги подраширува очите. Дури и погледнува лево-десно. Не вели ништо.
    Нема поим кај одиме.
    Кутра девојка. Изгубена е. Во секоја смисла. Вози право, без размислување. Како да сака да избега од куферот.
    Како куче на кое му врзале канта на опашката.

    200,00 ден250,00 ден
  • Кругови

    „Она што го одликува кусиот роман „Кругови“ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот. Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна. Некој поупорен критичар би нашол во прозата на Иванова елементи на филмско сценарио, визуелни елементи во секој случај, затоа што она што доаѓа како плод на визуелното искуство, а тоа е монтажата, дијалозите, атмосферата, има многу визуелни наслојки. Но, токму тоа му дава на „Кругови“ една современа постмодерна структура, што сигурно ја вклучува Иванова во редот на најљубопитните истражувачи во новата македонска проза“.

    Александар Прокопиев

    100,00 ден170,00 ден
  • Тринаесеттиот месец

    Лена се ѕвери во него неколку секунди, а потоа со сериозен израз на лицето заминува кон црквата. Господи, зошто ми ја испрати, си мисли Владимир дури ја гледа како заминува, што треба да значи нејзиното доаѓање и дали никогаш за тоа нема да добијам одговор, како што никогаш не ми одговори како е возможно да ја најдам оваа црква во зима, како е возможно по првото преспивање да се разбудам во пролет, која, еве, сè уште трае, а Господи?

    Два месеца бесмислено поминати низ Софија. Уште не сум отишол во Македонија, таа е полна со фронтови, три војски се тепаат. Велат, таму е пеколот. Ако е таму пеколот, тогаш за мене софиските улици се досадата пред пеколот. Што да прави човек кога не пишува идиотски извештаи, кога не лежи врз балкански курви? Нема што да прави, освен да скита по улици и да пуши турски хашиш. Турците ги истераа, хашишот си го задржаа. Јас ретко го пушам, ме одвојува од реалноста, тоа не ми се допаѓа. На Балканот мора секогаш да си на штрек. Не знаеш кој ќе те нападне, не си сигурен на кого ќе треба да му го извадиш скалпот. Јас си најдов како да го трошам своето време.

    Дури мине ова кусо време напнатост на средина од сцената, да ти објаснам нешто Јована. Родителите и нивната проекција на сопствените фрустрации врз децата. Можеби сум премногу паметна за своите години, а можеби сум само полудена во главата, болна во умот и сеедно ми е, ама во тоа сум убедена. Родителите и нивниот кретенски став кој почнува со прашањето, зошто ми го правиш ова. Ти си се опијанил, си скршил глава некаде, имаш воспаление на градите, а тие со тоа нивното, зошто ми го правиш ова дете? За да ти го направам животот пекол, кретену, така посакувам да одговорам на тоа.

    200,00 ден400,00 ден
  • Катализатор 33

    „И повеќе немам тело, затоа ова е еликсирот на животот, фонтаната на младоста, затоа што не можам да умрам – никогаш!“

    И во вториот свој роман, Јорданова на моменти брилјира при доловувањето на недопирливото, недофатното, она што е околу нас, но често пати не можеме да го појмиме како што треба.

    Проверете зошто „Катализатор 33“ е најсимнуваниот и најчитаниот роман на „Амазон“ од македонски автор.

    100,00 ден200,00 ден
  • Бог и бетон

    Го добив Бога, се изгубив себе. Назад? Тешко. Световите во кои престојувам не се ниту национални ниту планетарни, туку галактички. Сѐ под тоа е избледнато. Култура, уметност, што беше тоа? Сон, мираж, душевно бладање во полусон. Жал ми е за световите што одумираат, сеедно колку плитки и безначајни. Жал за љубовите кои тонат во заборав. Има ли зборови да ја опфатат љубовта за животот? Има ли зборови да ја содржат тагата за светот кој заминува во безначајност?

    100,00 ден250,00 ден
  • Холограм

    Ова се тивки дневници на копнежот и страста, но и на страдањето на поединецот, разочарувањето и среќата. Еден мал необичен свет на случки, свет кој зборува за обичните работи. Некои се опишани како експлицитни сцени од филм, а некои како неоткриен театар, кој сепак е виден.

    100,00 ден150,00 ден
  • Битлси

    Норвешките автори во последниве години наидуваат на одличен прием кај македонските читатели. Современата норвешка литература е крајно возбудлива, а меѓу имињата кои оставија длабок впечаток секако е Ларс Соби Кристенсен, кој со неговата книга „Полубратот” ја воодушеви читателската јавност. Навраќајќи се кон неговата богата библиографија, сметавме дека вредна за превод е наградуваната книга со индикативен наслов „Битлси“, за која сме сигурни дека ќе има уште поголем интерес.

    Се работи за роман од 1984 година кој се закити со многу книжевни признанија и награди, и кој не’ навраќа во едно време кога во светот постоеше само еден Бог, кој се викаше Битлси. Низ поглавјата насловени според песните на култниот британски бенд, Кристенсен ни раскажува возбудлива приказна за растењето, преиспитувањето и созревањето на четири млади момчиња од Осло, во едно време кога многу работи изгледаа невино и наивно, но сепак, доволно предизвикувачки за да ги сменат настаните од корен.

    400,00 ден690,00 ден
  • Коскени часовници

    Со „Коскени часовници“ Дејвид Мичел ја заокружува неформалната трилогија која ја сочинуваат неговите претходни два романи, „Атлас на облаците“ и „Илјадагодишната есен на Јакоб де Зут“. Следејќи го истиот модел на шест преплетени приказни, Мичел и во овој роман гради своевиден книжевен калеидоскоп, во кој централната фигура која ги обединува засебните приказни е главниот лик – Холи Сајкс.

    Така, книгата следи шест децении од животот на Холи, почнувајќи од 1984, па сè до „далечната“ иднина во 2045 година. Ова му овозможува на авторот не само да врати дел од познатите ликови од неговите претходни романи, туку и да направи мешавина од неколку книжевни жанрови – од тинејџерски семеен роман, преку психолошки трилер, до фантастика и еколошка дистопија.

    Со тоа Мичел го заокружува целото свое творештво во еден универзум низ кој се појавуваат познати ликови и теми, но секогаш низ свежа и провокативна перспектива. „Коскени часовници“ е роман кој патува низ времето, низ културите и низ жанровите – иновативна нарација и креирање на нов свет во книжевноста.

    400,00 ден590,00 ден
  • Отпорот е залуден

    Многу истраги ни имаат укажувано за „сивата зона“ меѓу организираниот криминал и светот на финансиите, составен од податливи банкари, бескрупулозни брокери, корумпирани политичари, втора генерација криминалци со дипломи по економски науки, топло дочекани во најраскошните и најнеочекувани средини. Но тешко е да се замислат во секојдневниот живот.

    Валтер Сити ги ползува ресурсите на книжевноста за да ни понуди живописен приказ на Томазо: момче со проблеми во минатото, несуден математичар и финансиски жонглер. Околу него се врти свет каде што парите владеат и изобличуваат, каде што „сопственоста е единствената вредносна мера“, телото е валута, а насилството е деловна предност. Запознаваме една умна спонзоруша и ангажирана писателка, ведар криминалец од римските предградија и меѓународен мафијаш што своето раководство го толкува како мисија. Свет каде што валканите и чистите пари се врзуваат во нераскинлив јазол, додека разликата меѓу доброто и злото се чини неизвесна и нестварна.

    Во своето наративно истражување на коренитите промени на совремието, Валтер Сити во „Отпорот е залуден“ го навестува задгробниот живот на демократијата: пекол што бара луцидно да се погледне и доживее пред (можеби и радикално) да се отфрли.

    200,00 ден380,00 ден